Светии се оние кои се вљубени во Христа

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија во Неделата на Сите Светии, на 25 мај/7 јуни 2026 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени мои,

Изминатата недела, на педесеттиот ден по светлата Пасха, ја прославивме светата Педесетница – оној благословен час кога Светиот Дух слезе врз светите апостоли во вид на огнени јазици, ги облече во сила одозгора и наполно ги просвети.[1] И ете, неслучајно, веднаш потоа Црквата нѐ воведува во денешниот празник, во споменот на Сите Светии. Зашто светиите се самиот плод на Светиот Дух, првото класје на она небесно жито што започна да никнува штом Утешителот слезе на земјата.

Овој ден, всушност, ѝ е посветен на сета света полнота, на сите светии од почетокот на светот па до денес, на сите знајни и сите незнајни. А незнајни има навистина многумина, повеќе одошто можеме да изброиме. Оти светителството не е секогаш она што се гледа. Многупати добродетелните и свети луѓе низ вековите го кријат својот подвиг, го засолнуваат своето светителство како скапоцен бисер во нивата на срцето, па така и до ден-денес постои едно светителство кое не се гледа – тивко, сокриено, незабележано од светот, но познато на Бога. Секој добродетелен христијански живот е светост; секое срце што му се предало на Господа е благослов за сиот свет. Затоа денес Црквата ги прославува и оние кои се впишани во диптихот на светиите, но и оние кои никој на земјата не го запаметил, а кои поради својот свет живот на земјата, сега го исполнуваат небото.

Црквата, возљубени, е живеалиштето на светиите. Таму обитува Светиот Дух и сите нѐ осветува. А што е светија? Не е тоа човек морално безгрешен, ниту етички совршен – таков меѓу луѓето нема. Светија е оној кој пронашол начин како да Го придобие Светиот Дух, како да Го привлече кон себе, како да се прилепи за Него и веќе никогаш да не се одвои. Тоа е човек кој го посакал вистинскиот пат, кој Го возљубил Бога и тргнал по Него – а потоа Светиот Дух го прави Своето. Оти во Псалмите е запишано: „Ќе ти даде Господ по срцето твое.“[2] Ако ние навистина го посакаме соединувањето со Христа и придобивањето на Светиот Дух, Господ нема да нѐ изостави; ќе дојде при нас и ќе нѐ освети.

Следствено, светии се оние кои се вљубени во Христа. Светиите се охристовени луѓе, луѓе во кои веќе не живеат самите тие, туку Христос живее во нив.[3] Црквата, пак, е работилница за светост. На секоја Божествена Литургија таа нас, верните, нѐ нарекува светии,[4] и ни ја подава најголемата светиња – Телото и Крвта Христови, кои нѐ осветуваат. Затоа во оној свештен миг, пред самото причестување, свештеникот извикува: „Светињите на светите!“[5] Сѐ што е свето – за светите е. Значи, сите ние сме повикани на светост; за сите нас е императив да се осветуваме секојдневно, час по час, зашто без светост никој нема да Го види Бога.[6]

А патот ни го покажа Самиот Христос, денес, во Своето свето Евангелие што ни го прочита ѓаконот. Таму, најпрво, Господ ни кажа дека најважно од сѐ е да Го исповедаме Него за Син Божји: Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признам и Јас пред Мојот Отец, Кој е на небесата.[7] Он дојде заради нас, се распна, воскресна, се вознесе на небото и Го испрати Светиот Дух врз Своите апостоли, утврдувајќи го така Божјиот домострој за спасението на светот. Затоа исповеданието дека Христос е Син Божји, распнат и воскреснат заради нас, е темелот на нашето спасение. И токму поради тоа свети Јован Богослов, оној што не Го исповеда Христа како Син Божји дојден во плот, го нарекува антихрист.[8]

Но Господ денес додава уште нешто: дека најнапред треба да Го возљубиме Него над сѐ. Тоа го бара од нас – сѐ во животот наш да биде втемелено во Него: Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене.[9] А на крајот ни ветува дека стократно повеќе ќе ни се возврати – не само овде на земјата, туку и во идниот живот, во Царството Небесно.[10] Оти сѐ што е втемелено врз Бога, Кој е Изворот на љубовта, се умножува. Кој Го љуби Бога, тој го љуби и братот свој, и ближниот свој – и така се осветува. Не е можно да Го љубиме Бога, а да не ги љубиме своите ближни. Свети Јован Богослов прекрасно ни го кажува тоа: Ако некој рече: ’Го љубам Бога‘ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел? [11]

Следствено, мили мои, Господ нѐ повикува да Го возљубиме со сето свое срце, со сиот свој разум и со сите свои мисли, и да Го поставиме Него над сѐ – над имотите, над жената, над мажот, над децата, над мајката и таткото. Не за да ги сакаме помалку нив, туку за да ги засакаме вистински; зашто кога ќе Го љубиме Него, Кој е Изворот на секоја вистинска љубов, тогаш сѐ ќе си застане на своето место, и ние ќе знаеме правилно да љубиме.

По молитвите на сите светии, знајни и незнајни, кои имаат слобода пред Бога и Го молат Христа за целата Црква, нека Господ ни дарува вистинска љубов и вистинска желба да се спасуваме и да се осветуваме! Амин.


[1] сп. Дела. 2, 1-4 – слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден по Воскресението.

[2] Псалм 36, 4: „Наслади се силно во Господа и ќе ти ги даде прозбите на срцето твое.“

[3] сп. Гал. 2, 20: „…и не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене.“

[4] сп. обраќањето на ап. Павле кон верните како „светии“: Рим. 1, 7; 1 Кор. 1, 2; Ефес. 1, 1.

[5] Возгласот „Светињите на светите!“ (грч. Τὰ Ἅγια τοῖς ἁγίοις) во Божествената Литургија на св. Јован Златоуст, непосредно пред светото причестување.

[6] сп. Евр. 12, 14: „…и кон светост, без која никој нема да Го види Господа.“

[7] Матеј 10, 32.

[8] сп. 1 Јован. 2, 22 и 4, 2-3; 2 Јован 1, 7. Свети Јован Богослов оној што Го одрекува Христа го нарекува „антихрист“, а духот што не Го исповеда Христа – „дух на антихристот“.

[9] Матеј 10, 37.

[10] сп. Матеј 19, 29: „Секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен.“

[11] 1 Јован 4, 20.