Славата на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица

Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат (Јован 15, 19-20).

Секое слово кое излегло од устата Господова се потврдило во искуството на Неговите верни, па и овие, упатени кон апостолите пред самото Негово страдање, најдоа свој полн израз во животите на оние кои беа наречени Негово мало стадо, и кои со ревносна љубов ги исполнија Неговите заповеди. Сепак, тие најнепосредно се однесуваат на безбројните маченици што до крај го последувале неговиот пример, а меѓу тие сјајни ѕвезди најсилно блеска храбриот во маките и победоносен воин Христов Георгиј. Со огнена љубов кон Својот Господ, со неискажливо трпение и силен подвижнички дух, со својата непоколеблива верност кон Христа, се удостои да поднесе и страдање за Него и да ги понесе на своето тело раните на љубовта која го полага својот живот за ближните. Како што вели Старецот Георгиј Капсанис, „светиот Георгиј Победоносец е навистина човек на Воскресението и како што целиот негов живот беше исполнување на Крстот и Воскресението Христово, така и неговиот маченички крај беше триумф над смртта. Затоа и доликува неговиот спомен да се слави во Пасхалниот период – како што се спомнува во стихирите, Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славно Воскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволите и од гревовите.

За нашата Рајчичка Обител споменот на светиот Георгиј е навистина надополнување на Пасхалната радост. Тоа што годинава верните не можеа да дојдат и да ја споделат таа радост и благодарноста за моќното застапништво, со кое св. Георгиј е духовно присутен во нивните секојдневни борби, сепак, не ги лиши од благословот што се издигна над манастирот, блесна посилно од сонцето и ги упати своите зраци кон секој дом, кон секоја душа која со вера го спомнува неговото свето име и ја бара неговата молитвена помош. Зашто, како што пее светата Црква, свети Георгиј е секогаш подготвен да го издигне борбено своето копје и да ги победи сите искушенија и неволји што нѐ мачат. Тој победнички дух провејуваше во секоја стихира со која од устата на псалтите се нижеа пофалби и величанија кон Светиот, исполнувајќи ги присутните во рајчичкиот храм со силна надеж и непоколеблива увереност за неговото невидливо присуство, не само во манастирот, туку и ширум целата наша земја, па и насекаде низ Православието, кое денес е обединето во молитвите кон него за помош во борбата против заедничкиот непријател. Но пред сѐ, го молиме усрдно, како оној кој има голема смелост пред Господа, да измоли од Него да ги разгори со љубов нашите срца, та да Го возљубиме со истата ревност со која Великомаченикот го љубеше до крај, па ги презре и богатството и славата, и се подложи на секакви искушенија и маки само за да Го придобие преслаткиот Христос.

Славен Победоносецу, испрати го својот моќен благослов и застапи се за нас, кои верно ти се молиме, та да светли и да се прославува твоето славно име, постојано и во веки. Амин.