Востоличен новиот Кумановско-осоговски Митрополит

Архимандрит Григориј нов Митрополит на Кумановско-осоговската епархија на МПЦ-ОА


Во Соборниот Храм „Свети Николај Чудотворец“ во Куманово, денеска беше отслужена Света Божествена литургија на која беше хиротонисан епископот сарандопорски архимандритот Григориј, игуменот на осоговскиот манастир за епархиски архијереј на кумановско-осоговската епархија. На хиротонијата присуствуваа архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и архијерејите на МПЦ-ОА, монаси и верници од државата.
Синодот на МПЦ-ОА на седница на 21 мај годинава го избра епископот сарадопорски Григориј за митрополит на кумановско-осоговската епархија.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во обраќањето се осврна и на работата на досегашниот митрополит г. Јосиф, укажувајќи дека двајцата подолго време биле заедно и во монаштвото и во дејствувањето во епархијата.

– Колку што епископското служење е добро и колку што е големо толку е и тешко. Ако е тешко да се биде под власт многу потешко е да началствуваш, советува свети Григориј Богослов и колку си поголем толку повеќе биди и понизен за да најдеш милост пред Господа.-кажа меѓу другото г.г. Стефан.

За епископ додава, потребни се и мудрост, трпение, кроткост, одаденост и постојаност во верата, надежта, љубовта. Тој го повика како востоличен ариереј да направи достојни дела, да го проповеда словото, службата да ја исполнува добро.

– Какви и да се времињата и потребите кои ги притискаат луѓето, проповедта на црквата секогаш е проповед на покајанието и враќањето при Бога. Па затоа сè што ќе работиш и говориш посведочувај дека Црквата е изградена и се гради и со жртва и со љубов и дека секој архијереј и секој свештенослужители се должни постојано да искажуваат благодарност со која ќе му служиме на Бога, благоугодно, со почит и со страв-рече г.г. Стефан.

Епископот, додава во говорот, треба да е трезвен, воздржлив. Тој се осврна и на потребата од поука за евангелската вистина насекаде, укажувајќи дека и по 20 столетија христијанство во Македонија сè уште жетвата е голема, а работници се малку.

– Образование во верата е потребно за сите генерации. Но во недостаток на вистинска можност, младите да се запознаат со еванглеските вистини уште во училишните години и тоа од образовани кадри во таа област, како и безможноста за Бога и за Црквата да се каже и прикаже во медиумите светите храмови ни остануваат да ни бидат единствени училници-рече г.г Стефан и го повика архиерејот кој има високи научни звања да се потруди да најде соодветни начини за поучување на Христовата наука. Тој го повика новиот митрополит да помогне во зачувувањето на единството и помеѓу архијереј, свештенослужителите, народот.

– Постојано посочувај ги пораките за тоа, колку е убаво, па и потребно браќата да живеат сложно, затоа и дека во ова наше време како никогаш досега ни треба слога меѓу браќата и љубов меѓу ближните, како и за тоа конечно да сфатиме до каде може да не однесе и што може да ни донесе нашето национално неединство-вели г.г. Стефан.

Митрополитот на кумановско-осоговската епархија, г. Григориј дека нема поголема чест отколку да се служи на Бога, укажувајќи дека е многу важно народот да присуствува на литургиите, да учествуваат, да се причествуваат. Македонскиот народ, рече ја живее полнотата на христијанскиот живот, македонската православна црква е пример за здраворастечко тело кое своите членови ги развива во богоподрживaчко единство со православните народи.

Во современата духовна дезориентираност која владее во светот, рече митрополитот, потребно е да се создаваат можности за луѓето тие да се сретнат со вистинскиот Бог.

– Свесни сме дека принципот на секуларност се повеќе станува клучна детерминанта во нашето општество и во нашиот живот и во односите меѓу црквата и државата. И го цениме религиозниот плурализам, но не смееме да дозволиме да се заборава или пак да се потценува историската вистина и примарното место и важност на националното, културното и духовното наследство, чувано, збогатувано и пренесувано од православната црква од Македонија. Вредностите што сме ги наследиле со православното предание не се само културни споменици од духовното минато, туку се залог и гарант за иднината на православниот народ, а со него и на нашата држава-рече г. Григориј.

Тој повика на зачувување на христијанскиот идентитет и вредности.

Братството на Свештената Бигорска Обител, предводено од својот старец и игумен, Епископ г. Партениј, му честита на новохиротонисаниот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, посакувајќи му благотворна пастирска дејност, крепко здравје и Божјо просветление.
На многаја лета, Владико!