Богослуженија во чест на бигорските ктитори

Молитвеното торжество во Бигорската Обител во чест на Претечевото славно Усекновение, вчера попладне беше заокружено со ктиторската вечерна богослужба, којашто, според црковната традиција, се служи на денот од храмовата слава. На свеченото вечерно богослужене, на кое претстоеше Неговото Преосвештенство, Епископот г. Партениј, освен нашиот велик небесен застапник, Светиот Јован Претеча и Крстител, молитвено го славевме и првиот ктитор на Свештената Бигорска Обител, нашиот отец меѓу Светиите, Јован Дебранин, Архиепископ Охридски. Свети Јован Дебранин го основал овој славен Манастир во далечната 1020 година, на местото каде што, според преданието и древните манастирски летописи, како пустиножител ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован Крстител.
Веднаш после ктиторската вечерна, беше отслужена и панихида, во која со молитва и должна благодарност се потсетивме, покрај на Архиепископот Јован Дебранин, и на нашите блажени и секогаш спомнувани ктитори: јеромонахот Иларион од дебарско Елевци, кој во средината на XVIII век ја започнал обновата на Бигорски и го купил имотот во Рајчица; јеромонахот Митрофан од Лазарополе, кој го изградил сегашниот прекрасен храм во 1800 година; архимандритот Арсениј од Галичник, кој многу се потрудил околу благолепието на црквата, во негово време бил изработен насекаде познатиот иконостас, биле донесени делчето од Чесниот Христов Крст и светите мошти и положени во тогаш изработениот прекрасен кивот, била изградена манастирската трпезарија и конакот Горни палат, а исто така и храмот на Свети Георгиј Победоносец во метохот во Рајчица… Но, освен за овие најзвучни имиња од долговековната историја на Бигорскиот Манастир, ние се помоливме и за сите други монаси, игумени, дарители, благоукрасители, коишто нѐ задолжиле со ова големо, пред сѐ, духовно богатство што го имаме.
Денес, Старецот г. Партениј отслужи и Архијерејска Литургија за слава и спомен на сите бигорски градители, дарители и подвижници.
Ним и на секогаш споменуваните и достојно блажени ктитори на Бигорската Обител, нека им биде споменот вечен!