Млади битолчани со љубов за бигорскиот старец и владика

Навивачката група „Чкембари“ од Битола, на свој начин му приредија честитка на нашиот Старец и игумен Партениј, по повод неговата хиротонија за Епископ Антаниски


Група од дваесетина млади и верни битолчани, кои секогаш се подготвени со ревност и пожртвуваност да ѝ послужат на Бигорската светиња, денес извршија работна акција во нашиот манастир, на повик од браќата. Притоа, по напорниот работен ден, тие, како дел од подмладокот на навивачката група „Чкембари“ од Битола, на свој начин му приредија честитка на нашиот Старец и игумен Партениј, по повод неговата хиротонија за Епископ Антаниски. Имено, тие извадија голем транспарент со христограми на кој пишуваше „ДОСТОЕН“ и го повикаа владиката во дворот, при што започнаа да извикуваат: „достоен, достоен…“ Старецот им се поклони за нивната пожртвувана љубов и ги повика на заедничка средба, на која татковски ги поучуваше за љубовта и радост од животот во Христа, како и за тоа дека ние Христијаните треба повеќе да Го љубиме Бога и да се трудиме да живееме според заповедите Негови. Битолчаните му ја изразија на Старецот својата верност и благодарност, за мисијата што тој ја прави, вклучително и за тоа што, со помош на Божјата благодат и на неговата татковска љубов, многу нивни другари и сограѓани се избавиле од амбисот на погубните зависности.