Опелото на старец Георгиј Капсанис во Солун

Чесна е во очите на Господа смртта на Неговите преподобни (Пс. 115, 6)  

Преселувањето од овој привремен живот е блаженство за светиите, радост за праведните; тогаш тие се успокојуваат од своите подвижнички трудови и телесни страданија, населувајќи се во небесните обители на вечната светлина и радост. Таму тие лице в лице Христа Го гледаат, од Неговата неискажлива убавина се насладуваат и со Него непрестајно се причестуваат. Нивните непорочни души се веселат во прегратките на возљубениот Женик. Затоа и погребението нивно на благодатен празник потсетува. 
 
И навистина, упокојувањето на високопреподобниот отец, архимандрит Георгиј Капсанис, богомудриот старец Григоријатски, се слеа со славата и светлоста на Педесетницата. Целиот негов земен живот беше една непрестајна молитва и славословие кон Бога, непресушна проповед за Троичната светлина, а таков беше и денот на неговата смрт. Зашто незамолчивиот проповедник на Светата Троица, велегласната труба на Православието, вдахновена од Светиот Дух, избраникот на Пресветата Богородица, ревносниот подражавач на учениците на Синот Божји, мирно заспа во Господа токму на славниот ден на Педесетницата, на слегувањето на Светиот Дух врз Богомајката и апостолите. Тоа е само уште едно силно сведоштво за неговиот свет и богоугоден живот, доказ дека Светата Троица, и Мајката Божја и Соборот Апостолски ја повикале оваа блажена душа да се одмори од своите безмерни трудови, да се успокои во лоното на Авраама, заедно со светиите и праведниците.
 
Блгодатта од чинот на опелото што се отслужи вчера во храмот на Успението на Пресвета Богородица, метох на светогорскиот Григоријатски манастир во Солун, уште повеќе сведочи за тоа. Небесната љубов на старец Георгиј, која и по смртта остана недопрена, зашто „љубовта никогаш не престанува“, собра многубројни архијереи, игумени, свештенослужители, монаси и монахињи, верници и поклоници.
 
На опелото чиноначалствуваше Митрополитот на Лариса г. Игнатиј, придружуван од десетина други митрополити и епископи. Како духовно чедо на старецот, Митрополитот Игнатиј изрече трогателно пофално слово, нарекувајќи го „чудесна личност, која го носеше Христовиот благомирис“. Меѓу другото, тој ги истакна и неговите добродетели, особено смирението, посочувајќи го како пример тоа што блаженоупокоениот старец „го оставил универзитетското учителско место, за да стане учител на пустината, а тоа го гледаме од мноштвото присутни монаси, монахињи, свештеници, епископи и лаици, негови духовни чеда, кои сведочат за чудото… Кога ќе ми читаше молитва по исповед, ми велеше: ’Ајде, ти си архијереј, сега прочитај ми и ти мене молитва‘“. 
 
Со синовска љубов, тој му се обрати на старецот: „Каде одиш, Старче, ти кој беше утеха на народот и заштитник на верата и духовната борба?“ Најпосле ја заврши својата беседа со зборовите дека „сега тој во рајот се радува со ангелите и торжествува со мачениците, чијшто живот и подвизи ги подражаваше секогаш“.
Митрополитот Неаполски, пак, г. Варнава, кој е пастир на епархијата каде што се наоѓа Григоријатскиот метох, ја истакна големината на блажениот старец, кој сиот свој живот го посвети на Црквата и на мисионерството, а за тоа сведочат и плодовите од нивната меѓусебна долгогодишна соработка, која беше продолжение на онаа со неговиот претходник, блаженоупокоениот митрополит Дионисиј.
 
На чесните мошти на упокоениот старец во Солун се поклонија и неговите духовни чеда од кај нас, возобновителите на нашето општежително монаштво, Митрополитот Струмички, г. Наум, Епископот Хераклејски, г. Климент и нашиот игумен, архимандритот Партениј со дел од своите братства.
 

Вечен му спомен, на блажениот старец Георгиј!