На Рождеството на Пресвета Богородица – нова монашка рожба во Христа

Празниците на Пресветата Мајка Божја отсекогаш биле повод за торжествени богослужбени собранија. Нејзиниот спомен низ сите векови ги обединува верните души од сите краишта на вселената, зашто Таа е сад животворен во кој безмерно се излеа непресушната Божја благодат, светла палата што незаодната Светлина ни ја роди, книга на Животот во која Самиот Создател го напиша нашето спасение, раѓајќи се од нејзината девствена утроба и влегувајќи во житејското време на човекот. Денес, новозаветната Ева преславно се раѓа за да Го роди почетокот на Животот, денес утробата на некогаш неплодната Ана станува врата низ која во светот влегува небесната и девствена врата на Бога Словото.

Нема поголема радост од духовното утро што го навести Раѓањето на Мајката на целиот христијански род, нема понежен лик од Нејзиниот, нема посострадална душа од душата Богомајчинска, ниту помилосрдно срце од срцето на нашата Пресвета Владичица. Затоа сите жедни души при Неа притекнуваат, затоа целото создание со умилна љубов и служи.

А кој би можел подостојно и со подлабока љубов да ѝ служи од оние кои Таа сама ги повика на девствен, рамноангелски и целомудрен живот, налик на Нејзиниот? Кој посилно Ја возљуби од монашкиот род, кој веќе со векови И излева химни и славословија извезени од најпрекрасни молитвени воздишки? Кој поверно и со поголема умилност деноноќно бдее пред Нејзиниот пречист образ, неуморно застапувајќи се за целиот свет? Тоа се девствените, целомудрените и послушни христоносци, во чии срца Преблагодатната штедро ја излева Својата мајчинска милост, правејќи ги Свои избраници.

Затоа денес преизобилно се радува Пречистанското сестринство, собрано во Нејзиниот велелепен манастир кај Кичево. За нив, но уште повеќе за нашиот сакан Старец, епископот Антаниски г. Партениј, но и за сиот род христијански, овој празник е повод за двојна радост, зашто премилата наша Мајка одново си избра Свој благодатен сад, повикувајќи ја во рамноангелскиот монашки чин нашата сестра Зора. Станувајќи нова монашка рожба на овој славен ден на Богородичното рождество, таа прими монашки потстриг од рацете на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, украсувајќи се со новото име Хрисанта. Оваа новонасадена фиданка, грижливо одгледана од нашиот Старец, вечерва ги положи древните и свети монашки завети на послушност, смирение, целомудрие и целосно распнување за светот. Водена од мајчинскиот покров на Пречистата, како верна невеста Му се предаде на Својот Божествен Младоженец, просејќи од Него сила за секојдневниот подвиг што води кон Незаодното Царство на радоста.

Нека е благословено духовното раѓање во Христа на нашата мила сестра Хрисанта. Нека непрестајно бдее, молејќи се за верните души пред пречистиот и чудотворен образ на Пречистата Богомајка. Нека оваа нова монашка рожна биде за радост на ангелите и пораз на демоните.