Пасхална литија во Бигорски

Денес бигорското воскресно торжество го удвои благословот на нашата небесна Војвотка, пречистата Богомајка, излеан преку изворот со света вода Балаклија, кој се наоѓа во шумскиот предел под манастирот. Затоа нашето монашко семејство заедно со големиот број присутни верници пасхалната богослужба ја довршија со свечена литија до агијазмата а потоа и низ целата манастирска околина, за благословот да допре насекаде од попрскувањето со осветената вода и радосните пасхални стихови за Христовата победа над смртта и распадливоста. Дури и самата пролетна риза на природата која во знак на Воскресението блесна со раскошно цветно белило, го надополни празничниот амбиент и долови барем нишка од посакуваната рајска убавина на Горниот Ерусалим. А празничната поворка беше крунисана со уште порадосно поклонение на моштите, кои за таа свечена прилика беа изнесени во манастирскиот двор и со своето благоухание ја надополнија чудесната мирисна хармонија.

Слава Му на Воскреснатиот наш Господ Христос што ни ги исполни срцата со таква прекрасна радост и умиление, кои некако природно се надоврзаа на онаа триумфална експлозија на восхит од Пасхалната ноќ што ги растрепери и воскресна нашите срца, кревајќи нè на небото.

Христос Воскресна!