Навечерие на Св. Партениј и именден на Старецот

Да бидеме благодарни на луѓето коишто нѐ прават среќни; тие се харизматични градинари коишто прават да расцветаат нашите души.

-Марсел Пруст

Во духот на благодарноста, согласно овие вдахновени зборови, како и според завештанието на Божествениот Апостол Павле: Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна (Евр. 13,7), Бигорската Света Обител, со сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино и притекнатите верници, го прослави споменот на нашиот Отец меѓу Светиите, Партениј Лампсакиски Чудотворец и именденот на својот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј.

Благодатното торжество за првиот именден на нашиот старец како Епископ започна со монашкиот синаксис пред почетокот на Вечерната богослужба, на кој браќата и сестрите од нашето монашко семејство ги излеаја своите срца пред својот духовен родител и учител, а тој од своја страна, уште еднаш татковски ни се заблагодари и со евангелска љубов нѐ поучи:

„Вашата преголема љубов, чеда и рожби мои највозљубени, ме потсетува на големата одговорност што ја имам пред Бога за вас и за сите духовни чеда на нашата Обител. Ви благодарам што ме потсетивте на пророкот Мојсеј пред Црвеното Море, со што ги насочивте моите размисли кон тоа колку тешко му е на оној што е избран и повикан да води. Боговидецот Мојсеј беше пријател Божји и разговараше со Господ лице в лице, како човек што разговара со пријателот свој. Всушност, сите ние на некој начин разговараме со Бога преку молитвата, но Мојсеј имаше и натприродни и живи откровенија. Меѓутоа, иако богоизбран, тој се соочуваше со неискажливи тешкотии во својата избавителна мисија. Сепак, Господ не го остави сам. Најнапред, Самиот Он беше постојано со него, а потоа му порача да си избере и помошници, коишто Светиот Дух ги просвети. Во оваа смисла, да знаете дека токму вие сте моите помошници во делото што нашиот Манастир го прави за спасението на душите. Без вас јас ништо не сум. Честопати се чувствувам последен од сите, бидејќи сум немарен во мојата духовничка дејност, недостоен и грешен човек сум. Затоа ве молам да ми простите и да ме истрпите. Да истрпиш грешен човек е големо нешто, оти лесно е да трпиш праведник и свет, но тогаш каде ќе е наградата? Вие гледате дека јас цел живот се трудам да не ги разликувам луѓето по нивното звање, образование, народност, вера, социјална положба, туку се борам да ги сакам сите до еден и токму врз тој дух се втемелени и нашите манастири. Затоа, ве молам, истрпете ме и вие малку. Нашиот Господ ни заповеда да се љубиме еден со друг. Вие, бидејќи духовно ве родив, ме љубите многу – го чувствувам тоа – а јас, пак, уште повеќе ве љубам вас. А и да не ме сакате, не е важно, бидејќи не сум достоен за вашата љубов. Важно е јас да ве љубам вас и тоа ми е мојата духовна храна. Оти не треба да бараме другите да нѐ сакаат, поважно е ние да сакаме. Кога очекуваме од другите посебно внимание и љубов, тогаш грешиме, бидејќи ако не го добиеме очекуваното, ќе се разочараме. Сетете се на поуката од нашиот монашки учител, Авва Доротеј: ‘Не барај љубов од ближниот, оти ако не ја добиеш, ќе се возмутиш. Подобро ти покажи љубов кон ближниот – така и самиот ќе се успокоиш, а ќе го привлечеш и ближниот кон љубовта’. Па така, да се трудиме да не бараме љубов од другите, туку ние постојано да даваме. Тогаш Бог нема да нѐ остави без утеха. Бескрајно ви благодарам за вашата небесна љубов, простете ми и молете се за мене, за просветление“.

Вечерното богослужение го красеше токму ваквото взаемно раздавање на духовна љубов и молитви, со срдечен призив кон денешниот славеник, Свети Партениј Лампсакиски, да го укрепува и облагодатува нашиот возљубен старец и владика. А по Вечерната, во големата манастирска сала за свечености, тој им се заблагодари на сите за нивните усрдни молитви и љубов, со коишто го опсипаа вчера:

„Сесрдно ви благодарам, мили мои, што и покрај отежнатите услови поради пандемијата, најдовте простор и време да дојдете на овој ден, кој има особено значење за мене, бидејќи вечерва со утре се слави Светителот чиешто име го носам. Свети Партениј Лампсакиски Чудотворец бил еден прекрасен Христов епископ, вистинска благодатна сол на светот во времето во коешто живеел, слава и осветување на епархијата што Господ му ја возложил. А јас, последниот, еве, скоро 26 години недостојно го носам неговото свештено име.

Годинава ми е прв именден како епископ, односно во чинот кој го имал и мојот небесен патрон, Светиот Партениј. Сакам да знаете дека вашите светли и радосни лица, вашето присуство, како и љубовта на оние што не се вечерва физички присутни, особено ми значи. Денеска многу духовни чеда ми испратија пораки, се јавуваа, честитаа и таа љубов нивна, тој бесценет Христов дар кон мене, ме поттикнува и понатаму искрено да Му служам на Бога, со силна вера и со молитви, подвизувајќи се во Неговата љубов.

Единствено преку љубовта можеме да се осветиме. Во животот, дури и кога сме нападнати, наклеветени или онеправдани, ние не смееме да возвраќаме со зло. Сетете се што се случи со Апостолот Петар во Гетсиманската градина, кога со нож го удри слугата на еден од Христовите непријатели. Тогаш Господ Христос му рече: Врати го ножот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат (Матеј 26,52). Гледате, Господ сака Христијани коишто на злото нема да возвраќаат со зло, туку со љубов и проштавање ќе го преобразуваат злото; Христијани кои се распнуваат за Црквата. Такви нѐ сака Бог – да се распнуваме за Телото Негово, да се жртвуваме за Црквата Негова. На Господ, значи, Му требаат распнати Христијани, полни со љубов и прошка, вистинска сол на земјата, а не Христијани распнувачи, коишто сакаат со прст да покажуваат на другите и да осудуваат.

Животот на Свети Партениј бил токму тоа: еден непрестаен подвиг во љубовта Господова, борба да се биде Христова сол на светот. И не само неговиот, туку и животот на сите Светии се состоел од тој подвиг да се служи, а не да се биде услужуван; да се биде распнат, а не распнувач; да се биде љубов, а не осуда. Затоа и станеле жители на Рајот, во заедница со својот Спасител, Кој не возвраќаше зло за зло, туку се распна на Голгота, прегрнувајќи го со раширени раце сиот свет.

Од срце ве прегрнувам и ви благодарам на сите што со вашата љубов Го радувате, најнапред, нашиот Спасител Господ Исус Христос, Свети Јован Крстител, Свети Партениј Лампсакиски, а потоа сте и моја лична радост и пофалба. Бог се радува што ја гледа Својата Црква собрана и соборна. Затоа, ве замолувам уште еднаш да го запомнете ова: Господ сака распнати Христијани, а не распнувачи. Го повторувам ова, бидејќи денес, за жал, има многу Христијани коишто постапуваат спротивно на Христовото учење за смирението и љубовта и сакаат да распнуваат.

Ги просам вашите молитви, не ме заборавајте никогаш во нив, бидејќи да се носи епископскиот чин е голема, страшна одговорност. Ја чувствувам таа одговорност и понекогаш навистина многу ми натежнува, бидејќи сум премногу слаб да го носам тој подвиг, тој чин. Вечерва на монасите им зборував малку за пророкот Мојсеј, којшто беше од Бога избран да го води израилскиот народ од состојба на ропство во слобода. Во преносна смисла духовникот е како нов Мојсеј за поверената му паства, па така се потсетив колку е голема одговорноста да се биде прв. Но, Господ и на Мојсеј му испратил помошници кога овој го побарал тоа. Читаме во Петокнижието како Господ му рекол на Мојсеја: Собери ми седумдесет мажи од старешините израелски, за кои знаеш дека се негови главатари и надзорници, па доведи ги кај скинијата на собранието, за да застанат таму заедно со тебе. Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е врз тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе бремето на народот, а не ти сам да го носиш (Броеви 11,16). Така и мене, недостојниот, Господ ми испрати прекрасни сотрудници, монаси и монахињи, но и духовни чеда, коишто искрено се трудат, во смирение, како распанати во овој свет, да го шират благодатното слово на Евангелието, сведочејќи го истото со својот живот. Впрочем, тоа е и единствениот исправен начин со кој може вистински да се посведочи Евангелието, како што нѐ поучува апостол Павле, дека ние треба постојано да го распнуваме стариот човек во себе, да бидеме распнати за светот, за во нас да заживее новиот човек во Христа.

Да ми сте благословени и ви благодарам на вашата љубов од срце. Господ да ве дарува со многу благослови и духовни сили во ова тешко време во коешто живееме, та да бидете евангелска сол на земјата, да бидете радост на овој свет.

Свети Партениј Лампсакиски нека ни е напомош на сите!“

Во продолжение, од името на сите монаси и монахињи, именденот на Старецот му го честиташе нашиот најстар отец и собрат, неговото сепреподобие, јеромонахот Доситеј:

„Владико на нашите срца, почитувани браќа и сестри,

Дозволете накратко да кажам неколку збора, коишто во извесна мера се поклопуваат со она што сега го кажа нашиот возљубен Старец. Имено, тоа дека денес е неговиот дваесет и шести по ред именден, кој за прв пат го дочекува како епископ, како архијереј на Црквата Христова. Но, познавајќи го него добро, сите сме свесни дека тоа возвишено достоинство, за него не претставува некаква награда, ами уште едно големо бреме, уште еден тежок товар кој се наталожува врз неговите плеќи; товар што тој доброволно го зема врз себе да го носи, за благоденствието на сите нас. Нека Божјата благодат, којашто ги надополнува човечките слабости, биде секогаш со него и во него, според апостолската полнота на чинот што го носи!

Во познатата монашка песна, Разумната молитва, пееме: ‘Старче мој почитуван, Мојсее мој разумен’. Како што пред малку кажа нашиот духовен татко, тој за нас навистина претставува еден нов Мојсеј, кој нѐ води низ пустината на овој свет, од ропството на страстите до ветената земја на слободата во Христа, за што му сме бескрајно благодарни.

Во оваа прилика му подаруваме на нашиот Старец и Владика една скромна кутија со цвеќиња, коишто симболично ја претставуваат градината на неговите монаси и монахињи, а внатре, на малечок екран кружи видео на кое е запишан нашиот скромен благодарствен подвиг, на сите браќа монаси и сестри монахињи, во обид барем малку да се доближиме до неговата недостижна саможртва и љубов.

Во видеото се вклучени и неколку поуки за монашкиот подвиг изговорени од нашиот Старец, коишто се однесуваат на животот во послушание:

Кога имаш вистинско послушание, имаш сѐ и невозможното станува возможно.

Чеда мои, прифатете го совршеното послушание и смирение и тогаш со сигурност ќе знаете дека правилно се подвизувате.

Кога во еден манастир монасите прават сѐ со благослов и послушание, тој манастир напредува и тогаш ќе го правиме она најважното – ќе спасуваме многу луѓе.

Молитвите на вистинскиот монах, кој го поминува својот ден во послушание, се како столб кој води кон небесата.

Вие, Владико свети, подобно на нашиот Пастироначалник Христос, Кој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија (Иса. 53,5), и Кој ги зеде гревовите на светот врз Себе (Јован 1,29), ги поднесувате нашите страсти и страданија, претворајќи ги во благомирисен молитвен принос за спасение на многу души. Примете ја нашата свештена синовска благодарност за жртвата сепаленица што секојдневно ја принесувате пред тронот на Света Троица, целосно разложувајќи ја Вашата личност за доброто на сите. На многаја лета!“