Спомен на Стотникот од Голгота

„Навистина Овој беше Син Божји!“

Светиите од Голгота на посебен начин ги трогнуваат чувствителните христијански срца. Тие се Светиите што со свои очи ги гледале Божествените страдања на Спасителот, личностите што се удостоиле да ги видат чудесните знаци од Голготската драма и да доживеат во себе една добра промена, едно спасоносно преумување, на со Богочовечката крв натопен рид крај Ерусалим. Благоразумниот Разбојник ги потресува со покајничка благодат нашите срца со неговото: „Спомни ме, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое“. Стотникот, пак, назначен од римските власти да внимава на извршувањето на смртната казна со распнувањето, Свети Лонгин, нè воодушевува со неговото срдечно признание и исповедание: „Навистина Овој беше Син Божји!“

Свети Лонгин

Денес Светата Црква го прославува споменот токму на овој благословен и осветен Стотник, Свети Лонгин, чиишто очи биле блажено поросени и очистени од Божествените крв и вода што истекле од пречистото ребро на Господ Исус Христос – ребро прободено од Лонгиновото копје, како доказ дека распнатиот Назареец веќе умрел на Крстот. Видувајќи ги страшните настани што уследиле при тоа грозоморно собитие, како и пресилниот блесок од Христовото Воскресение, овој сведок на последните мигови од Христовиот живот на Земјата и на Неговото победоносно станување од гробот, доживеал некакво необично внатрешно преображение. Па, од учесник во распнувањето на Синот Божји, станал Негов апостол, проповедајќи го прв во својата татковина Кападокија Евангелското слово, како очевидец на страданието и Воскресението на нашиот Господ. Истовремено, тој е меѓу првите што оформил свештена заедница од ученици и последователи Христови, заедно со своите двајца соборци коишто тргнале по него по нивното спасоносно обраќање. Свети Лонгин Стотникот Го прославил Христа Господа и со својата маченичка смрт заради Него, како и со своето чудотворство по смртта. До ден денес тој останува громогласен сведок за Божественоста на Господ Исус Христос и за Неговото сеславно Воскресение, поучувајќи нè со своето сведоштво запишано во Евангелијата и молејќи се за што повеќе души да се зацврстат во верата во Воскресението.

Собрана во негово име и за негов спомен, нашата Света Бигорска Обител го прослави неговиот празник, оддавајќи му достојна чест преку прекрасните богослуженија и особено преку Божествената Евхаристија, со којашто чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и епископ, Неговото Преосвештенство г. Партениј, кој, пак, негува во своето срце посебна љубов за овој римски стотник, очевидец и исповедник на Христовите смрт и Воскресение. 

Мачениче Лонгине сефален, откако Го виде на Крстот Синот Божји, Кој волно пострада и смрт вкуси, кога и Сонцето го виде како светлината своја ја помрачува и како Земјата се тресе, тогаш ти на јудејското собрание му извика: навистина Овој е Син Божји и Господ и Цар на сите! Како Негов близок пријател и ученик моли Го да ги помлува и спаси душите наши.