Света и Велика Среда

А фарисеите си велеа помеѓу себе: „Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него“ (Јован 12,19).

Зар постои човек кој е во темнина, кога ќе види светлина, да не тргне по неа? Зар постои грешник, што кога ќе види праведник, не би се заинтересирал и би тргнал по него? Само оние што за себе мислат дека се во светлина и дека се праведни, не би го направиле тоа и би хулеле, како што правеле фарисеите. Сите ние тргнавме по Него, затоа што ни е потребна Светлината, потребен ни е Праведникот, затоа што Тој „има зборови на живот вечен“ – Тој Самиот е Живот вечен.

Навистина, иако ние луѓето обично имаме високо мислење за себе, западнати сме во многу гревови и страсти, коишто не ни дозволуваат да ја видиме вистината и реалноста на својата духовна состојба, бидејќи гревот ги заслепува очите на душата и го помрачува умот. Сите ние сме способни за сите гревови и не сме имуни на ниту една страст и кога тоа длабоко и вистински би го знаеле, потполно би се смириле и не би имале високо мислење за себе. Нашите души длабоко се повредени и ранети од стрелата на гревот. За да се исцели таа рана, Господ Спасителот ја прима човечката природа, станува како еден од нас, за да донесе вистинско здравје одвнатре, откако претходно многу ќе претрпи, Самиот станувајќи една рана, само заради наше исцеление. Благодатната животворна сила што истече и истекува од прободеното ребро на Христа, ја лекува сечија душа, давајќи ѝ вистинско здравје.

Ете, жената блудница, потоната во многу гревови, откако Го препозна Божеството во личноста на Господа Исуса Христа, денеска, на Велика Среда, го направи најдоброто што го знаеше и можеше, само за да ја придобие милоста и помошта на Спасителот Христа. Таа купи скапоцено чисто миро и откако бргу го скрши шишенцето, ја помаза главата и нозете на Христа и со тоа стана првата Мироносица.

Да пролееме и ние топли солзи на покајание и како скапоцено миро да му ги принесеме на Христа, за да примиме прошка на прегрешенијата и вистинско здравје на душата и на телото. Постојано да се стремиме духовно да го излеваме мирото на своите срца – милосрдието – врз Христа, односно добрите дела кон ближните.

За жал, тажната страна е користољубието и среброљубието на Јуда, кој беше удостоен да биде апостол Христов, но тој тоа го отфрли заслепен од страста за пари и сакајќи да добие материјално, стаса дотаму што да Го предаде Господа Христа, својот Спасител на распнување, да го замени небесното и вечното, со земно и пропадливо.

Споделувајќи ни ги своите созерцанија за овие големи денови од последните мигови на Господ Исус Христос на земјата, нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, од сите побара прошка, а и сите присутни од него и еден од друг, за помирени со Бога и со браќата да седнеме на трпезата од Тајната Вечера и да тргнеме со Христос по патот кон Голгота и Воскресение:

Доколку внимававме, мили мои, на Евангелието што се читаше на Утрената, како и на содржината на целото богослужение, ќе заклучиме дека сè во Светата и Велика Среда е во знакот на миропомазанието на Господа од страна на една блудница и предавството од страна на ученикот Јуда. Оваа жена грешница единствена покажа толкаво милосрдие кон Христа непосредно пред Неговите страдања. Гледајќи ја Неговата милост и верувајќи во Неговата љубов, таа се охрабри и отиде да побара прошка од Христа на најдобриот начин што го знаела: дала сè што ја имала, за да купи скапоцено миро и со тоа миро ги помаза нозете и главата Господови. Ученикот, пак, кој беше повикан да биде апостол и проповедник на спасението, самиот отпадна поради страста на користољубието што го беше опфатила. Исполнет со среброљубието, тој до последно сакаше да искористи сè што можеше од Христа, па дури и да заработи предавајќи го на Неговите непријатели. Останатите апостоли, пак, беа сите збунети. Накрај, како што знаеме, и тие Го оставија Господа. Се разбира, за нив не можеме да кажеме дека не Го љубеле или дека биле завладеани од користољубие и намерно Го предале или оставиле – нивното напуштање било повеќе од страв и несигурност, отколку од помраченост, зашто во тој миг ним сè уште не им било доволно јасно што се случува и што следува, а веројатно и немале целосно покајание. Единствениот кој ќе остане до крај со својот Учител, ќе Го следи дури и под Крстот, како што на сите ни е добро познато, е Свети Јован Богослов, апостолот на љубовта. Впрочем и по веста за Воскресението, кога тој и Апостолот Петар заедно ќе притрчаат кон гробот Исусов, прв ќе стаса токму Свети Јован, кој е синоним за послушанието и љубовта. Тие, пак, се поголеми од верата и покајанието, изразени во овој случај преку апостолот Петар.

Заради Великата Среда и настаните што се случија во неа, ние ја постиме и секоја среда през целата година, потсетувајќи се на злоделото што во тој ден се изврши против Господа – предавството јудино. Нема да претераме доколку кажеме дека сите ние, целото човештво има удел во тоа предавство и сите донекаде ја делиме неговата вина. Токму затоа, целта на постот поставен во среда е да ни напоменува да се вардиме од страшната страст на среброљубието и користољубието, заради кои секогаш доаѓа предавството. Исто така, сеќавањето на Великата Среда и на жената блудница нè поттикнува на покајание и сочувство. Нè поучува да покажуваме милосрдие кон Господ, да не Го оставаме, тука да се охрабриме и секогаш да бараме милост од Него; да покажеме смирение како блудницата, а не да бидеме некакви замислени праведници, зашто, да бидеме искрени, сите ние по малку страдаме од тоа, од својата вообразена праведност, мислејќи си дека правиме нешто добро, дека сме нешто малку над другите, дека има многу полоши од нас и сл. И за секоја своја слабост гледаме да најдеме оправдание и самопростување, според страстите на стариот човек во нас, а никако не сакаме смирено да си ги признаеме своите многубројни грешки и да паднеме пред нозете на Господ, во покајнички плач. Но, би требало да паднеме и прошка да побараме не само од Господа, ами и од секој наш ближен на кого сме му згрешиле. Оти ние постојано грешиме, ама сепак, за жал, вината никогаш не ја бараме во себе, туку во другите, во околината, во околностите, па често дури и во Господ. Така, јас многупати слушам луѓе како дури и Господ Го обвинуваат за лошите нешта што ги снаоѓаат во животот. Сепак, за нашето спасение нема значење што прават другите, туку е важно единствено какви сме ние. Затоа да си погледнеме в срце низ објективна призма, за да можеме реално да увидиме какви сме ние. Подготвени ли сме да одиме со Господа докрај, или Го оставаме при секое поголемо искушение? Он во овој живот ни понудил само крст, без кого, пак, нема воскресение. Го носиме ли исправени и без роптање својот животен крст? Да, ако искрено си признаеме, во нас нема сили за тоа. Немало ни во апостолите. Сепак, ете на жената блудница Он и дал благодатни сили да се соочи со себеси, да побара прошка, да го износи својот крст. Зошто токму неа? Затоа што таа покажала големо смирение, покајание и љубов. Без овие три, нема ни благодат, нема ни сила.

Одејќи кон Ерусалим за доброволно да пострада за нашето спасение, Христос, како што знаете, ги укорил учениците. Имено, гледајќи ги нивните размисли им рекол: Знаете дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите (Марко 10,42-44) Им ја кажал оваа поука затоа што тие патем не мислеле на страданијата Негови и на крстот што им го ветил на секого од нив, туку размислувале за власт и слава, за тоа кој ќе седне прв до Него. А жената грешница од денешното Евангелие, напротив, размислуваше само за сопствената грешност и за тоа како да Му укаже љубов и чест на Господа. Таа искрено и вистински се каеше, се сметаше себеси за најгрешна од сите и затоа Господ не само што не ја презре, туку дозволи да биде помазан од нејзините раце за Свое погребение и толку многу ја прослави, што нејзиното дело на љубов се прикажува низ сета историја до ден денес: Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен (Матеј 26,13). Он го направи тоа и за така да ја одбрани од апостолите, кои гласно негодувале и ја обвинувале, соблазнети од растурањето на скапоценото миро. И да не се лажеме, сите ние сме блудни и грешни. Затоа, да не останеме суетни, самозамислени праведници, оти така има голема опасност да застанеме од спротивната страна, од таа на распнувачите и хулителите на Христа.

Впрочем, Евангелието ни открива неколку категории на луѓе во зависност од нивната поставеност кон Христа. Едната категорија ја сочинуваат Неговите непријатели, старешините, книжниците, фарисеите, на кои со предавството им се приклучил и Јуда, напуштајќи го свештениот апостолски чин. Другата категорија се оние кои Го почитуваат Христа и го прифаќаат неговото учење, но кај нив сè уште има суета и острастеност за земските нешта. Евангелистот Јован ни сведочи дека и многумина видни членови на општеството поверувале во Христа, но од страв за сопствената позиција се плашеле да го исповедаат тоа отворено: Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата (Јован 12,42). Во оваа категорија би можеле да ги сместиме и апостолите, кои, исто така, се грижеле да добијат поголеми привилегии и се плашеле за сопствениот живот.

Во третата категорија влегуваат сите оние кои осознале дека се грешни и побарале прошка од Христа, како, на пример, оваа блудница. Додека некои смислуваа зло против Него и кроеја план како да Го убијат, а други размислуваа за човечка слава и суетни нешта, оваа покајница милосрдно ја излеа сета своја љубов врз Господа. Дополнително, тука спаѓаат и оние чијашто љубов кон Христа надминува сè од овој свет. Превосходен пример за тоа е Свети Јован Богослов, кој не се исплаши за сопствениот живот и со љубов и сострадание стоеше под Крстот на Голгота. Затоа Господ нему му ја довери Својата Мајка, за како син да се грижи за неа. 

Нам ни останува самите да избереме во која категорија ќе се вброиме. Неслучајно на Велика Среда ни се поставени двете крајно спротивни состојби: користољубието, изразено преку Јуда, и милосрдието, прикажано преку блудницата. Пред самите Спасителови страданија Црквата нè повикува да го усвоиме покајничкото расположение и милосрдноста на блудницата и да ги оставиме зад себе сите грешки и предавства што сме ги извршиле против Бога. Вчера кога застанав пред иконата на Младоженецот, во мислите си поразговарав со Христа: „Колку ли само пати Те предадов, Господи, колку пати! Те оставав поради мојата мрзеливост, Те оставав поради мојата суета, Те оставав поради мојата немарност. Во себе не наоѓам сили да го правам тоа што е по Твоја волја. А Ти… Ти си за мене секогаш тука. Кога и да ми е потребна благодат, Ти милостиво ми ја испраќаш; го милуваш моето срце, ми помагаш, постојано ме креваш. Тогаш во благодатта си велам: нема никогаш да Те оставам, Господи, ќе чинам според Твојата волја. Но, само за кратко време. Во слабоста своја јас повторно Те оставам и Те предавам. А ти одново и одново ми проштаваш“.

Па така, мили мои, иако сме блудни и многу грешни, да не Го оставаме Христа, Кој толку многу нè милува. Да гледаме секогаш во нашето срце да има милосрдие кон Него. Нека нашите добри дела, љубовта и сожалението кон ближните, бидат она миро со кое ќе ги помазуваме нозете Негови, за прошка и милост. Без милосрдие не може да се наследи Царството Небесно. Слушнавме од синаксарот што се чита на Велика Среда, за Параболата за десетте девојки, петте мудри и петте неразумни. Што вели светиот писател? Нема пострашно од девственост лишена од милосрдие. Навистина, голема и преголема е добродетелта некој да се откаже од сè, да дојде и да живее в манастир, чувајќи се во девственост, но ако притоа нема и милосрдие кон другите – тоа ништо не му користи. Таквиот не ќе може да биде со Господа.

Да се потрудиме значи, мили мои, да ги омекнеме своите срца и да ги збогатиме со елејот на милосрдието. Ете утре, на Тајната Вечера, ќе треба да седнеме со Господа на трпеза. Затоа денес Црквата уште еднаш, без разлика какви сме биле во текот на постот, во текот на животот, па дури и какви сме биле за време на оваа богослужба – дали сме внимавале вчеравечер и ова утро на овие големи нешта за нашето спасение, или со умот сме биле можеби на некое друго место – без разлика на сето тоа, Црквата денес пак нè повикува да се простиме едни со други, да го излееме нашето покајание како мирото на жената грешница. Доколку навистина се покаеме, Он ќе ни ја даде Својата прошка и ќе нè удостои да седнеме со Него на Тајната Вечера, облечени во царска облека од благодат.

Следствено, благословете, отци свети и браќа, и простете ми мене грешниот, за сè што згрешив во текот на целиот мој живот и во оваа света Четириесетница, со зборови, дела, помисли и со сите мои сетила. И на сите вас нека ви е простено и од мене и од Бога.

Добра Пасха!