Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител, изговорено на празникот на иконата „Достојно ест“, на сеноќното бдение, по читањето на Евангелието на Светата Литургија, на 11/24 јуни 2026 лето Господово
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Мили мои, оваа вечер и ова утро повторно бевме удостоени да стоиме пред светлиот лик на Пресветата Владичица наша Богородица – пред нејзината икона наречена „Достојно ест“, верна изобразба на првообразната икона што се наоѓа во гратчето Кареја на Света Гора, и пред која се случило големото и славно чудо, поврзано со химната што до ден-денес ја пееме на секоја света Литургија.[1]
Затоа, возљубени, отците така устроиле – бидејќи самата песна беше откриена од небесен ангел, односно од светиот архангел Гавриил – да се исполнува на секое свето собрание. И замислете: лично архангелот Гавриил, Благовесникот, слегол од небото, за да им објави на луѓето колку е величествена и божествена Пресвета Богородица! Втората половина на песната веќе се пеела во Црквата: „Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите…“ – а Архангелот ѝ го додал тој достоинствен вовед: „Достојно е навистина да Те блажуваме, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна и Мајка на нашиот Бог.“ Така химнографите, поучени одозгора, почнаа да ја воспеваат Богородица како навистина неспоредливо поблажена и почесна и пославна од херувимите и серафимите – поголема, значи, од ангелите, од тие небесни суштества. Кога луѓето во древноста – народите што не Го познавале вистинскиот Бог – ќе здогледале некое од овие пресветли созданија Божји, гледајќи ги толку убави и божествени, ги прогласувале дури за богови. Толкава е убавината на ангелите! И замислете сега: од целиот тој небесен свет, еден човек, скромната Дева Марија, најблагословена меѓу сите жени,[2] е поголема од сето тоа небесно воинство.

Затоа Црква ја украсува Богородица со уште еден моќен епитет: „Ширшаја небес – Поширока од небесата“.[3] И во секој олтар, над светата трпеза, Таа стои со раширени раце, носејќи Го Христа во утробата, и над неа пишува: „Поширока од небесата“. Оти во својата утроба Го собра бесконечниот, несместливиот Бог, Оној Кој заради нас посака да стане човек, да биде како еден од нас, и од неа зеде плот и крв – од Девојката од Назарет, најчистата во целиот човечки род.
Затоа Бог и чекаше толку време, та кога се исполни часот,[4] се најде таква девојка – толку чиста и непорочна, сецело оддадена на Божјата волја, што Бог можеше да се всели во неа; толку едноставна и со толку силна вера, што и кога архангелот Гавриил ѝ донесе вест за раѓање на Дете, иако зборовите ѝ изгледаа чудни, оти не знаеше за маж, Таа, по својата голема вера и послушание, одговори со своето сеспасително „да“. Радуј се, благодатна, Господ е со тебе! – ѝ рече ангелот. А Таа: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според словото твое.[5] И со тоа нејзино „да“ влезе Бог во човечката историја: стана Бог човек и Го прегрна целото човештво – токму преку Царицата и Мајка Богородица.
Затоа и во вечерашните паримии од Стариот завет, читавме за вратата низ која никој друг нема да помине.[6] Пророкот Језекиил во видение гледал храм, и една врата на источната страна од храмот што не смеело да се отвора, зашто била наменета само за Царот: никој друг не влегувал ниту излегувал низ неа. Таа врата е, всушност, Пресвета Богородица. Низ неа, низ таа затворена врата, влезе Христос Бог – и таа остана затворена, оти Таа и по раѓањето остана да биде Дева.

Безброј икони и претстави има на Пресвета Богородица; низ историјата Црквата ја украсила со многубројни прекрасни имиња: „Поширока од небесата“, „Достојно ест“, „Милостива“, „Портаитиса“, „Посредничка“, „Царица на ангелите“… нема крај на нив. И преку нејзините чудотворни икони, според благодатта Божја, се пројавува нејзината сила во Црквата низ вековите.
А оваа икона пред која стоиме се нарекува „Елеуса“, односно „Милостива“ – затоа што, гледате, на неа Богородица Го милува Христа, а и Он ја милува неа. Видете каква љубов, каква милост, каква средба на Божественото со човечкото! Во неа се случи онаа средба меѓу човекот и Бог; во Христа се соединија божествената и човечката природа, и затоа велиме дека Он е и Бог и Човек. И преку Него му се даде на секој човек можност да стане бог по благодат:[7] се отвори Царството Небесно, се отвори патот кон спасението – во Христа и преку Христа, преку Неговото тело, сега секое тело има можност за обожение. И колку е тоа преголемо и најубаво!
Богородица Милостива… Ангелот ја нарече и „Достојно ест“: Достојно е навистина да Те блажуваме, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна, и Мајка на нашиот Бог. Така ангелот ги научи луѓето да ја воспеваат.
А сега сакам да ви прочитам нешто за кое непрестајно размислувам откако се вративме од поклонението во Светите Метеори. Имено, кога влеговме во манастирот Варлаам, од левата страна на столбот крај иконостасот стоеше византиска фреска: Богородица, скрушено и смирено, се моли кон Христа – со едната рака подадена кон Него, а во другата држи свиток на кој беше испишан еден чудесен дијалог меѓу Богородица и Господ.[8] Иако таа претстава сум ја видел многупати, никогаш не сум се задржат на текстот напишан во свитокот. Слушнете го – мислам дека во него е собрана сета љубов на Богородица и на Господ кон човештвото, особено Богородичната мајчинска нежност кон сите нас:
Богородица: Прими ги, Сине мој, зборовите на Онаа која Те роди.
Христос: Што бараш, Мајко? Зашто сѐ ќе ти биде дадено.
Богородица: Сомилост за смртните, Цару, и спасение.
Христос: Ме разгневија, Мајко, овие силно.
Богородица: Сочувствувај, Сине мој, според Својата милост.
Христос: Но, зарем тие се каат, та да ги спасам?
Богородица: Спаси ги дарум, Слово мое, со Својата благодат.

Видете како е истакната нејзината огромна мајчинска улога за човечкиот род! Каков дар имаме ние, христијаните, каква одговорност! Зашто ние ја знаеме свештената историја, ние знаеме за Богородица, го имаме Светото Писмо и светото Предание. Многу народи живеат во мрак; а христијаните се тие кои ќе одговараат пред историјата. Другите ќе заплачат кога ќе дојде крајот – кога ќе се појави знакот на Синот Човечки, односно Крстот, и сите племиња земни ќе се расплачат.[9] Замислете колку ќе биде тажно за оние што го презираа и се бореа против Крстот! Но и за нас, христијаните, доколку не живееме како што сака Христос…
А Он, гледате, сака сите да нѐ спаси. Богородица Му се моли сите да бидеме спасени. Затоа треба сите да бидеме кротки и милостиви, оти Он нѐ повикува да се угледаме на Него: Научете се од Мене, оти сум кроток и смирен по срце.[10] По кротоста, значи, по смирението, по љубовта, по милоста ќе бидеме препознаени како чеда Христови и ќе ја имаме мајчинската заштита на Богородица.
Следствено, чеда мои, овој вечерашен труд не е залуден. Застанавме сите пред Неа, пред милостивата Мајка, која, гледате, се моли кон својот Син за сите грешници; дури и за оние што недоволно се каат, а можеби и воопшто не се каат, Таа вели: „Спаси ги дарум, Слово мое.“ И токму вакво треба да биде расположението на секој христијанин – како на Богородица. Особено секој монах треба вака да се моли, како Богородица кон Христа, без разлика какви се луѓето. Не смее монахот да рече: „Јас оставив сѐ, јас сум во манастир, се молам како-така, се трудам, а светот надвор нека пропаѓа“ – па да ги осудува луѓето. Или: „Не заслужуваат да се молам за нив, лоши се.“ Во никој случај! За сите треба да се молиме. Прво монасите треба да бидат такви; доколку еден монах го нема ова расположение – слично на молитвата на Богородица кон Христа – тогаш не може ни да се нарече монах, и нема да успее. Но и секој христијанин е должен да се моли за овој свет и за сите луѓе.

Зашто, ако ние Го знаеме Христа и Неговата Мајка, и светото Откровение, и Писмото, и Преданието – тогаш ние сме привилегирани. И ако правиме подвиг, големо е тоа пред Господа; и ако постиме, и ако се молиме, и ако одиме во црква на богослужба, голема работа е сето тоа. Но најголемо од сѐ е да бидеме кротки и смирени по срце, и никого да не осудуваме. Го велам ова не за да се гордееме, туку зашто навистина сме привилегирани: најголемо е тоа што Господ ни го даде, што ни испрати благодат и ни ги отвори духовните очи да Го спознаеме Него, да Му служиме и да се молиме за целиот свет. На светот му треба многу молитва. На светот му треба Христос. На светот му треба Богородица Мајка.
Да се молиме, затоа, уште поусрдно до крајот на ова бдение; а и кога ќе си заминеме по своите домови, да не ја забораваме Неа – Онаа која секогаш, непрестајно, дење и ноќе, се моли за секого од нас поединечно.
Нека е секогаш со нас! Амин.
[1] „Достојно ест“ (грч. Ἄξιόν ἐστιν) – величание во чест на Пресвета Богородица. Според светогорското предание, кон крајот на X век архангелот Гавриил му ја открил на еден монах, во ќелија близу Кареја, новата прва строфа („Достојно е навистина да Те блажуваме…“), придодавајќи ѝ ја на веќе постојниот ирмос: „Почесна од херувимите…“, што преданието му го припишува на св. Козма Мајумски. Иконата пред која се случило чудото („Достојно ест“) се чува во соборниот храм на Протатонот во Кареја.
[2] Сп. Лука 1, 42 (зборовите на света Елисавета); сп. и Лука 1, 28.
[3] Иконографскиот тип „Поширока од небесата“ (грч. Πλατυτέρα τῶν Οὐρανῶν), вообичаено насликан во олтарската апсида. Хемнографската основа е во благодарствената песна „О Тебе радуется“ (според преданието творба на св. Јован Дамаскин): „… и утробата Твоја попространа од небесата ја сотвори“.
[4] Сп. Гал. 4, 4–5: „А кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена…“
[5] Благовештението: Лука 1, 26–38.
[6] Паримија на Богородичните празници – видението на пророкот Језекиил на храмот што го гледа во откровение: Језек. 43, 27; 44, 4. Затворената источна врата (44, 1–3), низ која влегува само Господ, светоотечки се толкува како праобраз на вечното девство на Пресвета Богородица. ()
[7] Учењето за обожението (теосис). Сп. свети Атанасиј Велики, За воплотувањето на Бога Словото, 54: „Бог стана човек за да станеме ние богови.“ PG 25, 192B.
[8]Дијалогот е од иконографскиот тип Параклисис/Деисис (Богородица Молителка, Посредничка, Утешителка), познат во повеќе рецензии. Овој овде е според фреската од католиконот на манастирот Варлаам на Светите Метеори.
[9] Сп. Матеј 24, 30: „… и тогаш ќе се појави знакот на Синот Човечки на небото, и тогаш ќе заплачат сите племиња земни…“ (свој одглас има и во Откр. 1, 7).
[10] Матеј 11, 29: „Научете се од Мене, оти сум кроток и смирен по срце…“











