(Видео) Светата и Велика Среда – слободата на љубовта и радоста од покајанието

Во Светата и Велика Среда, мајката Црква го воскреснува во нашето сеќавање споменот на жената грешница, којашто ги помазала нозете Христови со миро и со солзи, ги избришала со својата коса и примила од Господа прошка за нејзините гревови.

На вчерашното бдение, со посебно умиление ја испеавме познатата стихира на Преподобната Касијана, голема песнописателка од 9 век, која започнува со зборовите: „Господи, жената падната во многу гревови, која го позна Твоето Божество, кога го прими чинот на мироносица, пред погребението, Ти принесува миро ридајќи…“ Но, и другите прекрасни химни посветени на овој ден и на настанот со жената грешница, ни сведочат за делото на љубовта кон Христа, којашто вистински го ослободува човекот.

Онаа што поради нејзиниот живот беше отфрлена, а поради покајанието прифатена, носејќи миро, Ти пристапи Тебе…

Во стиховните стихири на Утрената чувме една фраза која вели: „Онаа што поради нејзиниот живот беше отфрлена, а поради покајанието прифатена, носејќи миро, Ти пристапи Тебе…“ Нашиот живот е грешен, говореше во една прилика нашиот Старец, Архимандрит Партениј. Го живееме гревот во секој миг од нашиот живот, било исполнувајќи ја нашата волја, потпирајќи се на нашиот егоизам, било предавајќи се себеси на гревовите и задоволствата, било отфрлајќи го присуството на Христа во нашиот живот. И не само тоа. Најчесто не ни разбираме колку многу Христос нè љуби, со последица сосема да го пренебрегнеме Неговото присуство, да одбиеме да ја слушнеме дури и пораката Негова.

Жената грешница била отфрлена, т.е. обезнадежена поради нејзиниот погрешен живот. Но, поради начинот, настроението со кое Му пристапила на Христа, била прифатена, зашто го спознала веќе патот кон спасението. Љубовта кон Христа ѝ ја покажала насоката кон вистинската слобода. Зашто љубовта нè прави смирени. Љубовта нè учи да сфатиме дека потребна е жалост поради сè што нè одделува од Христа и покајание коешто повторно нè носи блиску до Него. Љубовта нè учи дека не можеме да бидеме самодоволни, туку потребен ни е Христос. Љубовта е таа што нè прави да бидеме храбри во доброто. Да простуваме, за да ни биде простено. Да извираат солзи на сочувствителноста од нашето срце за сите, но и за самите нас. Да паднеме при нозете на Избавителот, барајќи еден нов почеток.

Во нашето време дури и љубовта е заробена во логиката на самодоволноста и на задоволството и станува егоизам за двајца или за повеќе. Црквата наша ни ја предлага љубовта којашто ослободува. Љубовта на Крстот и на Воскресението, зашто Христос е Љубов. Но, и оние коишто Го последуваа, заедно со жената грешница од денешниот ден, ја доживеаја таа љубов и ја вкусија радоста од вистинската слобода.

Не го ослободуваат човекот знаењата, задоволствата, моќта на технологијата, парите, славата. Ниту општествената солидарност претставува избавувачка сила. Придонесува, но не ја задоволува онаа најдлабока суштествена потреба на секого. Единствено вистинската заедница со Христос води кон спознание на слободата. Доволна е една солза, молчењето на покајанието, прошката, приносот. И најважно, Неговото присуство во нашиот живот…

И колку мудро, токму на овој ден, пред самиот почеток на големите и страшни, спасителни настани – Тајната Вечера, предавството, судењето, исмевањето, биењето, распнувањето и смртта на Спасителот, Црквата Божја повторно, за последен пат, нѐ повикува сите, од срце да си простиме еден со друг, за да можеме утре оправдани да застанеме со Христа, на Неговата Тајна Вечера. Па така, почитувајќи го овој прекрасен обичај, положен од светите отци во светата и велика Среда, Старецот прв побара прошка од сите нас, меѓу другото поучувајќи:

Архимандрит Партениј Бигорски

Возљубени браќа и сестри, бидејќи Црквата ја знае човечката психологија и знае дека ние луѓето се немоќни и слаби по природа и постојано паѓаме во гревови, таа денес, пред самиот почеток на спасоносните Христови страдања, уште еднаш нè повикува на општо проштавање меѓу себе. И неслучајно на овој ден таа го положила споменот за жената грешница, која се осмелила да истури миро врз главата на Господа Исуса Христа и со своите солзи да ги измие Неговите нозе и со својата коса да ги избрише во најголемо покајание.

Особен впечаток во врска со ова ми оставија зборовите што ги прочитавме вчеравечер од Синаксарот: ‘А зошто таа, т.е. жената грешница, го направила овој подвиг? Затоа што ја видела Христовата сочувствителност и Неговата желба за заедништво со сите’. Ја видела, значи, дотогаш невидената сочувствителност што Господ ја покажал кон Симон Лепрозниот, влегувајќи да руча во неговата куќа. Во тоа време вакво нешто било незамисливо. Според тогашните закони во стариот Израил, не само што никој не смеел да влегува во куќа на лепрозен човек, туку тие биле одбележани како нечисти и одлачени од целото општество. А ете, Господ сепак влегува во куќа на таков човек, имајќи љубов кон сите и сакајќи да биде во заедница со секој човек. Овој потег на Христа силно го трогнала срцето на жената блудница, но и ѝ дал храброст да Му се доближи и да го направи нејзиното миропомазание. Сфатила колку е добар Господ, колку огромна љубов има, дури и кон најотфрлените. Затоа денес Црквата, преку примерот со оваа жена, нè повикува: дојдете какви и да сте. Господ е сочувствителен кон сите, ‘ги љуби праведниците и ги милува грешниците’. Утре ќе треба да седнеме со Него на Тајната Вечера; сега пак ни се дава можност, очистени преку смирение и скрушено покајание, да се подготвиме за да седнеме заедно со Христа. Се разбира, преку Неговата љубов. Пороси ме со исоп и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да чујам радост и веселие и ќе се зарадуваат коските мои скрушени (Псал. 50,7-8). Се смируваме во душевно скрушение и во нашето смирение Господ ќе ни опрости, ќе ни даде радост и веселие. Затоа, дојдете при нозете Негови! – нè повикува Црквата. Сите, и вие кои сте постеле и не сте постеле, и вие кои, грешејќи многу, сте се дезориентирале и сте изгубиле надеж. Дојдете, великодушноста на Господа е безгранична.

Затоа, значи, сега, според типикот на Црквата, уште еднаш сме повикани да си опростиме помеѓу себе. Целата Света Четириесетница и особено Страсната Недела, е време во кое од нас се бара духовна будност, период во кој треба да се подготвуваме за доаѓањето на Спасителот, да ги подготвиме нашите срца за Него, бидејќи тие Нему Му се најомилениот дом. Така и започна оваа Седмица, со тропарот: ‘Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ…’ Но, и доколку во текот на овој период сме паѓале и сме грешеле, еве денес повторно можност да се поправиме, пред прагот на најголемите настани што се случија за нашето спасение. Рековме, утре ќе биде Тајната Вечера, па предавството, судењето на Господа, потсмевањето, плукањето; во Петок – Распетието, полагањето во Гробот; во Сабота – пребивањето во адот и накрај, во највеликата недела – Неговото победоносно и славно Воскресение. Затоа сега, пред да ја започнеме Предосветената Света Литургија, која е последна за оваа година, да Го помолиме Господа да ни прости како на жената грешница и да нè удостои во радост и духовно веселие да се поклониме на Неговото Воскресение.

Најнапред јас, последниот и недостојниот, барам од сите вас прошка со најголема љубов и понизност, за сè што згрешив и во мојот живот, но и во текот на овој пост, со зборови, дела и мисли. Простете ми и помолете Го Христа да ми прости и мене, а и на сите грешници да им даде храброст да пристапат кон Него со вера и со надеж.

Добро Воскресение на сите!