(Видео) Вечерна на љубовта и на Свети Георгиј

Колку блиски на душата ѝ се Воскресението Христово и споменот на Св. Великомаченик Георгиј Победоносец! Всушност, секогаш кога си споменуваме за Св. Георгиј, нѐ обзема воскресенско чувство од неговото чудесно житие, кое во суштина е едно сведоштво за Воскресението и за вечниот живот.

Сестринската Обител во Рајчица денес го слави својот патрон и заштитник, непобедливиот војвода на верата и војник Христов, преславниот Свети Георгиј од Кападокија. Ова ретко календарско совпаѓање направи манастирот на Св. Георгиј во Рајчица да се преисполни со светлина, со радост и со незаборавно торжеството. Славјето започна со т.н. Вечерна на љубовта, вечерно богослужение на кое се чита воскресното Евангелие на повеќе јазици, а на крајот, пак, поклонувајќи се на Светите мошти сите присутни се поздравуваат со:

Христос Воскресна!

Навистина воскресна!