(Видео) Именденот на Старецот Епископ г. Партениј со големи благослови

Какви благодарствени слова да искаже човечката уста за Оној Кој, преку Своите свети Апостоли, ни го подарил духовното татковство, велејќи им: Кој вас ве слуша, Мене ме слуша, – а и во наше време ни дарува духоносен родител и патеводител кон Себе? Како срцето да искаже што чувствува за оној кој од него сотворил престол на Бога Вишниот? Какви пофалби од благодарност да му сплетат чедата на својот духовен родител во Христа? Како децата да му ја изразат љубовта на таткото, кој од синови и ќерки човечки ги направил деца Божји? Срцата монашки денес се радуваат, душите на многуте верни воскликнуваат. Старецот, таа христољубива личност, свештенотајник што во таинствата нè воведува, заслонот наш кој со утеха и грижа нè засолнува, сведок на крстовоскресната љубов која Божјата милост на земјата ни ја симнува. И неслучајно, еден од најголемите Старци на новото време и учител на монасите, блаженоупокоениот Архимандрит Емилијан Симонопетриски, рекол дека во благодатната личност на Старецот се состојат и Небото и Земјата, во него се наоѓа вечноста и рајската наслада. Старецот е оаза во пустината на овој суетен и минлив свет, зборот негов пребива во вечност, а неговиот благослов е подрагоцен од сета вселена.

Токму поради тоа, именденот на Старецот е толку посебен ден за сите негови чеда. Особено тој е празник и слава за монасите. Затоа нашата Свештена Обител со толкава радост и почит го прославува именденот на својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој скоро три децении христоподобно ја води кон богопознание и богољубие. Но не се само монасите оние кои му се радуваат на Старецот; тука е и огромното множество негови духовни чеда, кои како река, од сите страни се слеваат во Манастирот, за да ја изразат својата најтопла љубов и да ги соединат смирените молитви и благодарности со духовниот татко, чијашто љубов и жртва ги направила среќни во Христа.

Достоинственото и молитвено славење на споменот на небесниот закрилник на нашиот Старец оваа година го доби најсјајниот украс и најголемиот благослов, преку присуството и молитвеното учество на почитуваниот и драг Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој силно нè зарадува со татковскиот поздрав и срдечните благопожелби и благослови од Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Посебно доживување за присутните беше и умилителното и хармонично пеење на славниот хор „Тропос“, кој допатува дури од Атина, за низ молитва и псалмодија да го возвеличат богослужбеното торжество.

За возврат на големата љубов искажана кон него, нашиот Старец пред почетокот на Вечерната им се обрати на сите со благодарствена беседа за значењето на заедништвото во Бога:


Ваше Високопреосвештенство, почитуван и свет Митрополите на Имврос и Тенедос, г. Кириле,

Вископреподобни, сепреподобни и сечесни отци,

Возљубени, браќа, сестри и чеда,

Кога Божествениот поет и пророк Давид воскликнувал: Запејте Му на Господа песна нова, пофалбата Негова е во собранието на преподобните (Пс. 149,1), – тој го предвестувал собирањето на христоименитите луѓе во славата Господова. А новата песна, според зборовите на Свети Григориј Богослов, се оние кои останале во доброто и напреднале во него, и следствено се исправени или исправувани од Светиот и обновувачки Дух; тоа се оние кои се веќе ново создание, кои преку заповедите за љубовта на Новиот Завет, се облекле во новиот човек и сега Му пеат нова песна на Господа.

Гледајќи ве сите вас, вашите облагородени со добрина и љубов лица, во мене нема никаков сомнеж дека денешново собрание, чијшто предводник е нашиот Отец меѓу Светиите, чудотворецот и Епископ Лампсакиски Партениј, е токму такво какво што го опишал пророкот. Почувствувајте ја само силата на Светиот, која и денес собира и обновува, радува и осветува! Која е таа сила, ако не благодатта на Светиот и обновувачки Дух?!

Впрочем, токму во собранието на верните лежи таинството на Црквата Божја. Уште од древноста духоносните Отци ја дефинирале Црквата како евхаристиско собрание на верниците околу својот епископ. Но и епископите не постојат сами за себе, туку и тие живеат во рамночесна заедница, под претседателство на еден. А и претстојателите на помесните Цркви не се лишени од меѓусебната соборност, туку обединети под првенството на првопрестолната Вселенската Патријаршија, на чиешто кормило, според каноните и традицијата, седи Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Вселенски Патријарх. Тоа е наследството што го примивме од Светите Собори на Црквата од Исток и од нејзините богопросветлени Отци и таа е еклисологијата којашто спасува и осветува. Или, како што мошне јасно и умесно говореше блаженоупокоениот и секогаш споменуван Митрополит Пергамски Јован Зизиулас:

„Црвката е секогаш еден собор, а во соборот секогаш има еден прв, еден ‘број еден’, еден кој првенствува. Тоа не значи пенетрација на световната мисла за демократија или монархија во Црквата. Ова е чисто богословска категорија. Произлегува од верата во нашата Света Троица. Отсекогаш, црковното предание имало канони што се однесуваат на следново: во Црквата никогаш не суштествува првенство без Собор и никогаш не суштествува Собор без првенство. Хармонијата помеѓу оној кој првенствува и Соборот е дар од Светиот Дух. Ова нешто важи во нашата еклисиологија уште од почетокот“.

Му благодарам особено на мојот небесен закрилник, Светиот Партениј, што ја услиши мојата молба и оваа година ја збогати својата слава со драгоценото за нас присуство на нашиот драг и сакан пријател и брат во Господа, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедес г. Кирил, кој допатува во нашата Свештена Обител со благослов токму на Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј и ни ги донесе неговите татковски молитви и благопожелби, поради што сум силно трогнат и бескрајно благодарен. Сакам уште еднаш лично да Ви се заблагодарам, свет владико на Имврос и Тенедос, за честа и радоста со кои ме удостоивте мене последниот, прифаќајќи ја поканата да дојдете кај нас!

Тука, заедно со нас се и нашите искрени и возљубени пријатели и мили браќата во Христа, Архимандритите отец Матеј и отец Херувим, кои станаа веќе редовни наши сомолитвеници и сослужители за време на празнувањата на нашата Обител.

Со особена благодарност за честа што ни ја направија ги поздравувам и од сѐ срце ги благословувам членовите на врвниот и прочуен хор по источно-православно црковно пеење од Атина „Тропос“, предводени од нивниот хорарх г. Константин Ангелидис. Благолепието на нивното псалмопение е вистински украс на нашето торжество.

Ви благодарам и на сите вас, браќа, сестри и чеда во Господа, што секогаш ме имате во вашите молитви и љубов и што секогаш сте тука, и во нашите радости, но и во нашите таги и притесненија. Радост неискажлива ми е да ги гледам вашите лица, во кои е оцртана љубовта евангелска. Ве прегрнувам молитвено сите и ви ги посакувам благословот и молитвите на денешниот наш славеник, Светиот Партениј Лампсакиски.

Утре наутро го очекуваме доаѓањето и на нашиот почитуван Митрополит Плаошки и Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, кој е наш добар и монахољубив пастир уште од самиот почеток.

Ви благодарам уште еднаш и добар празник на сите!“

Ниеден дар не е доволен да ја покрие недостижната татковска љубов, но сепак, преблагодарните чеда, монасите и монахињите од Свештените Обители, од срце му го принесоа скромното сведоштво на нивната синовска верност, а во нивно име, на возљубениот ни Старец, му се обрати манастирскиот економ, собратот Архимандрит г. Доситеј:


Ваше Високопреосвештенство, наш драг владико, Митрополите г. Кирил,

Возљубен наш Старецу и Игумене г. Партениј, епископ Антаниски,

Ваши Високопреподобија, наши драги отци г. Матеј и г. Херувим,

Почитуван г. Константине Ангелидис, хорарх на хорот „Тропос“ и почитувани хористи,

Почитувани браќа и сестри, монаси и монахињи,

Чудотворецот Лампсакиски Свети Партениј денес повторно нè собра, за молитвено да го прославиме неговиот чесен спомен, а истовремено да го испочитуваме и именденот на нашиот свет Старец, епископот г. Партениј. Оваа година, тој по 28 пат го слави својот истоимен небесен патрон. Поминаа, значи, скоро три децении од неговото пастирствување како старец и игумен во овој свештен дом на Чесниот Претеча и тие три децении се преполнети со многубројни дела и подвизи во слава Божја, со големи и возвишени нешта, со непрестајни молитви и срдечни воздишки, а се разбира и со не мали искушенија што, по Божјо допуштение и со Божја сила, ги претрпувал за доброто на сите нас.

Периодот од последниот именден до денес ќе остане особено запаметен во историјата, бидејќи во него се случија големи и радосни настани. Се разбира, најголемото нешто беше доделувањето на Актот за литургиското и канонско единство на нашата Црква, од страна на Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, кој донесе пасхална радост и воскресение. Набрзо следеа и други признавања од повеќе помесни православни Цркви, така што нашата славна Охридска Архиепископија си го најде своето место под Сонцето. Историско и од преголемо значење беше сослужението на нашиот поглавар, Блаженејшиот Архиепископ г. г. Стефан и на нашите драги архиереи од Светиот Синод со Сесветиот Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, во патријаршискиот храм на Свети Вмч. Георгиј Победоносец во Цариград. Мошне значајно беше и помирувањето и сослужувањето со архиереите од православната Црква на Србија, во духот на Христовото учење за единство. Ваквиот развој на црковните настани ги надминува сите таги и претрпени искушенија, било лични или колективни.

Охридската Архиепископија, значи, после цели 255 години од укинувањето, доби прилика повторно да сослужува рамо до рамо со сите помесни православни Цркви, а ја добивме и таа чест и достоинство – што, секако, повлекува и голема должност – да сослужуваме и на Божјиот Гроб, а со Патријархот Ерусалимски и на Страшната Голгота, на сам ден Крстовден, кога на Епископот г. Партениј, како архиереј-претставник на нашата Црква, му беше дадена честа да го носи Чесниот и Животворен Крст врз својата глава.

Ги спомнав и искушенијата и жалостите, кои се неминовни после големата радост и благодат, од некои луѓе, кои, за жал, не можеа да видат и да ги препознаат големите историски моменти и да сфатат дека сè е во Слава на Бога и во радост, пред сè, на првиот  Архиепископ на Охридската Архиепископија и наш ктитор – Светиот Јован Дебранин Бигорски, на свештениот клир и на верниот народ на нашата најсвета Црква.

Се молиме Господ да ги вразуми и утеши сите, а светиот отец наш Партениј Лампсакиски да се застапи за сите нас! Смирено го замолуваме и Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој, како што кажа вчера, живее во близина на Лампсак, да се моли на свети Партениј Лампсакиски за нашиот Старец.

На утрешната Света Литургија го очекуваме и нашиот почитуван и свет Митрополит Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој, како што е општопознато, го замонаши ракоположи и ракопроизведе нашиот игумен и старец пред 28 години, давајќи му го името Партениј, во чест на Светиот Партениј Лампсакиски, но и во спомен на неколкуте бигорски монаси и дејци кои исто така го носеле името Партениј. Митрополитот г. Тимотеј е наша голема утеха и поткрепа и за нас претставува голема радост секое негово доаѓање во Манастирот.

Возљубен наш Старче и Владико, честит и вековит именден и на многаја и благаја лета!

На нашиот возљубен духовен Татко во Христа, Старец, Игумен и Епископ г. Партениј, најтоплосрдечно му го честитаме неговиот именден, посакувајќи му богоугодно долгоденствие, исполнето со здравје и духовни сили и радост, од сè срце извикувајќи: „На многу години, Владико наш свет! Секогаш Достоен!“