Посета на Британската Амбасадорка во Бигорски

Во средата, на 18 ноември, во посета на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча дојде Нејзината Екселенција Амбасадорката на Обединетото Кралство, г-ѓа Рејчел Галовеј, придружувана од нејзини соработници од Амбасадата.

На наша голема чест, Амбасадорката допатува во Бигорски по нејзина желба, сакајќи подлабоко да се запознае со манастирските содржини и со монашкото секојдневие, како и да оствари средба со нашиот Игумен, Старец и Владика, Епископот г. Партениј.

Ценетите гости беа гостољубиво пречекани од нашето монашко братство, при што им беше презентирана историјата на Бигорски, содржините во храмот и сите позначајни простории во Манастирот. По прошетката низ манастирскиот комплекс, г-ѓа Рејчел Галовеј беше љубезно пречекана и примена од Владиката г. Партениј во неговиот работен кабинет. На средбата таа ја изрази својата благодарност за приемот и воодушевеноста од историјата, изгледот и дејноста на Манастирот. Во продолжение тие разговараа за актуелните состојби во државата и притоа Владиката ја замоли Амбасадорката да помогне за напредокот на Македонија во овие тешки времиња на политичко оспорување и изолација, на што таа одговори дека Велика Британија стои цврсто зад напредокот на нашата земја.

Амбасадорката и нејзината придружба беа испратени со срдечна благодарност за посетата и почетокот на едно ново искрено пријателство.

Набрзо по посетата, на својот твитер профил, Амбасадорката објави:

„Оваа година Бигорскиот Манастир ја слави својата 1000-годишнина и патрониот Светец. Го посетив Манастирот и начув за неговата богата историја, иконостасот изработен од легендарните мијачки копаничари и за познатите зографи коишто ги нацртале фреските и иконите во црквата“.

„Бев топло пречекана од Неговото Преосвештенство Епископот Партениј Антаниски, Игумен на Бигорскиот Манастир. После сите страданија што Манастирот ги претрпел со пожари и војни, тој сè уште опстојува и придонесува за духовното, културното и историското наследство на македонскиот народ“.

Претходно, на 14 септември годинава, Британската Амбасадорка г-ѓа Рејчел Галовеј го посети и Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, каде што беше топло пречекана од сестрите и од чредниот јеромонах о. Доситеј.

Нашето монашко братство ѝ ја изразува својата благодарност на Н. Е. г-ѓа Рејчел Галовеј за нејзината почит и љубов кон нашите светињи.