„Ова е победата што го победи светот – верата ваша!“ – Недела на Православието

„Ова е победата што го победи светот – верата ваша!“

(1 Јован. 5,4)

Колку е силна верата на Православните, на смирените и распнати за овој свет Христијани! Таа вера вселената ја утврди! Стотици и стотици илјади маченици, исповедници, подвижници, херои на верата ја наквасија земјата со својата крв за потврда на Вистината. Колку распнати срца од љубов за Љубовта предвечна и сесилна! Денес торжествува и слави Православието, ја слави својата победа над неверието, злобата, идолопоклонството, ереста, над празната философија, човечките мудрувања и над секоја сила разорителна и дрска. Денес цвета побожноста и благочестието, господари мирот и радоста, царува смирението и љубовта.

По милоста на Великиот Бог и нашата Свештена Обител на славниот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован го прослави денот на победата на Православието со Света Архиерејска Литургија, возглавена од нашиот возљубен Старец, Епископот г. Партениј, кој по литијата со светите икони на средината во храмот, со духовен восторг и трогателен глас го прочита „Синодиконот на Православието“ во кој се оддава почит на сите оние кои се подвизувале и бореле за чистотата и славата на верата Православна. Особено трогателен беше моментот кога се спомнуваа имињата на Просветителите и ревнителите за православната вера помеѓу нашиот словенскиот род, коишто дури до крв и смрт се бореа за да имаме можност и ние да се здобиеме со посиновение и спасение во радоста евангелска на распнатиот и воскреснат наш Спасител Господ Исус Христос. Нека им биде споменот вечен!

Со истиот апостолски и подвижнички живот и нашата монашка заедница, братството и сестринствата со својот сакан Старец, Епископ г. Партениј смирено се труди да го подражава делото на славните наши предци кои засветлиле во подвигот на верата, давајќи се себеси целосно на жртва за нашата Црква, следејќи Го и подржавајќи Го Подвигоположникот и Завршителот на Верата наша – Исуса Христа.


Нема да се одречеме од тебе, љубено Православие;
нема да го издадеме твоето од отците наследено почитание;
во тебе се родивме,
и во тебе живееме,
и во тебе ќе се упокоиме;
и ако повика времето,
илјадници пати за тебе ќе умреме.

(Јосиф Вриениј)