Збор два со љубов за мојот старец

Недостижна е за разумот духовната суштина и длабочина на православните духоносни старци и секој обид да се допре до она што е откриено само за Божјите очи, би завршил со неуспех. Но сепак, оние скапоцени мигови што Господ нѐ удостојува да ги поминеме во нивна близина, нѐ обврзуваат да го споделиме сведоштвото за она што барем нашите очи го виделе. Бескрајна е мојата благодарност кон Бога што ме удостои да поживеам под духовната закрила на еден таков старец, неодамна упокоениот Архимандрит Георгиј Капсанис. Овој свет Григоријатски Старец свети во нашата Црква како неизгаслив факел, разгорен со пламенот на неговата евангелска татковска љубов, со која широко ги отвори вратите од својата обител за љубителите на рамноангелскиот живот од нашата Tатковина, во период кога општежитието кај нас беше целосно замрено.

Стапнувајќи, по Божја милост, на древната и од молитви осветена Атонска земја, и минувајќи преку прагот на Григоријатскиот манастир, останав занемен пред една неопислива, и дотогаш неспознаена љубов, која се гледаше во очите, насмевките, во гостољубието на сите негови жители. Сепак, доволен беше само еден благ татковски поглед на Старец Георгиј, за во него да го препознам живиот извор на таа, за мојата душа успокојувачка љубов, што не познава граници. Беше тоа и татковска поткрепа и мајчинска грижа, и утеха и храна и сила, со која старецот штедро ги опсипуваше сите, без разлика кои и од каде се, без разлика дали се монаси или гости, домашни или странци. За сите нив во неговото срце имаше место за љубов и внимание. А монашкото братство, секојдневно воспитувано во подвигот на Христовата љубов, која се отсликуваше во Старецот, беше една апостолска заедница, толку сплотена во пожртвувано братољубие, што сите беа неразделни како еден. Со истото срдечно братољубие тие и за мене, недостојниот, ги отворија своите срца, а Старецот ме прегрна во својата грижа како свое најмало чедо.

Секое искуство што го стекнав меѓу тие свети браќа и од дружбата со мојот тогашен собрат, а сега митрополит Струмички Наум, под будното око на Старецот, беше како најубава монашка поука, на која и денес со благодарност се сеќавам. Тој не дозволи ниту еднаш ние, Македонците, да се почувствуваме навредени или понижени, што доаѓаме од држава која имаше политички несогласувања со нивната земја во поглед на името, поради што проблеми имаше и самата наша Црква, туку нѐ сметаше за свои најближни, не разликувајќи нѐ од другите браќа. Нѐ нарекуваше Славомакедонци и тоа нам воопшто не ни пречеше, бидејќи во него гледавме голема љубов и почит кон нас и кон нашата земја. Моето мирско име им беше тешко за изговор на браќата, и тие, за да си олеснат, го имаа преведено на грчки, па така ми се обраќаа со Авгеринос наместо со Зоран. Но еден ден, Старецот беше во близина и го слушна новото име. Веднаш ги прекори браќата што ме нарекуваа така, без да ме прашаат дали ми пречи тоа. Тогаш јас го успокоив дека навистина не ми претставува проблем, ниту ме навредува таквото обраќање. Сепак, остана впечатокот дека тој беше многу внимателен и секогаш ги воспитуваше браќата да се однесуваат со почит.

Како пример за неговата внимателност со која бдееше над сите нас, ќе наведам и една друга случка која ме успокои и уште повеќе ме утврди во љубовта.

Бидејќи бев новодојден во братството, ми беше доделено послушание во манастирската магерница и претежно миев садови. Се трудев најсовесно да го исполнувам, иако после извесно време ми се појави алергија на рацете и ми беше навистина тешко да го правам тоа. Сепак, бев решен да си го извршувам послушанието до крај и да не барам ослободување. Старецот дозна и веднаш се погрижи да бидам префрлен на послушание во трпезаријата, а потоа на еден  синаксис, кога се договараше за заедничка работа во лозјето, тој гласно рече пред сите дека поради мојата здравствена состојба сум поштеден од таа активност. Ме порази сознанието дека меѓу толку многу браќа, поточно осумдесет, тој татковски се сети и на мене, најмалиот. 

Една друга случка, пак, ми покажа колку тој се трудеше браќата најверно да ги усвојуваат примерите на вистинското православно предание. Имаше меѓу искушениците еден брат дојден од Англија, по име Димитриј. Тој некако беше неупатен во преданието и се однесуваше по малку ладно, што е карактеристично за западниот менталитет. Тогаш како искушеници, најубави ни беа миговите што ги поминувавме на прошетка со Старецот покрај морето. Тоа беше една своевидна традиција и со радост го чекавме моментот кога тој ќе нѐ собереше и додека шетавме покрај брегот, ни кажуваше многу убави поуки и нѐ утврдуваше за идниот монашки живот. При една од првите такви прошетки, додека се одмораше од прошетката на столче, Старецот ги остави своите очила, ги слече обувките, а и игуменската патерица му беше потпрена на страна. Кога Старецот требаше да стане, сите ние се стрчавме да му ги подадеме работите и како што му ги подававме, му ја целивавме раката, земајќи си благослов. Кога виде дека и јас го направив истото, иако доаѓав од една комунистичка земја, се восхити. Но на Димитриј сето тоа му беше туѓо. Тоа го поттикна Старецот да почне да ни зборува колку е важно преданието кај православните народи и колку е убаво кога некој е воспитан во тој светопреданиски дух. Иако некогаш некои работи ни изгледаат како формални, тие, сепак, си имаат свое длабоко значење.

Најголем испит за единството и сплотеноста на братството беше моментот кога од нашиот старец беше побарано да оддели петнаесетина браќа со игумен за да го заживеат општежитието во манастирот Пантократор, кој беше сѐ уште идиоритмиски и полека замираше. Бидејќи секогаш послушен на Црквата, кој и самиот како Старец секогаш нѐ учеше на послушание, мораше да послуша и да ја прифати таа одлука. Тоа беше дочекано со голема тага. Никој од браќата не сакаше да се оддели, никој не сакаше да се раздели од некого. Гледајќи ја тагата на браќата, Старецот нѐ собра сите заедно и ни рече дека навистина братството е толку обединето во љубовта, нема никакви групирања, сите сме како еден, па затоа нѐ замоли да се молиме ако може да нѐ одмине таа чаша. И по неговите молитви и молитвите на браќата тоа навистина и се случи. Беа испратени монаси од друг манастир и тоа искушение го одмина нашето братство, на наша голема радост.

Она по што ќе остане запаметен светлиот лик на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Георгиј Григоријатски, е усрдноста со која ревнуваше за чистотата на Православието, неговите бројни трудови и натписи за запазување на изворното апостолско предание од сите еретички напади, пропаганди, влијанија. Тој го живееше и со својот живот на сите им го проповедаше Православието, онака како што ни е предадено во завештание од светите отци. И секој што ќе дојдеше во манастирот не можеше да остане рамнодушен на убавината на богослужбите, благолепието што Старецот со посебна љубов го негуваше во храмот и со кое ни ја објавуваше Божјата слава. Возвишен е и тешко достижен примерот што тој ни го остави нам, неговите духовни чеда, кои се обидуваме да го следиме неговиот подвижнички пат. Но поткрепени од љубовта на која постојано нѐ учеше и од благословот што тој го положи на нас, добиваме сили да продолжиме, трудејќи се во сѐ да го подражаваме и така по неговите молитви да го стекнеме не само нашето туку и спасението на оние кои Бог ни ги доверил.


Текстот е преземен од списанието Премин, двоброј 105/106, година XV, јуни/јули 2015, 14-15.