Да се облекуваме во сила одозгора

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Вознесение Христово, за време на Светата Литургија во Сечесниот храм на Светото Благовештение во Манастирот Пречиста Кичевска, на 13 јули 2024 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, со благодарствени химни и свечени песни, го славиме славното Вознесение, односно телесното возвишување на Небесата на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Апостолот Лука, кој подетално ни соопштува за ова спасоносно собитие во своето Евангелие, со едноставни зборови го опишува заминувањето на Господ од Земјата на Небото: И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото; тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост (Лука 24,50-52).

Гледаме дека, иако Христос се оддели од Своите ученици, тие се исполнети со голема радост. Навидум парадокс: од една страна имаме разделба со Возљубениот, а од друга – радост. Како е можно тоа?  Всушност, иако Господ се вознесе на Небото, Он никогаш не ги остави сами Своите Апостоли и Црквата. Напротив, Он  е секогаш со нас, како што велиме секојдневно во молитвата пред возвишувањето на Агнецот Божји на Литургијата: „Ти, Кој седиш горе со Отецот и овде невидливо пребиваш со нас“. Значи, на овој ден Спасителот не ги напушти Своите ученици, туку стана невидлив за нивните телесни очи. До Вознесението, триесет и три години наназад, Он живееше меѓу луѓето во видлив облик, и особено во последните три години беше неразделно со Своите апостоли, поучувајќи ги на секое место и во секоја прилика. Но и денес, заминувајќи си, Он не ги остава сами. Им го навестува ветувањето од Бога Отецот, дека ќе им Го испрати Светиот Дух. Вели: И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора (Лука 24,49).

Но, зарем не им бил доволен Христос? И нам, зар не ни е доволен само Он? Да, секако дека ни е, но нашиот Бог е Божествена Троица и никој не може да дојде при Отецот освен преку Синот, и никој не може да Го почувствува и спознае Синот, освен преку Светиот Дух. За да се биде со едната Личност од Света Троица, неопходно е да се биде со сите три. Инаку, во спротивно, луѓето без Светиот Дух, во Христа гледале само еден човек, можеби и пророк, но ништо повеќе од тоа. Не може човек без диханието на Светиот Дух да Го спознае Христа за Син Божји и Спасител. Ете, и апостолите пред Воскресението биле уплашени и заклучени поради стравот од Јудејците. Сѐ уште не беа ја искусиле силата и просветлението на Светиот Дух. По Воскресението опасноста од прогоните станала уште поголема, бидејќи гласот за празниот Гроб се проширил насекаде, Исус веќе не бил во гробот. Но сега ги гледаме апостолите храбри, успокоени и радосни, бидејќи Он, кога им се јави воскреснат, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!“ (Јован 20,22) И во текот на четириесетте дена, до Вознесението, тие постојано Го гледале Христа, разговарале со него, се оснажувале од Него, се осветувале со Него, се полнеле со Духот Негов. И затоа сега, по Неговото Вознесение, ги гледаме преобразени, радосни. Веќе спокојни и облагодатени, ја исполниле Неговата заповед да не го напуштаат Ерусалим, туку еднодушни, секојдневно богослужеле во храмот, очекувајќи го ветувањето. Веќе ништо не можело да ги исплаши или да ги обесхрабри, дури ни фактот што Христос не им потенцирал кога точно ќе го исполни тоа ветување. Едноставно, нивната вера била полна, радоста совршена, а меѓу себе – еднодушни.

Нешто што сите ние треба да го правиме. Непрестајно да го славиме Вознесението Христово. А како да го постигнеме тоа? Бивајќи еднодушни во храмот Божји и општејќи со Светиот Дух. Целта на доаѓањето на Синот Божји и на Христијанството општо е ние да станеме причесници со Бога, преку Светиот Дух. Затоа постојано треба да го посакуваме и да го очекуваме Светиот Дух, да копнееме по Него и да работиме за Негово стекнување. Така и благословот Божји ќе биде непрестајно врз нас. Христос, кога се вознесуваше на Небесата, искачувајќи се, ги благословуваше учениците. Неговиот благослов во Црквата е постојан преку Светиот Дух и преку Светите Тајни во кои дејствува Тој Дух. И затоа, учествувајќи во светотаинскиот живот на Црквата, ние земаме удел и во самиот живот Христов. Празникот Вознесение е празник и на човечката природа, бидејќи Словото Божјо ја возвиши и неа таму горе во небесниот свет и ја седна десно до Отца. Со тоа, сите ние сме удостоени и вознесени. Како? Преку тајната на светото крштение, со која животот Христов се изобразува и во нас. Сите кои во Христа се крстивме, во Него се облековме.

При Вознесението, Господ им говореше на учениците за силата во која ќе бидат облечени одозгора: вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора. Гледате, Он им објаснува дека Светиот Дух ќе биде всушност нашата духовна облека. И повеќе од тоа – Он ќе биде нашата заштита од сите искушенија и соблазни во светот, ќе биде нашето чудесно просветление и осветлување кон Царството Небесно. Со други зборови како да им вели: „Без таа облека, не ќе можете да живеете суштински. Ќе бидете голи и ранливи на секое искушение“. Замислете, на пример, необлечен човек во зима, на температура далеку под нулата. Какво измачување би било тоа за него, а се разбира и погибел. Така и човекот кој не е облечен во Светиот Дух не е човек во полнота, тој е незаштитен и наскоро ќе погине.

Но што значи да се биде облечен во Светиот Дух, да се биде духовен човек? Дали тоа е само човек кој чита книги, кој завршил теолошки факултет, кој има образовни титули и награди за знаење, кој оди само формално в црква, па макар и да носи расо? Во никој случај. Духовен живот значи да се биде во постојано општење со Светиот Дух, во заедница со Светата Троица. Токму таквиот човек, возљубени, кој Го има во себе Духот Христов, може да се нарече духовен човек, облечен во сила одозгора.

Точно, ние луѓето не можеме да бидеме богови по суштина, во никој случај. Но преку Божествените енергии стануваме обожени. Оваа голема тајна на нашето спасение ни ја овозможи нашиот Спасител Христос, Кој ја возвиши човечката природа горе, во небесниот Ерусалим, при Бога Отца и Светиот Дух. И оттогаш, сите кои се подвизуваат и се трудат да живеат во заедница со Светиот Дух, добиваат сила одозгора и се преобразуваат како апостолите и го полнат небесниот Ерусалим, Царството Небесно. Во текот на изминатите две илјади години, заедно со сите оние души од Стариот Завет што Христос ги повикал на денот на Своето слегување во Адот, многубројните се Светиите кои го исполнуваат Царството Небесно. И сведоштвата за тоа се безбројни, бидејќи Светиите низ историјата сведочат, се јавуваат, чудотворат. Тие се тука, меѓу нас, како што и Господ Исус Христос е меѓу нас. Оти, не е можно да излаже Оној Кој им рече на апостолите: И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин! (Матеј 28,20)

Значи, денес Господ Исус Христос со Своето Божествено тело се вознесе и се раздели од Своите апостоли. Меѓутоа, слушнавме дека и покрај тоа апостолите не тагуваат. Тие се вратија во Ерусалим, преобразени, исполнети со радост и со голема сила и сведочеа за Воскресението и за Божественоста на Христа. Се сеќавате, кога на Велики Четврток читавме од Евангелието, Христос пред Своите страдања им рече на учениците дека треба да си замине од нив и тие се исполнија со голема тага. Тоа беше човечка тага, човечко чувство. Оти, тие Го сакаа, Го љубеа, но не ги разбираа тајните Божји и затоа тагуваа. Не знаеја дека Он, иако привремено ќе се раздели од нив и ќе биде распнат и ќе умре на Крстот, на крајот ќе воскресне и ќе се вознесе жив на Небесата. И сега тие се веќе просветлени и се радуваат. Го видоа Христа воскреснат и го слушнаа Неговиот поздрав: „Радувајте се!“. И ние во Црквата го гледаме Христа воскреснат и го слушаме истиот тој поздрав. Затоа ништо од овој свет не треба да нè плаши, оти сме со Него и Он е со нас. Нашите умови, очи и срца се вознесени, вперени кон Царството Небесно, кон горниот Ерусалим, бидејќи нашето живеалиште е токму таму, заедно со Него. За тоа сме создадени и предназначени, мили мои, да не го забораваме тоа.

Осветувањето и просветлувањето од Светиот Дух се можни само преку Неговиот благослов, кој Он обилно го испраќа во Црквата. Овој благослов го примаме преку Светите Тајни, најмногу, се разбира, преку Божествената Евхаристија, на Светата Трпеза. Таму е нашата Голгота, таму е празниот Гроб, таму е и нашето воскресение и вознесение. На секоја Света Литургија, пред да започнат најсветите моменти на осветувањето на Светите Дарови, Црквата ни заповеда: „Горе да ги имаме срцата“. На Литургијата ние учествуваме и се осветуваме во животот Христов, со Него се сораспнуваме, трпејќи ги своите маки и искушенија, со Него совоскреснуваме и со Него се вознесуваме. Затоа, да ги вознесеме своите умови, своите внатрешни очи и, најважно, своите срца кон горниот Ерусалим.

Некој можеби ќе се запраша: „А овде на Земјата, кој ќе ни ги решава проблемите и искушенијата? Зарем Црквата нѐ учи да мислиме само на небесното? Што останува тогаш за тука?“ Бидете сигурни, доколку Го бараме пред сѐ Христа – како што Самиот Он вети: барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде (Матеј 6,33) – тогаш и овде на Земјата ќе биде подобро. Оти, барајќи го и градејќи го во себе Царството Небесно, ние го подобруваме и овој живот и овој свет.

Затоа, да ги имаме своите мисловни очи и своите срца вознесени кон Небото.

Амин.