(видео) Сеправославно празнување на Крстовден во Светиот Град Ерусалим

Пријдете, луѓе, гледајќи го преславното чудо, на силата од Крстот да се поклониме, зашто дрвото во рајот смрт произведе; ова, пак, живот ни процвета, имајќи Го безгрешниот Господ прикован на себе, од Кого земајќи нераспадливост, сите ние извикуваме: Тебе Кој со Крстот смртта ја уништи, и нас нѐ ослободи, слава Ти.

(Стихира од чинот на поклонувањето на Чесниот Крст)

Денес во духовното небо победоносно блеска високо издигнатиот Крст Господов, кој ја потпиша и запечати, како семоќен Христов потпис, повелбата за слободата на човекот од смртта. Залогот за нашата победа и блаженство! Нашето оружје, пофалба и слава! Прославата на чесниот и животворен Крст е велика и длабока тајна на Црквата. Крстот е најголемото сведоштво за самопожртвуваната љубов Божја, која ги преобразува и внесува мир, сила и радост во нашите срца. Од понорот на најдлабока темница тој нѐ изведе во  неминлива светлина, од смртта нѐ воведе во вечен живот, од распадливи нѐ сотвори вечни. Преку Крстот ја искусивме силата на љубовта, поучувајќи се животот за другите да го полагаме. Крстот е проповед и вера во Воскресението, живот во идното Царство Небесно. Ништо не е подрагоцено од Крстот и ништо поспасително од него.

Токму затоа, неговиот празник во Црквата од памтивек се слави со големо торжество, а главното средоточие на неговото блескаво празненство е во Светиот Град, каде што на него бил издигнат Синот Божји, за спасение на оние што ќе поверуваат во Него. Отсекогаш на овој голем Господов празник во Ерусалим притекнувале реки од верници и свештенослужители од сите краеви на светот, за да се поклонат на Животворното Дрво кое повторно го отвори Рајот.

И ете, и нас, грешните и недостојните, таа огромна оживувачка и радостотворна благодат што зрачи од Чесниот Крст, нè повика и нè удостои, подобно на Светата Марија Египетска, да му се поклониме и да го отпразнуваме неговиот преславен спомен, токму на местото каде што се случило неговото Воздвижение, Храмот на Христовото страдание и Воскресение. Илјадници верници од сите страни на светот денес се слеаја во тоа најсвето место на Земјата, за заедно со архиереите и свештенослужителите да го прослават „оружјето на мирот, непобедливата победа“. Со Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил, кому му сослужуваа уште десетина архиереи, меѓу кои и нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. За прв пат по векови, архиереј на нашата Црква, најсветата Охридска Архиепископија, беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот Крст, испраќајќи четворен благослов од четиристраната Светиња за сите нејзини чеда. Заедно со светите архиереи, служеа и неколку десетици архимандрити, јеромонаси и свештеници од разни краишта на вселената, а меѓу нив и бигорскиот архимандрит Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј. Со својата вештина во црковните работи тука беше присутен и нашиот собрат неуморниот монах Аверкиј.

Торжеството започна со архиерејска и свештеничка литија од Ерусалимската Патријаршија, предводена од Блаженејшиот Патријарх г. г. Теофил, до Сесветиот Храм на Воскресението, каде што се служеше празничната Литургија. По завршетокот на Евхаристијата следуваше свечена литија до местото каде што Светата Царица Елена го нашла Чесниот Крст, а оттаму на Голгота, па повторно во храмот. На нашиот Старец и Епископ г. Партениј, од Патријархот и архиереите на Ерусалимската Патријаршија му беше укажана голема чест, со тоа што тој беше удостоен да го носи светото Животворно Дрво над својата глава.

Во полнотата на денешната сепразнична радост учествуваа и повеќе верници од нашата Татковина, духовни чеда на најсветата Охридската Архиепископија.

По завршувањето на торжественото богослужение, архиереите и свештенослужителите беа примени на свечен прием во Салата на Тронот од Блаженејшиот Патријарх г. г. Теофил, каде сите со радост си го честитаа големиот празник. По повод денешното славје, како и во знак на повеќедецениското пријателство, Митрополитот на Востра г. Тимотеј, егзарх на Ерусалимската Патријаршија во Кипар, на нашиот Старец му подари скапоцена архијерејска енколпија.

Крстот ја содржи во себе несоздадената Божја енергија, поради Оној Кој беше распнат на него. Таа енергија е спасителна за оние што веруваат во Распнатиот и го прифаќаат животот на крстот, а погубна за оние што го одрекуваат Крстот и Воскресението на Господ Исус Христос. Слушнавме сега како Апостолот Павле точно го дефинира ова: словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1. Кор. 1,18). Оваа дефиниција за Крстот Христов, возљубени мои, дејствува со полна сила до денес. Што, всушност, означува словото за крстот? Тоа дека тој е сведоштво, најмоќен израз на совршената Божја љубов, на најголемата љубовна жртва што Бог можеше да ја направи за нас, луѓето.

— Старец и Епископ г. Партениј Антаниски

Ти си мојот силен покров, Крсту Христов сесвет! Освети ме со твојата сила, та со вера и љубов да ти се поклонувам и да те славам.
(Литиска стихира на празникот)