Велики Четврток

Денес Христос, Премудроста Божја, на спасителна трпеза Своите пријатели ги води, за со храната на бесмртноста да ги нахрани. Од чашата на животот пијат Неговите ученици, со вера се утврдуваат тие вистинољубиви следбеници, неискажливата тајна ја примаат и божествено се просветлуваат. Денес Создателот надумно смирение покажува, се наведнува и на Своето создание нозете му ги мие, оставајќи пример за пожртвувано служење. Со длабока скрушеност апостолите ги исполнува и за следбеници Свои таинствено ги благословува. Се исполнува времето и човекољубивиот Господ оди да ја испие горката чаша на страдањата и смртта, целиот Себеси се дава, животот Свој го дава, за ние да живееме во сладоста на Неговиот живот.

Но, денес и лукавото јудејско собрание се состанува и се договара на страдање да Го предаде Оној во Кого лукавство нема; денес беззаконите Јудеи неправедна одлука озаконуваат и на смрт Го предаваат единствениот Праведник, Кој ниедно зло не направил; денес безбожните фарисеи на Бога вистинскиот страдање и смрт Му подготвуваат и во своето безумие не гледаат дека Он е дојден за од страдањата да нè ослободи. Денес Јуда, кој ученик Христов беше и со апостолите другаруваше, на Вечерата раката во чинијата ја става и прв нозете ги подава, за да му бидат измиени од Господа; денес тој од добрината Божја не е лишен, дури и последниот залог за спасение и просветление од Христа го прима, но помрачен, не се одвраќа од својата намера: соборот на верните апостоли го напушта, чесниот Учител свој Го остава и кон соборот на нечестивите учители се припојува. Денес тој, среброљубивиот, вистинското свое лице го открива, цена Му одредува на Оној Кој нема цена и брза да Го продаде Оној Кој од небото се симна, за со Својата Крв да го откупи гревот на целото човештво, кое волно на сатаната му се имаше продадено. О среброљубие предавничко, Богатството со лажен целив евтино го продава и заминува во ноќта на својата ужасна погибел и прима двојна јамка. Да, ова е последната борба на Господа со злото и смртта, борба чиј триумф е совршената љубов Божја, која доброволно прифаќа на Крст да биде распната.

Треперат срцата наши пред овие две крајно спротивставени собитија. Го гледаме Владиката предаден и смирен, а злочестивиот Јуда очаен и со крајна смрт сам себе осуден. Големо и славно чудо! Предадениот го спаси светот, а предавникот си ја уништи душата (Свети Јован Златоуст). Сè она што се случи на овој ден: миењето на нозете на апостолите, востановувањето на Евхаристијата и примањето на спасителната храна, и од другата страна: јудиното лажно смирение, неговото помрачување и ужасното предавство, јасно ја отсликуваат таа силна внатрешна борба помеѓу доброто и злото што постојано се одвива во секого од нас. Со Христа ли си, или Го оставаш? Сите ние можеме да сме со Него, сите сме повикани да земеме удел во Неговото големо и несфатливо таинство. Ете сме собрани на оваа Тајна Вечера, на која со скрушено срце Го молиме Господа и устата своја ја подаваме за Неговото Божество да го примиме и со Него да се соединиме. Не, не смееме никогаш да ја предадеме љубовта со која Он нè возљуби, не смееме да се покажеме неверни кон Оној Кој на верност нè научи и од пропаст животот наш го избави.

На Твојата Тајна Вечера, денес Сине Божји, прими ме за учесник, зашто нема да ја откријам Тајната на Твоите непријатели, ниту ќе ти дадам целив како Јуда. Но, како разбојникот, Те исповедам: спомни си за мене, Господи, во Царството Твое.