Бигорски го слави својот Патрон, Свети Јован Крстител

Свети Јован е и се нарекува светилник на светлината. Се разбира, не е светилник што нè облева со материјална светлина, зашто тогаш не би бил постојан и непрекинат неговиот блесок, кој би се губел секогаш кога пред него би се исправела некаква пречка. Но е светлина што го покажува пресветлото блескање на Божјата благодат во длабините на срцето на оние што се собрале, за да го прослават неговиот спомен…

Преподобен Теодор Студит

Се пролева денес светата крв на Претечата и Крстителот Христов како скапоцено миро од свештеното грло и ја замирисува вселената. Крв што се излеа, пред пресветата Крв на Владиката и на бесмртниот путир. Зашто прилегаше да се случи така – претходникот на Светлината, кој изгреа со своето раѓање од бесплодна мајка, озарувајќи ги оние што живееја на земјата, да им засветли така и на мртвите, станувајќи со својата смрт светлоносен проповедник на Спасителовото Воскресение. Крв, почесна од таа на патријарсите, поскапоцена од таа на пророците и посвештена од онаа на праведниците. Попревосходна дури и од апостолската и пославна и од маченичката. Крв најблагодатна, којашто ја украсува Црквата Христова подобро од секаков најскапоцен и најредок украс, крв, којашто се пролеа за правда на крајот од стариот Закон и цвет, којшто преставува благоухано предисловие на присуството Христово во светот.

Да се слави споменот на оној кого устата Господова го пофали, велејќи: вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител (Матеј 11,10), е навистина дело повеќе небеско, отколку земно. Споменот на „небесниот човек“ и на „ангелот во тело“, на единствениот Пророк кој се удостоил да го доживее пророкуваното и да покаже со својата испоничка рака кон Пророкуваниот: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29) – е спомен сечесен, преславен, Божествен. Тој е спомен кој ги радува срцата на верните, ги возвишува мислите, ги облагородува душите, ги полни духовните ризници со благодат и со светло веселие. Празнуваме смрт, а се исполнуваме со живот. Си спомнуваме за отсекувањето на сечесната глава на Крстителот, а нашите мисли се очистуваат и се просветлуваат. Се сеќаваме за неправедната смртна осуда, а се ослободуваме од тиранијата на гревот. Навистина, „Претечевото славно Усекновение беше некаква Божествена промисла“.

Со таква богодолична чест е удостоена нашата Света Обител, да биде место и пребивалиште на надангелската слава на богопрославениот Пророк, Претеча и Крстител Христов, Свети Јован. Чест, којашто е свештена должност за жителите на Бигорското Претечево светилиште и нивна неизмерна радост и пофалба. Затоа тие, Светијовановите монаси на Бигорски, со посебен восторг и духовно великолепие го празнуваат, заедно со сите верни, споменот на Усекновението на сечесната глава на нивниот моќен Закрилник и секогаш неуморен Молитвеник за спасението на човечките души. Затоа и нашиот старец, Епископот г. Партениј, долгогодишен служител на славата на Претечата, со таков душевен трепет беседеше за чудото на неговото смирение.

И оваа година главната манастирска слава беше одбележана со торжествени богослуженија, на кои украс им беше светата празнична Евхаристија, со којашто, традиционално, чиноначалствуваше почитуваниот надлежен митрополит на нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, во сослужение со некогашниот бигорски собрат, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, со нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство, Епископот г. Партениј, со браќата јеромонаси и свештенослужители од нашата и од други епархии. На крајот од Светата Литургија, Митрополитот г. Тимотеј произнесе вдахновено пригодно слово, за славата и големата порака на денешниот славеник Свети Јован Крстител:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Секаде околу реката Јордан се слушала проповедта на Крстителот. Дури и реката Јордан се обновува бидејќи ја гледа убавината на човековата душа каква што била создадена кај првиот Адам. Постојаната молитва на свети Јован и постојаното воздигнување на умот и срцето кон небото ја менувало целата природа. Тој дошол да го подготви патот за оние што оделе кон Изворот на животот. Дошол да јави дека доаѓа прекрасното Сонце, кое го осветлува секој човек што ќе го послуша Претечевиот глас и ќе го подготви својот пат кон покајанието.

Ние ја знаеме историјата за раѓањето на свети Јован Претеча. Долги години Господ не им давал пород на Захариј и Елисавета. Не затоа што тие биле грешни, туку поради сосема друга причина – за да се покаже дека силата Божја се покажува во човечката немоќ. Кога биле угасени сите човечки страсти на телото и кога по човечката логика не постоела никаква можност за пород, тогаш Господ ја исполнил нивната молба и им дал чедо по Својата голема милост. На овој начин Господ си припремил пат за Своето доаѓање во светот.

Јован Претеча, уште во утробата на својата мајка се сретнал со Господа. Тогаш Елисавета ги кажала зборовите: „кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја“ (Лк. 1, 44). Уште нероден, со Јован се случило тоа што не му се дава на секого, туку единствено на оној кој Го сретнал својот Господ и Учител. И дошло време, па Господ на чудесен начин му дал живот на светиот пророк. Родителите брзо по раѓањето на Јован починале. Захариј бил убиен од Ирод во Ерусалимскиот храм, а Елисавета починала брзо откако го однела Јован во пустината. Не е многу тешко да се каже каков бил неговиот живот во пустината и кој го воспитувал. Знаеме со што се хранел во пустината, па токму затоа ни останува да кажеме дека за него се грижела силата Божја.

Кога наполнил триесет години се јавил како проповедник на покајание, громогласно проповедајќи покрај Јордан и крштевајќи ги луѓето со водата на покајанието. Го прашувале: „Кој си ти?“. Тој им одговарал: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган“ (Лк. 3,16-17).

Кога Јован Го крстил Христа за да се исполни секоја правда, според зборовите на Христос (Мт. 3, 15), тој укажал дека Христос е Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот. По овој настан, Јован продолжил да биде громогласен проповедник кој ги изобличувал гревовите, а не луѓето. Покрај другите, тој ги разобличувал и фарисеите и садукеите, повикувајќи ги да донесат плодови достојни за покајание за да го избегнат идниот гнев. Како проповедник на вистината и како пророк и ангел испратен од Бога да го приготви патот на Христа, тој не се плашел да ја каже секоја вистина, не плашејќи се ни од самиот цар Ирод. „Не ти е дозволено да ја имаш жената на својот брат“ (Мк. 6, 18) – му велел Јован на Ирода. Ирод имал секаква моќ. Можел да го убие или да го протера, но тој го почитувал Јован и се плашел од казната Божја, па го затворил за да го замолчи. Но, кога Ирод приготвил веселба за својот роденден, Саломија – ќерката на Иродијата особено им угодила на гостите, па тој во пијана состојба ѝ ветил: „Побарај се што сакаш и ќе ти дадам, дури и половина од моето царство“. Таа, пак, поучена од својата мајка ја побарала главата на Јован Крстител. Тогаш Ирод наредил да биде погубен свети Јован Крстител и така замолчела устата на човекот кој бил најголем меѓу родените од жена (Мт. 11,11).

Самиот празник нѐ поучува како гревот го тера човекот да паѓа, го принудува да го убие другиот човек, а преку тоа да се погуби и самиот себе преку вечните маки. Кон тоа води гревот на прељубата. Овој грев е насочен и против семејството и против душата. Не треба да ја заборавиме и другата причина за Иродовиот грев која ни ја кажува денешното Евангелие. Ирод го дал ветувањето дека ќе го убие Јован на гозба, во пијана состојба. Секое пијанство завршува со непријатности. Колку безумни дела се прават во пијана состојба! Пијанството и умниот човек го прави безумен.

Свети Јован Претеча се јавува како последен пророк и прв апостол, прв маченик и исповедник. Тој ни покажал пример како треба и ние да живееме, да ја чуваме верата и како треба да сме предадени на нашиот Божествен Учител и по кој пат треба да одиме за да стигнеме до тивкото пристаниште на царството небесно. Свети Јоване, моли се на Бога за нас грешните, за и ние да примиме рајска наслада, која ти ја почувствува уште во мајчината утроба, а на која сега и се радуваш во небесното царство. Амин!

Погледни милостиво на нас, славен Претечо и Крстителу Христов, и прими ги нашите смирени молитви и благодарности што ги принесовме во твоја чест и за слава на твоето име меѓу луѓето, и покриј нè со твојата благодат и сочувај ја твојата Обител славна и неповредлива довека и оние што живеат и што со вера притекнуваат во неа, благослови ги и пред Владиката Христос со милост претстави ги.