Теодорова сабота – грижата на Велокомаченикот за верните

Управени и водени од неизречивата милост и несфатливото човекољубие на Кормиларот на Светата Црква, предобриот и премудар наш Спасител Господ Исус Христос, допловивме до крајот на првата седмица од покајничкото море на Светата Четириесетница. После напрегнатото пловење со кое му дадовме здрави насоки на нашиот претстоен подвиг, вчера и денес пристигнавме до првото попатно пристаниште, каде што нѐ пречекаа две богати духовни трпези – споменот на чудото на Светиот Великомаченик Теодор Тирон и првите акатистни химни, посветени на преславната небесна Царица Богородица.

Кога Јулијан Отстапникот сакал да го оскверни постот на Христијаните преку попрскување на сета храна по пазарите со крв од идолски жртви, тогаш славниот помеѓу мачениците, Теодор Тирон, чудесен и чудотворец, ги запазил од таква скверна цариградските жители, предлагајќи им за храна коливо – вариво од пченица со мед – како што било обичај да се јаде во неговиот крај. Прославувајќи го споменот на тоа чудо, ние се уверуваме дека тој е живо сведоштво за слободата што им е дадена на мачениците: да се грижат за верните и скоро да доаѓаат напомош на секое место каде што се повикувани. Затоа, пак, денес, јадејќи го коливото во спомен на тоа чудо, повторно се потсетуваме дека треба да се пазиме од сето она што за нас претставува жртва на идолите. А идоли на денешниот човек му се: себељубието, сластољубието, гордоста, нетрпеливоста кон ближните, омразата, желбата за материјални богатства, прекумерната грижа за телото, за социјалниот статус, за личното спокојство и безгрижност, конформизмот во животот…

Молитвите на Светиот Великомаченик Теодор Тирон нека ни помогнат во текот на овој пост да го земеме врз себе благиот Христов јарем и, налевајќи сомилост и сострадание за ближните во светилките на своите души, да се ослободиме од животните грижи и да чекориме лесно кон Светата Пасха, за која да нѐ удостои Човекољубецот Господ да ја дочекаме неосквернети!