Се излеа благослов над Струга

Откако со својата благодатна посета го благослови и исполни со радост нашето монашко семејство, кое се собра во Рајчичката Обител да го прослави неговиот свет спомен, Св. Георгиј Победоносецот и годинава не ја лиши од својот благослов убавата Струга, осенувајќи ги древните струшки улици преку традиционалната Еордија – Литија со своите свети мошти и чудотворниот образ, како и со двостраната Крнинска икона на Богомајката Пречиста и на нашиот Спасител Христос. Стружани, кои отсекогаш со голема почит и љубов го очекувале овој ден и се подготвувале со посебна усрдност да го прослават славниот и од нив многу возљубен заштитник на својот град, оваа година особено го почувствува неговиот благослов, толку потребен сега, не само за нив туку и за целата земја, па и целиот свет, зафатен од пандемијата. Токму затоа, силно се израдуваа на можноста, во услови на вонредна состојба и заштитни мерки, сепак да го примат тој благослов и да ја стекнат голема молитвена помош во борбата со ова зло. Оти навистина не еднаш се покажала и триумфирала силата на светиот Победоносец против сите зла на овој свет. Еве и над својот дом во Рајчица тој ја спушти својата благодатна заштита, зашто на почетокот на постот, кога градот Дебар наеднаш постана епицентар на пандемијата во Македонија и беше воведен карантин, уште на третиот ден неговите мошти беа изнесени на литија околу Манастирот. Така тој, носен на рацете од чредниот јеромонах и сестрите, го осени дебарскиот крај и со својата чудотворна сила го пресече подемот на болеста во Дебар. Сега, пак, со истата своја грижливост го прегрна градот Струга, оставајќи го својот благослов во него.

Прекрасна глетка беше вечерната под отворено небо, кога пофалбите кон Св. Георгиј одекнуваа силно од устите на псалтите, правејќи целиот град да стане своевиден храм, каде со пасхална радост се слави светиот Великомаченик Георгиј и прославува Бог Кој им дава таква сила на Своите светии. А таа сила подеднакво им се дава на сите, зашто Свети Георгиј бескрајно ги сака сите и на секого во невоља му ја дава својата помош.

Победоносецу наш, угоднику Христов, голема е твојата смелост пред Бога и уште поголема ревноста со која си нѐ возљубил, постојано радувај ги срцата на верните за тие секогаш да ти пеат благодарствени химни и да Го слават Оној Кој толку те прославил. Амин!