Навечерие на Христовото Рождество

Засветлија мугрите што го најавуваат изгревот на Сонцето на Правадата – Христос Бог. Навечерие на Божик. Темнината на незнаењето отстапува, мракот на безнадежноста се повлекува. На нивно место доаѓа светлината на Божјата милост и убавина. Предвеченото Слово на Отецот се облекува во човечко тело и станува сострадално со човечката природа, за да ја докаже безмерната Си љубов кон Своето создание. Бог стана човек во еден крајно нечовечен свет, во свет исполнет со ѕвероподобни навики, со немилосрдност и суровост; во општество на злоба и насилие и на ропство од секаков вид; во клима на мрачни верувања и небогопознание. Стана човек, за да му ја востанови на човекот неговата човечност. Стана човек, за човекот повторно да стане богоподобен по благодат.

Рождеството Христово и денес ја има истата преобразувачка сила како и пред 2000 години, кога се случило како историски настан. И денес, во овој свет на неправди и нееднаквости, на меланхолија и отуѓеност, на болести и осаменост, Христовото вочовечување светли како единствена надеж и сигурен излез од злото што нè опкружува и опфаќа. Божик и денес ја носи истата радост за сите луѓе, што во она време ангелите им ја објавија на смирените пастири.

Сосредоточени околу таа радост, браќата на Бигорската Обител со својот старец и игумен, Епископот г. Партениј и притекнатите верници го прославија навечерието на Христовото Рождество, навлегувајќи длабоко во празничната атмосфера преку Утрената богослужба и Царските часови, кои со своето химнографско богатство беспрекорно го доловуваат богословието на најголемиот историски настан. За него светло да сведочат продолжија и стихирите од празничната Вечерна богослужба, која, согласно со црковниот типик, денес беше соединета со свечената Василиева Литургија. Литургиското чиноначалствување на нашиот старец и владика г. Партениј претставуваше благодатно воведение во големото торжество што следува на сеноќното Божикно бдение.

Претпразничната благодат што извираше од богослужбите во храмот сведочеше дека Христос навистина доаѓа да се роди во човечките срце. Од нас се бара само да Му ги подготвиме во нас јаслите на смирението и на благодарноста. За кога утре ќе се поздравуваме со „Христос се роди“, навистина да чувствуваме дека Синот Божји си најде место и во нашето срце.

Добро Рождество Христово и благословени празнувања!