Осум години од упокојувањето на блажениот Старец Георгиј Капсанис

На денешен ден пред осум години, 8 мај 2014 лето Господово, на празникот на слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите – Педесетница, во метохот на светогорскиот манастир Григоријат во Солун се упокои во Господа Високопреподобниот Архимандрит Георгиј Капсанис.

Старец Георгиј Григоријатски беше игумен на манастирот на Свети Николај – Григоријат на Светата Гора Атонска цели 40 години, од 1974-2014 година, кога се повлече поради болест. Беше една од најзначајните личности на светогорското монаштво и голем познавач на православното богословие. Го возобнови монаштвото во манастирот Григоријат и беше духовник на голем број монаси и монахињи надвор од Света Гора. Исклучителен познавач на канонското право, ја замени својата академска кариера со секојдневниот монашки подвиг, воспитувајќи се себеси и другите во Божествената љубов и небесните доживувања. Со својата голема љубов кон Бога и со самопожртвуваната борба за нејзино непрестајно стекнување, тој стана еден од возобновителите на општежителното монаштво на Света Гора, а преку неа и пошироко во Православието.

Архимандрит Георгиј Капсанис беше Старец и учител во монаштвото и на нашите духоносни отци и возобновители на општежителното монаштво кај нас, Митрополитот Струмички г. Наум, Епископот Хераклејски г. Климент и нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

Упокојувањето на Високопреподобниот отец, Архимандрит Георгиј Капсанис, богомудриот Старец Григоријатски, се слеа со славата и светлоста на Педесетницата. Сиот негов земен живот беше една непрестајна молитва и славословие кон Бога, непресушна проповед за Троичната светлина, а таков беше и денот на неговата смрт. Оти, незамолчивиот проповедник на Светата Троица, велегласната труба на Православието, вдахновена од Светиот Дух, избраникот на Пресветата Богородица, ревносниот подражавач на учениците на Синот Божји, мирно заспа во Господа токму на славниот ден на Педесетницата, на слегувањето на Светиот Дух врз Богомајката и Апостолите. Тоа е само уште едно силно сведоштво за неговиот свет и богоугоден живот, доказ дека Светата Троица и Мајката Божја и Соборот Апостолски ја повикале оваа блажена душа да се одмори од своите безмерни трудови, да се успокои во лоното на Авраама, заедно со светиите и праведниците.

На неговото опело во Григоријатскиот метох во Солун тогаш молитвено присуствуваше и нашиот Старец г. Партениј, со дел од своето братство.

Во едно свое пригодно писание за својот блаженоупокоен Старец, нашиот владика и игумен ќе напише:

Стапнувајќи, по Божја милост, на древната и од молитви осветена Атонска земја, и минувајќи преку прагот на Григоријатскиот манастир, останав занемен пред една неопислива и дотогаш неспознаена љубов, која се гледаше во очите, насмевките, во гостољубието на сите негови жители. Сепак, доволен беше само еден благ татковски поглед на Старец Георгиј, за во него да го препознам живиот извор на таа, за мојата душа успокојувачка љубов, што не познава граници. Беше тоа и татковска поткрепа и мајчинска грижа, и утеха и храна и сила, со која Старецот штедро ги опсипуваше сите, без разлика кои и од каде се, без разлика дали се монаси или гости, домашни или странци. За сите нив во неговото срце имаше место за љубов и внимание. А монашкото братство, секојдневно воспитувано во подвигот на Христовата љубов, која се отсликуваше во Старецот, беше една апостолска заедница, толку сплотена во пожртвувано братољубие, што сите беа неразделни како еден. Со истото срдечно братољубие тие и за мене, недостојниот, ги отворија своите срца, а Старецот ме прегрна во својата грижа како свое најмало чедо. Секое искуство што го стекнав меѓу тие свети браќа и од дружбата со мојот тогашен собрат, а сега Митрополит Струмички г. Наум, под будното око на Старецот, беше како најубава монашка поука, на која и денес со благодарност се сеќавам“.

Нека му биде споменот вечен!