Вечерна во храмот Живоносен Источник во Атина

Во рамките на Првиот меѓународен фестивал за византиско пеење во Атина, денес хорот на Свештената Бигорска Обител учествуваше на празничната и воскресенска Вечерна богослужба во прекрасниот храм на Мајката Божја, посветен на нејзиниот Живоносен Источник. Браќата пееја на црковнословенски јазик на левата храмова певница, антифоно со грчката десна певница, предводена од многу познатиот протопсалт и учител г. Спирос Павлакис. На Вечерната претстоеше Митрополитот г. Аристовул од Ерусалимската Патријаршија, сопрестолно спроти него стоеше нашиот Старец и Епископ г. Партениј, а сиот амбиент беше во духот на почетните зборови на денешната прва воскресна стихира на 7-ми глас: „Дојдете да се зарадуваме во Господа“.

На крајот од вечерната, организаторот на Фестивалот, г. Илијас Редијадис Тумбас, повторно му се заблагодари на нашиот Старец, Епископот г. Партениј и на братството, истакнувајќи го неговиот придонес за обновата и развојот на византиското пеење. Исто така, тој го награди со почесен медал протопсалтот г. Спирос Павлакис, кој од своја страна одржа трогателен говор и со восхит го пофали пеењето на нашите браќа.

На крајот говореше и старешината на храмот, протопрезвитерот отец Илија, кој забележа дека пеењето на двата хора беше толку хармонично и складно, што се чини како да учеле од иста школа и како да црпеле од истиот духовен извор.

Догматик на 7-ми глас, во храмот Живоносен Источник во Атина. Изведба: хорот на Свештената Бигорска Обител