Славата на Победоносецот во Рајчица

Манастирското торжество во Рајчица продолжи и денеска, прелевајќи се во мистичното заедничарење на Божествената Литургија. Со празничното собрание чиноначалствуваше нашиот сакан Старец, епископот Антаниски г. Партениј, опкружен од своето монашко братство и сестринствата, како и од многубројниот верен народ, кој го исполни светилиштето.

Откако одекнаа зборовите на светото Евангелие, нашиот Старец ги поткрепи своите возљубени чеда со вдахновена проповед, која беше живо сведоштво за подвигот на Светителот. Во овој свет, кој пречесто нуди компромиси со Вистината и минливи нешта, Владиката потсети дека Христијанинот е повикан на непоколебливост, за да биде вистинска светлина на светот. А ликот на Светиот Георгиј нè зацврстува во тоа дело, уверувајќи нè дека вистинската слобода извира единствено од храброста да се остане верен на Христа, дури и тогаш кога патот на вистината изгледа тежок и многустрадален.

Оваа Литургија беше вистинско вознесение на духот, за што повторно придонесоа нашите драги гости – псалтите од Грција, предводени од архимандритот г. Херувим. Нивните гласови, слеани во молитва со срцата на верните, уште еднаш посведочија дека во Христа сите стануваме едно тело и една душа.

Празникот во Рајчица одново потврди дека Светиот Георгиј Победоносец не престанува да ги собира своите чеда, поучувајќи нè дека победата над злото во светот започнува со победата над сопствените страсти и со сецелото, доверливо предавање во рацете на Воскреснатиот Господ.