Бдение и евхаристиско сослужение за Неделата на Старшниот Суд

Во овој свет на поделби, фарисејство, суровост, омраза и клевети, каде што се чини дека на отуѓувањето, притесненијата и меланхолијата им нема крај, постои едно тивко и ненаметливо присуство што нуди утеха, исцеление и надеж. Тоа нешто е милоста Божја, мелем за уморната душа и светлина за помрачените од злото. Милоста е божествен дар кој тече слободно до сите што ја бараат, потсетник дека без разлика колку далеку сме залутале, милосрдието е вистинскиот пат за враќање при Бога и законот според кој ќе бидеме препознаени од Него при Страшниот Суд. Затоа, токму милосрдноста и љубовта кон нашите ближни и со-луѓе ни ги истакнува Господ како критериуми според кои ќе му суди на човештвото. Во денешното Евангелие слушнавме: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене… Оти, доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле. Затоа, Црквата Божја, една недела пред почетокот на Чесниот и Велик пост, ни ги предлага како духовна храна овие Христови зборови, за да нè потсети дека нема ништо поголемо и посвето од љубовта и од милосрдието.

И ете, по милоста Божја, Бигорската Обител изминатово ноќеденство се насладуваше на едно такво евангелско братољубие, на една таква скапоцена меѓусебна почит и љубов. Најнапред, со доаѓањето на драгиот наш Високопреосветен Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, како претставник на Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, а потоа и со врвниот атински хор „Тропос“, кој благодатно ги разбранува нашите души со прекрасната, хармонична и умилителна псалмодија на синоќешното бдение. Навистина е чест и благослов да се присуствува на богослужение со тоа рамноангелско пеење, кое ја возвишува душата во созерцание и молитва кон Највозвишениот.

Корифеј, пак, на благодатните доживувања и треперења на срцата беше денешното евахаристиско собрание, Светата Литургија, под тајноводство на светиот владика на Имврос и Тенедос г. Кирил и во сослужение со нашиот сакан Старец, Епископот Антански г. Партениј и браќата јеромонаси и јероѓакони. Застанати пред Светата Трпеза, двајцата архиереи обединети во еден дух, во духот на Евангелието и на Црквата, во молитвите и посветеноста со кои богослужеа, наликуваа на Отците – столбови на верата Христова. И како што Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека „добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро“, така и нашиот добар гостин, Високопреосветениот г. Кирил, по читањето на евангелската парабола за Страшниот Суд, од своето добро срце излеа пред нас зборови полни со добрина и радост:

„Ваше Преосвештенство, чесни отци и мајки и драги браќа,

Го слушнавте денес Евангелието за Судот. Тоа е еден настан што нашата Црква го очекува. Судот Божји. Тоа е настан, кога заедно со судот ја очекуваме и правдата Божја. Тоа е настан кој ни изгледа малку суров, тежок. А тоа се гледа од следниов факт: на Божествената Литургија кога Му се обраќаме на Бога, Го нарекуваме милосрден, човекољубив, милостив, Отец, Бог на љубовта. Меѓутоа, никогаш не Го нарекуваме правичен. Никогаш не велиме: зашто си правичен Боже наш, туку, зашто си свет Боже нашзашто си милостив итн.

Зошто, всушност, се прави оваа разлика во Божествената Литургија? Зар нашиот Бог не е правичен? Секако дека е; Он е најправичен и Неговата правда останува во веки. Но, драги мои браќа и сестри, тешко нам, тешко нам, ако останеме само на Божјата правда! Кој би се осмелил да ги подигне очите свои и да Го погледне праведниот Судија? Кој е тој што нема згрешено, та да би уживал во Божјата праведност? Никој! Никој не е апсолутно чист. Затоа, значи, ја одминуваме Божјата правда. Ја надминуваме и одиме во следниот стадиум. А кој е тој стадиум? Тоа е милосрдноста, љубовта Божја. Милосрдието, човекољубието и љубовта ја надминуваат Неговата правда, ја победуваат Неговата правда. Врз основа на правичноста, Бог ќе требаше да биде и казнувач. Но Бог оди подалеку и влегува во димензијата на човекољубието и на љубовта.

И бидејќи е многу тешко, возљубени мои, да Го возљубиме Бога, повторно од љубов Бог ни покажува друг пат. Тоа е патот што го слушнавме денес во Евангелието. Бог вели: „Тоа што ќе ви го кажам, не ми Го направивте Мене, туку го направивте на вашиот со-човек, на вашиот ближен. Но, за да покаже дека љубовта кон Бога поминува низ љубовта кон човекот, Бог се става Себеси на местото на човекот. Бев гладен и Ми дадовте да јадам. Бев жеден и Ми дадовте да пијам. Бев странец и Ме прибравте. Бев болен и дојдовте да Ми помогнете. Бев во затвор и дојдовте да Ме видите. Затоа, дојдете, елате, благословени од Мојот Отец, наследете го царството, приготвено за вас (Матеј 25:34)“. И тие ќе речат: „Господи, кога Те видовме гладен, жеден, странец, гол, болен, во затвор и ти послуживме?“ И повторувам, ќе рече Христос: „Штом им го направивте тоа на Моите најмали браќа – Мене сте Ми го направиле“. А на другара страна ќе им рече: „Одете си од Мене, одете од Мене, проклети, во вечен оган (Матеј 25:41). Огладнив и Ме оставивте гладен. Ожеднив и Ме оставивте жеден. Бев болен, бев во затвор и Ме презиравте“. А тие ќе речат: „Кога Те видовме, Господи?“ И пак ќе рече Христос: „Штом им го направивте тоа на човекот кој е до вас, кого го гледате секој ден – Мене сте Ми го направиле“. Свети Јован Евангелист и Богослов, драги мои браќа и сестри, го вели следното: „Кој вели дека го љуби Бога, а не го љуби човекот, ближниот, со-човекот – лажливец е“. Зашто, како е можно да сакаш некого кого не го гледаш, не го знаеш, можеби и не го познаваш, а да не го сакаш својот човек кој е до тебе, кого го гледаш утро-вечер, секој ден?

Така, браќа и сестри мои, завршувјќи ќе кажеме дека љубовта и милосрдноста Божја е таа што ни го отвора патот кон Царството Негово на Второто Пришествие, на судот над живите и мртвите. Тоа е вистина и го очекуваме тој настан. И пак ќе дојде, како што велиме во Символот на верата. Повторно ќе дојде, за да им суди на живите и мртвите. Но, дотогаш, драги мои браќа и сестри, да вкусиме малку од таа Чаша на љубовта. Светиот Путир на Светата Трпеза не е ништо друго, тоа е Крвта на Христовата љубов, што ја излеа за праведните и неправедните и ни ја даде нам, за да ја измиеме нашата сопствена неправда на гревот.

Се подготвуваме за влез во Светата и Велика Четириесетница. Да го зголемиме нашиот подвиг уште повеќе, уште повеќе да го возљубиме човекот и Бога. Сите ние денес сме во овој манастир на љубовта. Во еден манастир што е изграден со трудови и жртви на свети монаси, со нивниот предводник, Преосвештениот и свет игумен г. Партениј. Сите ние се насладуваме од таа љубов на манастирот. Вие од поблиску, ние од подалеку, од Константинопол. Дојдовме овде, за да ја вкусиме таа љубов, која ќе нè зајакне да продолжиме со нашиот подвиг. И како што кажав и вчера, ја имам честа да го претставувам нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, за да ги пренесам љубовта и благопожелбите кон Преосвештениот свет Епископ Антаниски, кој утре го слави својот именден. И секако, да ги пренесам братските благопожелби и љубовта на нашиот Патријарх до вашиот Блаженејши Архиепископ г. Стефан и до вашиот Високопреосвештен Митрополит г. Тимотеј, со коишто ќе имам чест да се сретнам утре, но освен до нив, и до целата јерархија на Охридската Архиепископија. И на сите вас драги наши браќа. Го гледам ова мало детенце што од утрово седи таму и ги гледам сестрите монахињи и вчеравечер на бдението сите вас. И се трогнувам што конечно Охридската Архиепископија го добива она што треба да го добие, односно каноничноста и да биде и таа дел од едната Црква Христова. И ве замолувам сите, браќа и сестри мои, да Му се молиме на Светиот Бог за светото единство на Црквата. Единството во Црквата е свето, тоа нѐ обединува сите нас во името на Христа. И сите заедно соединети, се соединуваме со Бога. Уште еднаш да му посакаме на најбогољубивиот свет игумен добро и многуплодно, богољубиво игуменство. Да се моли за сите нас. И сите заедно да имаме добро поприште на Светата Четириесетница“.

По Божествената Литургија, Високопреосвештениот свет владика на Имврос и Тенедос г. Кирил, го дарува нашиот Старец и му упати благопожелби за претстојниот именден:

„Се наоѓам овде во името на нашиот Вселенски Патријарх, за да присуствувам и да му посакам среќен празник по повод чесниот чесниот именден на нашиот сакан и возљубен, драг и сечесен свет брат и отец наш, светиот Антаниски г. Партениј. Би сакал денеска, додека сме помалку – бидејќи вечерва и утре ќе дојдат и многу други – да ми дозволите да му дадам еден подарок, мал благослов, на Преосвештениот. Мал подарок е, а тој заслужува многу. Но тоа е еден убав симболичен подарок, бидејќи е сребрен енколпион што го издадовме за триесетгодишнината од патријархувањето на Вселенскиот Патријарх. Од предната страна е нашата Пресвета Богородица, а одзади е логото на нашиот Вселенски Патријарх“. Свртувајќи се кон Старецот, светиот Имвроски со радост извика: „Достоен и на многу години! Да му се радуваме и да живее, и да го сакаме многу, како што и тој ве сака вас!“

А, пак, нашиот возљубен Старец, Епископ г. Партениј возврати на љубовта со љубов, излевајќи од своето срце благи зборови на благодарност:

„Моето срце, браќа и сестри, денес е преполно со благодарност и љубов кон Сесветиот Бог наш, што и јас припаѓам на поколението што го дочека прифаќањето на нашата света Црква во православната заедница. Во најголема мера тоа се случи – ова мораме да го кажеме и пред Бога и пред луѓето, бидејќи целата вселена го знае тоа – по љубовта, молитвите и трудот на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Мојата радост денес е полна и благодарноста кон Патријархот особено голема, бидејќи го испрати мојот возљубен брат и голем пријател, Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, токму на мојот именден, да го претставува токму неговиот лик, на тој Сесвет Патријарх, кој во моето срце значи многу.

Митрополитот Кирил го запознав пред три години во Цариград, во Константинопол, и оттогаш па сè до денес нè поврзува љубовта кон нашиот Бог. Ни стана вистински и голем пријател, бевме постојано во контакт, и како особено возљубен син на Патријархот, тој помагаше многу, за нашата света Црква, најсветата Охридска Архиепископија, да влезе во заедница со сите православни Христијани. И така, се случи доделувањето на Актот за евхаристиско и канонско единство од рацете на Светиот Патријарх, а потоа, како што знаеме, и други православни цркви во нашата Црква препознаа Црква зрела за автокефалност.

Милоста Божја, како што спомна и Митрополитот во својата проповед, кон нас се излева постојано. Бог се грижи за нас и сака и ние да бидеме милостиви како што е Он милостив кон нас. Доколку сакаме да не се разминеме со Бога, туку Он да нè препознае, треба и ние да бидеме милостиви. Оти, како што се однесуваме кон ближните, така, всушност, се однесуваме и кон Бога. Доколку правиме добро на луѓето, на Бога Му правиме добро. Доколку правиме лошо, повторно Нему Му правиме лошо. Денес Господ Христос во Своето Евангелие ни го покажа критериумот на Неговиот суд на крајот. Доколку се држиме до љубовта, тогаш Бог ќе нè препознае и ќе бидеме Негови, бидејќи Он така кажа во Своето Евангелие: „По љубовта ќе ве познаат дека сте Мои ученици“ (сп. Јн.13,35).

Мили мои, уште еднаш Му благодарам на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, што го испрати Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, како свој претставник во нашата света Црква, да го поздрави нашиот Архиепископ, а и сите архиереи и целиот народ. Да Му благодариме на Сесветиот Бог наш, за овие големи дарови што ни ги даде нам, и како народ и како Црква, сега и секогаш и во веки веков. Амин!