Свет и Велик Вторник

Во садовите на душата наша елеј доволно нека има, за да не мораме тогаш да купуваме, наместо Младоженецот да Го чекаме, и да пееме: Дела Господови, благословете Го Господа.

(Стихови од канонот на Велики Вторник)


Еве со скрушено срце ја правиме втората стапка од скалилото на Страдалната седмица. Во она време како што сè повеќе се приближувале деновите на страдањата Христови, Он сè појасно и поотворено им го откривал тоа на Своите ученици и апостоли, подготвувајќи ги за претстојните настани. Така и нашата Мајка – Црквата полека нè подготвува длабоко да ги доживееме овие трогателни но душеспасителни мигови на голготското патешествие на нашиот љубен Спасител до подножјето на Крстот. Денес таа пред нашите очи ја става евангелската парабола за мудрите и безумните девојки и за талантите, сакајќи преку тоа да нè опомене за јаловоста на празната и надворешна побожност, непоткрепена со добри дела, особено со милосрдието. Повикани сме на средба со Небесниот Младоженец на нашите души и треба да Му појдеме во пресрет, држејќи ги во раце запалените кандила на нашите добродетели. Во нив огнот е девственоста, но она што го одржува тој пламен да не згасне е елејот на милосрдието и сострадалноста. Сострадалност – за каков прекрасен и возвишен дар нè удостоил нашиот Господ – да Му се уподобиме во благоста, колку што можеме и така да имаме заедница со своите браќа. Едноставно да им го понудиме на оние што имаат потреба тоа што човекољубието Божјо секојдневно ни го дава. А наградата за ова е неизмерна. Оти како што маслото ја одржува светлината во ламбата, така Божествената благодат пребива во душите на оние кои се богати со секакви добродетели и мудро ги умножиле дадените им таланти, крунисани со милосрдието. Оние, пак, кои нема да стекнат елеј, односно благодатта на Светиот Дух, светилките на нивните души ќе згаснат, постепено ќе потемнат и ќе оладат од немањето љубов кон Бога, Кој е изворот на љубовта. А кога Младоженецот ќе пристигне, и тие без светилки, талкајќи во мракот, ќе посакаат да влезат во брачната одаја на Небесното Царство, во ужас ќе го слушнат строгиот глас Господов кој им вели: „Одете си од мене! Не ве познавам!“ Затоа, како што вели апостолот, дури е ден и има уште време да си ги наполниме светилките со елејот на добри дела.

Повикот на Претечата ги собра во топлиот велелепен бигорски храм своите чеда на покајанието  за низ благодатните стихови на светите отци да им ја пренесе таинствената смисла на денешната евангелска парабола. Пред нивните насолзени погледи повторно се изобразува ликот на смирениот Младоженец на Црквата, плукан, биен и исмеван, крунисан со венец од трње и украсен со порфир од пролеана крв. Логиката на светот би рекла дека тоа е само една патетична слика, но срцата наши треперат пред ова страшно сведоштво за нашата вина и неизмерно благодарат, бидејќи болката на Искупителот е радост за откупениот, а телото и крвта на Праведникот се наша храна и лек кој со бесмртност не пои. Во молитвена тишина се поклонуваме пред  небесниот Младоженец, молејќи Го по Својата милост да  ја избели свадбената облека на нашата душа, да ни даде покајание за со солзи како со бисери да ја украсиме нашата брачна одаја.

 О, Жениху, чија благодат ја надминува секоја човечка убавина, Ти нè каниш на духовната гозба во Твојата небесна палата.  Соблечи нè од грубата облека на нашите гревови и направи нè соучесници на Твоите страдања.  Облечи нè во блескавиот украс на Твојата убавина.  По Твојата милост, прими нè како светли гости на гозбата во Твоето царство. Амин!