Радувај се, Невесто неневестна, Пречистанска Закрилнице!

Ништо така не ја успокојува и радува душата на верните и не ја возвишува мислата на благочестивите, како што тоа го прави пренепорочната Агница Божја, Христовата Книга одухотворена, Цветот несовенлив, Изворот на секоја радост, Пресветата наша Богородица. Во маглата на искушенијата од нашево време, притеснети од бројните грижи и неволи, изморени од сопствените страсти и гревови, умот и душата благоговејно и молитвено се насочуваат кон Посредницата на Небесата, кон нашата Закрилница и победоносна Војвотка, за да посредува за нашето спасение и да ги победува нашите духовни непријатели. Мислата се издигнува, прилепена за Акатистната Химна, подготвувајќи се за Великата и Света Седмица, за Распетието и за Воскресението.

Ги пееме, со свештен трепет и умиление, со благодарност и молитвено настроение, заедно со Архангелот Гавриил, прекрасните и небесно-вдахновени стихови на кондаците и икосите на Богоридичниот Акатист. Последованието на оваа чудесна Химна, блескав пример на христијанската поезија, се упатува со благочестива топлина и умиление кон Мајката Христова, неневестната Невеста, Приснодева Марија, во слава, благодарност, прозба и молитва кон Триединиот Бог.

Наизменичните прозби на радост, на духовно веселие, на молби за избавување и спасение, му даваат еден вдахновувачки тон на Акатистот. Светиот песнописец на Акатистот имал едно совршено живописно чувство. Зографската боја ја заменува музикалноста, лирската возвишеност, а погледот слегува од Божествените висини во светот на сетилата, во прикажаните слики и споредби. Светот на идеите се соединува со светот на физичките твари. Сè во чест на почесната од Херувимите и во слава на неспоредливо пославната од Серафимите.

Оваа полнота на возвишени чувства и благородни мисли денес ги посети душите на сестрите монахињи и притекнатите верни во Манастирот на Пресветата крај Кичево, каде нашиот старец и владика, Епископот Антаниски г. Партениј, боголепно и умилно ѝ ја упати со молитвен глас Четвртата акатистна статија на Пречистата Богомајка.

Радувај се, зраку на разумното Сонце.

Радувај се, сјају на незаодната светлост.

Радувај се, молњо што ги просветуваш душите.

Радувај се, громе што ги застрашуваш вразите.

Радувај се, многусветлата просвета ја изгреваш.

Радувај се, многутечната река ја излеваш.

Радувај се, бањо што ја измиваш совеста.

Радувај се, чашо што ни црпеш од радоста.

Радувај се, мирисе на Христовото благоухание.

Радувај се, животе на таинственото веселие.

Радувај се, Невесто неневестна.