Слово на Старецот за Торжеството на Православието

Голема и преголема е длабочината на значењето на великопосните богослужби на нашата православна Црква. Ете, преку нив, во неделата пред самиот почеток на светиот и чесен Пост, си спомнавме за прогонувањето на Адам и Ева од рајот, а во оваа, пак, прва недела од Постот ја славиме победата на Православието. Од една страна, изгнание на првите луѓе од Рајот, а од друга страна – торжество. А меѓу овие два настани – денови на усрдна молитва, сосредоточување на внатрешниот живот, размислување за сопствените гревови, духовна борба со непријателот на верата, покајание. Навистина оваа прва седмица се покажува како некаква микроисторија на целокупната човечка историја. После падот на човекот и отстапништвото од Бога, после сите несреќи, борби, страшни искушенија, соблазни и богоборни востанија, кои се покажале залудни, после сите херојски исповедања на верата и возвишувања на човечкиот дух, накрај, доаѓа торжеството на верата. Тоа торжество на верата ќе биде и последната граница меѓу историјата и вечноста, мигот кога Синот Божји повторно ќе дојде за да го преобрази светот.

Во денот на Победата на православната вера, ден кога се слават сите оние кои се подвизувале и се бореле за чистотата и славата на таа вера, светата Бигорска обител со бдение и молитвена литија, после која беше прочитан Синодиконот од Неделата на Православието, го одбележа нивниот спомен и им оддаде достојна чест и почит. А добриот Бог, пак, гледајќи ја усрдноста и ревноста за чистотата на Неговото учење на многуте верни души, собрани во Бигорскиот храм на молитва, ги награди сите нив со уште едно вдахновено и умилително слово, изговорено од срцето на нашиот богољубив и светителољубив Старец, архимандрит Партениј:

„Возљубени мои, би сакал да ви искажам неколку слова од моето срце, кое не можам да го спречам да ви се обрати. А всушност и секој црковен проповедник не би можел денес да се воздржи, а да не каже барем неколку зборови на денот кога светата Црква го поставила овој нејзин празник, празникот на нејзината победа.

На вчерашното бдение посебен впечаток ми оставија зборовите од четивото наречено Синаксар, кој дава еден краток преглед на историската позадина на овој победнички празник на Црквата Христова. Тоа богослужбено четиво нѐ потсети дека светите отци го определиле денот на празнувањето токму тогаш кога била извојувана победата над иконоборството и било повторно воспоставено почитувањето на светите икони, со што на некој начин бил заокружен процесот на определување на вистинските догмати на православното учење. Притоа, на крајот од Синаксарот се вели дека светите исповедници на вистинската вера ‘определија ова свештено торжество да се извршува секоја година, за да не се случи некогаш пак да паднеме во истото злочестие’, злочестието кое на Црквата Божја сакаше да ѝ ја одземе нејзината небесна убавина. И кој проповедник, и со какви достојни зборови би можел да ја искаже таа убавина, или пак, да го опише присуството на Бога во светата Црква? Никаде на друго место не може да се почувствува, не може да се види Бога толку живо и реално како во нашата православна Црква. Токму затоа, во апостолот што пред малку го читавме, св. апостол Павле, величајќи ја и восхвалувајќи ја верата на благочестивите луѓе од стариот Завет, како Мојсеј, Гедеон, Варах, Самсон, Давид, Јефтај и другите пророци, кои преку вера извршиле толку големи и славни чудеса, на крајот додава дека сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното, зашто Бог предвиде нешто многу подобро (Евр. 11, 39-40). А што, всушност, подразбира апостолот под тоа нешто многу подобро? Го подразбира, имено, нашето време, времето на благодатта и Црквата на Новиот Израил – христијаните, каде што Бог во полнота се откри Себеси и дозволи да биде гледан, допиран, вкусуван. Ние знаеме од Светото Писмо дека времето на Стариот Завет не било време кога човекот можел да Го види Бога лице в лице; ете, пророкот Мојсеј, наречен Боговидец, Го видел Бог само како светлина во капината на гората Синај; свети Илија Го видел Бог како тивко ветре, а денес од Евангелието чувме: Натанаил Го виде Бога како човек. Колку големо нешто, Оној во Кого не можат да гледаат дури ни ангелите, дозволува да биде виден од нас, луѓето, во облик на човек! И не случајно денес, кога се слави победата на светото Православие – единствениот чувар на Божественото откровение, Црквата го поставила пред нас ова прекрасно евангелско четиво, кое говори за повикувањето на апостолите Филип и Натанаил (в. Јн. 1 43-51). Филип, кој очигледно ревносно се занимавал со Светите Писанија и постојано го очекувал доаѓањето на Месијата, веднаш штом ја видел силната личност на Христа се одзвал на Неговите зборови: Врви по мене! И не само што тргнал по Спасителот, туку, разгорен со божествена љубов, тој без одлагање го започнал својот апостолски призив и го повикал при Христа и својот пријател Натанаил, велејќи му со увереност: Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците – Исус, Синот Јосифов од Назарет. А Натанаил, кој и самиот мошне добро ги познавал Писмото и пророштвата, знаел дека Месијата требало да дојде од Витлеем, и затоа неговите очи, како и очите на целиот Израил биле вперени кон градот на цар Давид. Сите со копнеж очекувале оттаму да произлезе Спасителот, Кој според тогашната нивна перцепција требало да стане Цар на Израилот и да се зацари во Ерусалим. И затоа Натанаил, изразувајќи го својот сомнеж, преку прашање го опоменал Филипа: Може ли нешто добро да излезе од Назарет? Всушност, овие негови зборови наликуваат повеќе на едно правилно испитување, отколку што се израз на сомнеж. Од контекстот на нивниот разговор може да се сфати дека тие и претходно зборувале за доаѓањето на Месијата, па затоа сега Натанаил го опоменува својот пријател Филип, загрижен дека тој можеби се прелажал себеси во однос на Христа. Филип, пак, немајќи што да му одговори на тоа, зашто сѐ уште не знаел дека Христос навистина се родил во градот Витлеем, ги изрекол тие силни зборови: ‘Дојди и види! Јас, навистина, не можам да ти одговорам на прашањето што го поставуваш; не можам и не знам, но затоа, ти дојди и види, дојди каде што е Он, да видиш колку чудесна е Неговата појава, да почувствуваш колку е убаво со Него, и сигурен сум дека Он ќе ти одговори на сите твои прашања’.

Размислувајќи од вчера за силата на овие зборови, дојдов до заклучок дека нивната вистинитиот е потврдена безброј пати во историјата. Кога и да се случувало верните од Црквата да не можат да им дадат логичен и задоволителен одговор на оние кои поставувале многу прашања, тие секогаш ги повторувале Филиповите зборови: дојди и види. Ете, и во моето лично искуство како духовник, тоа ми се повторило којзнае колку пати. Се случува да дојде некое духовно чедо и со загриженост да ми рече: ‘Отче, имам еден другар, пријател, роднина, колега, познаник, маж, жена, дете, што никако не можам да го уверам, да ја уверам за убавината на нашата Црква, за присуството Божјо во неа, за тоа колку е блажен и среќен животот со Бога’. Јас, пак, му одговарам: ‘Викни го, викни ја, нека дојде да престојува малку во манастирот, нека присуствува на Литургија, па на душата негова, нејзина ќе ѝ стане јасно’.

Така, мили мои, да ги повикаме сите оние што сакаат да Го видат Бога, но се сомневаат, сите оние на кои не им е јасно, а сигурно и не се среќни, бидејќи уште не Го нашле Оној, Кој дојде и стана како еден од нас за да нѐ направи среќни со Себе. Да се потсетиме уште еднаш колку тешко им било на богокопнежливите луѓе од Стариот Завет барем малку да го почувствуваат Божјото присуство, и покрај нивната славна вера и големата трудољубивост во подвигот. А нам, не само што ни се даде да Го видиме, туку примајќи обличие на човек, Он дозволи да биде допрен, и најпосле, да биде приман од нас преку светата тајна Причест. Токму поради Неговото јавување во тело видливо за нас, Он благоволил да нѐ потсетува на Своето присуство меѓу нас преку светите и чесни икони, чијашто победа ја славиме денес. Затоа, кога се наоѓаме на богослужба во храмот, кој според светите отци го симболизира Богочовекот Христос, каде олтарот ја претставува Неговата Божествена природа, а самиот храм – човечката, ние всушност се наоѓаме и во духовниот свет; и гледајќи во светиот иконостас, кој е еден онтолошки израз во бои на невидливиот свет, олтарна преграда меѓу видливото и невидливото, ние всушност Го гледаме Христа Бога, Неговата Пречиста Мајка, безбројните светии, го гледаме небото отворено… И во контекст на ова, ќе ги додадам зборовите што Господ му ги рече на Натанаил во продолжение на денешното Евангелско четиво: Ти веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова. И пак рече: Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки. И, навистина, нели поради Него ангелите многупати се јавиле на земјата? Најпрво при Неговото зачнување, потоа при Неговото раѓање, па за време на Неговиот пост во пустината, за време на Неговата молитва во Гетсиманија… Но ангелите се искачуваат и слегуваат и над сите нас. Знаеме дека при светото крштение сите ние добиваме ангел пазител, кој постојано бдее над нашата душа. Во житијата на светиите, пак, читаме дека многумина од нив дури и разговарале со нив. Така, значи, Црквата е место каде што се среќаваме со небесниот свет, со ангелите, со светиите, со Пречистата Владичица Богородица, и најпосле со Самиот Христос, Кој е толку блиску до нас, бидејќи Он стана еднаков со нас во сѐ, освен во гревот; во Црквата православна го гледаме небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки. Тоа е достоинството и ползата што ја имаме од светите икони, чиешто повторно воспоставено почитување го славиме денес, оддавајќи Му преку нив слава и чест на милосрдниот Творец и Бог. Да се молиме, возљубени мои, сите да ја дознаат Неговата милост и вистина, да имаат чисти срца на вистински израилци по дух, во кои нема лукавство, та да се удостојат, како денес Натанаил, да Го видат и да поверуваат во Христа и така да станат радосни и благословени, бидејќи Он затоа и дојде во светот – за да нѐ спаси и да нѐ направи вечно среќни и радосни. Амин!“