Поклонение на Светите Метеори (втор дел)

Манастирот „Свети Николај Анапавса“

Продолжувајќи го патот, се упативме кон малата, но прекрасна обител „Свети Николај Анапавса“, совршено стокмена на една тесна карпа, поради којашто и градбата се шири нагоре, кат над кат. Според преданието што ни го раскажа нашиот добар домаќин, архимандритот г. Теофан, старец на манастирот, името Анапавса (од гр. ἀνάπαυσις – ’успокојување‘, ’починка‘, ’оддишка‘) настанало затоа што неговиот ктитор, светиот Дионисиј Милостив, со своето благодатно присуство на сите им дарувал починка и успокојување на душата. И денес, под раководството на архимандритот Теофан, малобројното братство го продолжува истото свето послушание – да ги успокојува срцата на поклониците.

Манастирот „Свети Николај Анапавса“, Метеори
Манастирот „Свети Николај Анапавса“, Метеори

Внатре нѐ пречека едно вистинско естетско чудо: ѕидовите на храмот ги краси живописот на прочуениот Теофан Критски (Теофан Стрелицас Батас), зографисан во 1527 година – едно од најзрелите и најубави дела на пост-византиското сликарство. Пред таа нестварна убавина се поклонивме на моштите на светиот великомаченик Пантелејмон и на чесната глава на светиот Григориј Неокесариски Чудотворец – оној голем светител кој му бил учител и духовен раководител на свети Василиј Велики и на неговото свето семејство. Отец Теофан, пак, нѐ израдува со едно топло слово за Папа-Фотиј, јуродивиот Христа ради од минатиот век – жив сведок дека и во нашите денови светоста не пресушува.

Излегувајќи, во срцето ни остана името на обителта како своевиден печат: анапавсис, починка. Оти, Оној Чиишто слуги се успокојуваат тука, Самиот рече: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). И навистина, малата обител нѐ испрати успокоени и возрадувани.

Манастирот Варлаам

Некаде кон пладне нѐ дочека величествениот Варлаам, втор по големина меѓу метеорските манастири. Името го носи според првиот подвижник, монахот Варлаам, којшто околу 1350 година се искачил на голата карпа, подигнал мал храм во чест на светите Тројца Светители, направил неколку ќелии и резервоар за вода-дождовница, и потоа карпата речиси два века останала пуста. Во почетокот на 16. век (1517/1518) на неа се искачиле двајца браќа од Јанина, преподобните Теофан и Нектариј Апсарас, заедно со своите послушници Венедикт и Пахомиј.

Манастирот Варлаам, Метеори
Манастирот Варлаам, Метеори

Нивниот подвиг е една од најубавите приказни на Метеорите. Имено, бидејќи турската власт не им дозволувала веднаш да градат нов соборен храм, тие со децении – цели дваесет и две години – со јаже и кошница кревале и собирале градежен материјал, чекајќи го денот на дозволата (кулата со макарата и јажето што постои до ден-денес ја подигнале во 1536 година). Кога најпосле пашата попуштил, но со закана дека ако во меѓувреме се предомисли ќе мораат сами да го срушат изграденото, се договориле: ако стигнат да го завршат храмот пред тој да се предомисли, да ги остави и ништо да не им стори. И така, со сиот насобран материјал веќе на врвот, го изградиле соборниот храм посветен на Сите Светии за само дваесет дена! Ктиторот, свети Теофан, ја отслужил првата света Литургија и го осветил храмот, и набргу потоа истиот ден, на 17 мај 1544 година, мирно се упокоил. Делото го продолжил брат му, свети Нектариј, којшто го доѕидал нартексот и се погрижил за живописот. Соборниот храм во 1548 година го зографисал прочуениот Франгос Кателанос од Тива – мајстор чиишто фрески тука се сметаат меѓу најубавите во Метеорите. Под куполата нѐ благословуваше Седржителот, а од сцените, Старецот и сите нас особено нѐ трогна претставата на Пресвета Богородица Посредничката (Ἡ Μεσίτρια) – која, во дијалог со Синот Свој, се застапува и моли за спасението на сите грешници.

Во параклисот на светите Тројца Јерарси се поклонивме на множество светињи: на раката на светиот Јован Златоуст, на чесната глава на светиот новомаченик Јован Јанински, на чесната глава на светиот новомаченик Николај од Мецово, на моштите на свети Нифонт, на светиот Методиј Цариградски, преподобниот Исидор Пелусиот, светителот Лука Војно-Јасенецки и други. Гледајќи го сето тоа, се воодушевивме на трпението и верата на ктиторите: дваесет и две години собирале камен за дваесет дена градба! Не е ли таков и духовниот живот? Долги години незабележлив труд, саможртва, носење камен по камен по невидливите јажиња на молитвата и подвигот, за Бог, во Свое време, за миг да го издигне храмот на душата.