Учество на Бигорскиот хор на Литургија во храмот Св. Пантелејмон во Атина

Тридневниот престој во Атина нашето братство, возглавено од најпочитуваниот старец и игумен, Епископ г. Партениј, по повод Првиот меѓународен фестивал за  источно православно пеење, беше крунисан со неделна воскресенска архиерејска Божествена Литургија, во храмот на Светиот Великомаченик и исцелител Пантелејмон, храм уште наречен и атинската Света Софија поради неговата големина и величественост.

Со свештен трепет, воскресенска радост и благодарност кон Троичниот Бог, беа упатени топли молитви за благослов, како и за милост и единство на православните Христијани.

На Светата Литургија чиноначалствуваше викарот на Атинскиот Архиепископ г. Јероним, Епископот Орејски г. Филотеј, кој му укажа особена чест и почит на нашиот Старец, Епископ г. Партениј и на нашето братство. Беше навистина прекрасно да се доживее тој хармоничен спој на грчкиот и словенскиот јазик преку црковното византиско пеење на хорот на протопсалтот г. Илија Редијадис Тумбас на десната певница и Бигорскиот хор под водство на јеромонахот Анатолиј, на левата певница. Духовната сплотеност на православните браќа од двете земји беше уште повеќе зацврстена со соединувањето со пречистите и бесмртни Христови Тајни, преку светото Причестие од Чашата Господова.

Благодарение на неуморната, нештедлива саможртва и заложби на нашиот старец и игумен, г. Партениј, Бог нѐ удостои да учествуваме на еден многу важен настан, не само за нашето братство и Црква, ами и за нашата држава и севкупното Православие. Учеството на Бигорското братство на Првиот фестивал за византиско пеење и на богослуженијата во атинските храмови беше со радост и топлина пресретнато и мошне позитивно и срдечно прифатено од православните браќа во Атина, вклучително и од високи црковни и државни претставници.

Нека е за слава на преслаткото име Господово, славено во Три Лица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Троица Севета и Животворна, на Која Ѝ припаѓа сета благодарност, чест, слава и поклонение во вековите на вековите! Амин.