Молитвениот човек е најголемиот добротвор на човештвото

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на споменот на Светите Кирил и Методиј, на Светата Литургија, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен на нив, на 24 мај 2024 лето Спасителово


Христос Воскресе!

Високопреподобни и сепреподобни отци,

браќа и сестри монаси,

достојно почитувани ктитори,

возљубени браќа и сестри,

Еве, и оваа година Бог нѐ удостои литургиски да се собереме на ова свето собрание, за да го прославиме споменот на големите сесловенски учители и просветители, Светите солунски Браќа Кирил и Методиј. Впрочем, на секоја Света Литургија, ние молитвено и духовно стануваме едно со сите Светии кои од памтивек Му благоугодиле на Бога. Тука, во време-просторот на Божествената Евхаристија, се причестуваме од единствената Чаша и вкусуваме од едното и неразделно Тело Христово и стануваме браќа и сестри; и ние земните, овде помеѓу нас, но истовремено стануваме браќа и сестри и со членовите на небесната Црква. Значи, земската Црква, која сè уште војува со злото во светот, и таа Небесната – сите стануваме едно.

Голема заслуга за озарувањето на Божјата светлина врз словенскиот род, за тоа и ние да се вброиме меѓу културните народи преку Христа и да се втемелиме на Светото Евангелие, на тие вечни начела Христови, преку кои човекот добива вечен живот и одговара на своето предназначение, имаат Светите Браќа Кирил и Методиј, сосема точно наречени во нивниот тропар „рамни на Апостолите“. Овие двајца Божествени мажи навистина извршиле свештено и апостолско дело.

Впрочем, што направиле Светите Апостоли? Ја втемелија Христовата Црква во овој свет. Затоа и Светите Кирил и Методиј се нарекуваат рамни на Апостолите, бидејќи во многу тогаш непросветлени народи, тие го проповедаа Евангелието и ја основаа таму светата и апостолска Црква. А Црквата, знаеме сите, во Символот на верата ја нарекуваме Апостолска, затоа што Апостолите, охрабрени и вдахновени од Христа, станаа втемелувачи на евангелските начела и вистини меѓу народите и основатели на Црквата, која е Тело Христово. По Своето светло и славно Воскресение, Господ четириесет дена им се јавуваше и ги поучуваше Апостолите и накрај ги испрати да ја основаат Црквата Негова насекаде по светот, велејќи им: Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Матеј 28,19). Ги испрати како просветители, како објавувачи на Неговата светлина, како деца на љубовта, без оружје в рака, кои со слово и со дело требаше да Го проповедаат Него, Кој е светлина, пат, вистина и живот.

Подобно на нив, и Светите Кирил и Методиј, ја пренесоа светлината на Евангелието и ја утврдија Црквата меѓу словенските и многу други народи, давајќи им духовна основа и идентитет и внесувајќи ги во семејството на христијанскиот род. Токму затоа овие свети Браќа беа наречени рамни, еднакви на Апостолите. А како станале такви? Преку постојаното соединување со личноста Христова, преку непрекинатото општење со Него во молитвата. Знаеме дека и двајцата биле особено монахољубиви. Светиот Кирил се упокоил во монашки чин, додека неговиот брат станал и владика, архиереј. Но, иако Свети Методиј го имал највисокиот црковен чин, тој, пред сѐ, како што читаме во неговото житие, го љубел монашкиот живот. Иако претходно бил военоначалник во римската војска, тој оставил сѐ заради Христа. Исто како и Свети Константин, кој бил философ, познавач на многу јазици, почитуван во царскиот двор, советник на римскиот цар. Сепак, за нив сите тие почести не претставувале ништо во споредба со Христос, Животодавецот и Светлиноподавателот. Затоа и толку многу се труделе во молитвата, сакајќи постојано да бидат со Бога. Оти, преку молитвата, возљубени мои, ние најмногу се соединуваме со Господ. И оној кој се моли прави огромно и значајно дело. Молитвениот човек е, всушност, најголемиот добротвор на човештвото.

Светите Кирил и Методиј, тие верни Христови деца, просветлени преку молитвата и учени во Христа, веројатно никогаш не помислувале дека ќе бидат испратени на една толку голема мисија во Моравија, од страна на римскиот цар Михаил и Светиот Вселенски Патријарх Фотиј Велики. Светите Браќа отидоа таму, за со новосоздаденото писмо да го просветлат словенскиот народ, по молба на кнезот Ростислав, кој побарал од ромејскиот цар учители како нив. Се разбира, овие Божји луѓе не ни помислувале, ниту посакувале да бидат наречени рамни на Апостолите. Биле смирени монаси и молитвеници, и Бог токму затоа ги избра нивните срца, за да го просветлат големиот непросветлен народ кој ја сочинувал скоро пола Европа.

Од животот на Светите Кирил и Методиј треба да се поучиме, мили мои, дека најголемо и најсвето дело е тоа постојано да се оддаваме на молитва, молитвено да се соединуваме со Бога. Целото нивно свештено дело, со кое денес се ползуваат многу европски народи, втемелено на Светото Евангелие, имаше за цел да ја проповеда спасоносната наука. Нивната мисија беше да Го доближат Христос Бог до луѓето, да им го покажат патот на народите коишто беа во темнина. Со еден збор, целта на целокупниот нивен труд и подвиг беше – Христос.

Затоа Христос треба да Го поставиме над сѐ во нашите животи, доколку сакаме да бидеме вистински луѓе, да одговориме на нашето предназначение – да се биде бог по благодат. Оти, Бог од љубов го создаде овој свет и особено го возљуби човекот. И заради човекот, Бог Самиот стана човек. Кој е тој татко што не сака да биде во заедница со своите деца? Кој е тој добар родител што не сака да заедничари со своите деца? Сите знаеме колку многу родителите се жртвуваат за своите деца; колку духовните родители се жртвуваат за своите духовни чеда. Колку Бог направи за сите нас и колку продолжува да прави за целото човештво до ден денес! Љубејќи го толку силно човекот, Бог нема друг избор, освен постојано да ни го покажува патот, дури и на човечки начин. Затоа и дојде како човек. Оти, во човекот вградил слободна волја, за тој да може да избере: ќе тргне ли по Христа или не. За жал, во својата слобода, човекот може дури и на Господ да Му каже: „Не Те сакам, не Те познавам, па дури и не постоиш“.

Возљубениот Бог на многу начини се појавува и ни се открива. Ни се открива и ни говори и преку природата што ја гледаме. Ќе ви исповедам нешто лично. Овде, на ова прекрасно место, каде што Светите Кирил и Методиј посакаа и измолија од Господа да им се изгради овој храм, како што и самите забележувате, природата е чудесна. И често, кога се чувствувам изморен од многу исповеди и разговори, обично во попладневните часови ќе заминам од Бигорски и ќе дојдам тука. Ќе го гледам вишниот Крчин, преубавата планина, зеленилото, и се успокојувам и Го славам Господа. Оти во сѐ го гледам Неговиот потпис, автограмот на големиот Уметник. Слеп е човек кој не може и преку природата да Го осознае Тој голем Уметник и Создател на универзумот. А за човекот да не ни зборуваме. Каква уметност и тајна е човекот, неговиот организам што го гледаме и што науките постојано го проучуваат. Научниците и докторите се чудат како е создаден човекот и постојано откриваат нови тајни за човековиот организам. А кога таква е уметноста на телото, тогаш каква ли е убавината на душата што Бог ни ја дал?!

Така, денес, со дух и со душа, големите наши Рамноапостоли, Светите Кирил и Методиј, се со нас и помеѓу нас, на ова свештено тајноводство, за да нѐ водат, да нѐ просветуваат и да ни го осветлуваат патот кон Христа. Тие многу се потрудиле и пострадале, само за да се отпечати во некрстениот народ Христос Бог. За истото и денес Го молат Господ. Оти, иако можеби повеќето сме крстени и носиме христијански имиња благодарение на нив, прашање е колку сме дејствителни Христијани, колку сме навистина пријатели Христови, и дали сме достојни да се наречеме чеда на Светите Рамноапостоли. Тие го сотворија нашето писмо и ни да го дадоа за да нè приведат кон Христа, а ние денес со тоа писмо се убиваме едни со други. Перото како да стана меч, натопувано во крв наместо во мастило. Нашите Првоучители не го создадоа писмото заради тоа. Тие ни го подарија тој свет дар, за да можеме да си пишуваме убави нешта, да го шириме доброто што Бог го сака во светот; да станеме патоказ кон Царството Небесно, да станеме светлина на светот, да се украсиме со многу добри дела. Секој од нас е повикан да стане апостол и проповедник на Христа и на Евангелието. Да стане светлина, да стане кротост, да стане љубов. Како што нашиот Господ, Господ на Светите Кирил и Методиј, е љубов и светлина и мир. Он е Кој, испраќајќи ги учениците на проповед по светот, им рече: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,34-35).

Следствено, секојдневно да се испитуваме дали живееме според мерката на Христа, според мерката на Светиите, според мерката на Светителите што денес ги славиме, Светите Браќа Кирил и Методиј. Да се проверуваме себеси дали и колку љубов имаме. Онолку колку што сме се оддалечиле од љубовта, толку сме далеку и од Христа.

Да измолиме од Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј и од сите Светии на Небото да ни испратат просветление, та да се разгорува во нас желбата за подвиг во молитвата и во љубовта. Амин.