Евхаристиска полнота на Богородичното торжество во Пречиста

Преблагословениот плод на светите прародители Јоаким и Ана, нашата Пречиста Богородица, следниот ден одново нè повика на празнично богослужбено славење. Уште рано наутро во Пречистанскиот храм на Богомајката заблескаа кандилата, засветли елејот на радоста, се слушна молитва и псалмопеење, а реки народ пристигнаа за полнотата на празнувањето – светата Евхаристија.

​Прегрнати во евхаристиска прегратка, браќата свештенослужители од Бигорскиот манастир и свештенослужителите на Дебарско-кичевската епархија се собраа околу својот надлежен Дебарско-кичевски Митрополит г. Георгиј, кој ја предводеше Божествената Литургија во сослужение со возљубениот ни Старец и духовен татко на нашите монашки Обители, епископот Антаниски г. Партениј. Собраните уште еднаш го посведочија своето единство во Христа, заблагодарувајќи Му се за сите Негови добрини, а особено за најголемиот дар што Он му го даде на човештвото – Пресветата Негова Мајка, нашата Богородица.

​Таа нека ги води своите избраници од родот монашки, Таа нека ја поткрепува и нејзината нова монашка рожба, нашата сестра Хрисанта, на која уште еднаш ѝ посакуваме добри монашки денови. Нека дадените завети ги обновува секој ден на нејзиниот благословен животен пат и постојано нека ја сведочи својата верност кон Господа Исуса Христа – Младоженецот на нејзината душа, предавајќи се на беспрекорно послушание кон нашиот духовен родител и Старец, епископот Антаниски г. Партениј. Нему, пак, Бог нека му дарува уште многу духовни рожби и постојано нека му испраќа благодатни сили за да ги воспитува и приведува кон Христа верните души. Нека уште многу години благодарствено и пожртвувано ја исполнува својата монашка и пастирска служба, во слава на Христа и на нашата најсвета Црква.