Покана за пречек на Иконата на Светиот Великомаченик Георгиј


Возљубени верници и почитувачи на светиот и славен Великомаченик Георгиј Победоносец,

Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ве информираме за претстојното духовно торжество во Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, во навечерието на Втората недела од Чесниот и Велик Пост. Имено, на манастирската слава во спомен на Светиот отец наш Григориј Палама, во сабота, на 30 март, во 16 ч., во Манастирот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава. Иконата претходно ќе биде осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Рајчичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.

Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, утрената ќе започне во 7:30 часот, со Божествена Архиерејска Литургија во 9 ч.).

Ве покануваме со раширени срца и радосни души да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава.

Кратка историја на молдавската икона на Свети Георгиј

Молдавскиот Воевода Стефан Велики

Чесната и чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец што се чува во манастирот Зограф на Света Гора е наречена Молдавска, затоа што е подарена од славниот молдавски кнез Стефан Воевода Велики (управувал 1457-1504) во 1484 година. Всушност, овој исклучително побожен молдавски Воевода, кој штедро ги дарувал и поткрепувал православните светињи кои во тоа време се наоѓале под османлиското иго, станал возобновител и нов ктитор и на Зографската Обител. Тоа се случило по чудесната помош од Свети Георгиј на војводата Стефан, во една одбранбена битка против османлиската војска. Имено, еднаш неговиот град бил нападнат од Османлиите коишто биле далеку побројни од неговите војници. Тој ја распоредил својата војска по ѕидините на градот, за да ги одбиваат нападите колку што можат и во меѓувреме постојано му се молел на големиот заштитник и спомагател на христијанскиот род, Светиот славен и сефален Великомаченик Георгиј Победоносец пред неговата чудотворна икона. Една вечер додека Војводата со цврста вера и смирено настроение усрдно се молел, му се јавил самиот Светија и му рекол да не стравува и да не се повлекува, бидејќи, како што во многу битки дотогаш во кои учествувал со помала војска, со Божја помош, издвојувал големи победи, така ќе биде и сега. По ова видение војводата Стефан се охрабрил и излегол против нехристијанскиот непријател, носејќи ја напред иконата на Светителот, и со негова помош однел блескава победа над Османлиите. Кога потоа кај него дошле пратеници од спротивниот табор за да му оддадат чест и да молат за мир, му посведочиле дека за време на битката, во редовите на неговата војска имало некој многу храбар и страшен војник со копје и меч, качен на бел коњ и, всушност, тој им нанел страшен пораз, принудувајќи ги да бегаат. Воеводата Стефан зачудено рекол дека таков војник немало во неговата војска. Но кога дојденците ја забележале кај него иконата од Св. Георгиј, ужаснати и уплашени му посведочиле дека токму тој коњаник им го нанел лутиот пораз. Оттогаш војводата уште повеќе го засакал светиот Христов воин, кој бил негов личен патрон и секогаш усрдно му се молел. Наскоро потоа, Победоносецот повторно му се јавил на својот верен слуга и го благословил да го обнови неговиот опустошен манастир Зограф на Светата Гора Атонска, во знак на благодарност за укажаната му помош и таму да ја однесе неговата икона, за поткрепа на монашката заедница.

Чудотворна икона со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, манастир Зограф, Света Гора

Инаку, иконата пред тоа била подарена од ромејскиот император Јован Палеолог на молдавскиот воевода Александар Добриот (управувал од1400-1432). Украсната сребрената риза, пак, на иконата е правена по иницијатива и заложби на многозаслужниот зографски Архимандрит Анатолиј, родум од Могорче, израснат во Лазарополе и замонашен во Бигорски, за време на неговото престојување во Русија до 1838 година. Во натписот врз сребрената кошула се вели дека образот на оваа чудотворна икона „му се јавил во 1484 година на Великиот Стефан Воевода Молдавски, којшто по тоа видение ја возобнови оваа Света Зографска Обител“. Подоцна, кога иконата потемнала од старост, била наново прецртана на старото дрво.

Новоизработената икона со чудотворниот лик на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од молдавската икона, на неговиот прочуен Манастир во Рајчица му ја подарува благочестивиот господин Ратко Капушевски, со мајка си Билјана, сопругата Даница, сестрата Бјанка и внукот Итан. Истата беше нацртана во Грција од зографот г. Николај Кангарас од Фтиотида, сребрениот опков беше изработен од мајсторот г. Леондарис Зидрос од Јанина, а дрвената рамка и кивот од г. Христос Муртидис од Солун. Иконата ќе биде осветена и благословена во двата Светогорски манастири Ксенофонт и Зограф, кои се посветени на Светиот Георгиј.

Се молиме славниот Победоносец штедро да ги вознагради дарителите, а својот манастир и иконата во Рајчица да ги сочува здрави и неповредени до крајот на вековите, сѐ до Второто Христово Пришествие, пазејќи го со своето моќно застапништво христијанскиот род во целиот овој крај. Амин!