Одново заблеска и со благодат нè озари божествената Литургија на Голем Крчин

Онаму каде што земјата и небото се допираат, каде чекорејќи ги пречекуваш првите сончеви зраци што душата ти ја милуваат, каде тивкиот ветер чиниш ти шепоти таинствени нешта и ретките растенија во различни бои мислата ти ја разигруваат, каде сетилата ти ги храни утринската песна што птиците ја пеат и целото твое битие бива разбудено од говорот на тишината, каде умилната молитва тече и срцето ти го загрева, таму горе на македонскиот Тавор, на врвот Голем Крчин (2341 мнв), некогаш одамна нашите неуморни предци подигнале храм, посветувајќи го на Преображението Христово.

По Божја милост и со благослов на саканиот ни Старец и владика Партениј, деновиве, на овој прекрасен планински врв кој се извишува спроти Бигорскиот манастир, дел од нашето монашко братство и сестринство отслужија Божествена Литургија заблагодарувајќи Му се на предобриот Бог што и оваа година нè удостои да Го прославиме Неговото славно Преображение, просејќи благослов за сите луѓе.

Нека Он ја испрати Својата несоздадена светлина, та сите срца да бидат просветлени и загреани со Неговата божествена благодат.