(Видео) Свет и Велик Понеделник

Откако го минавме божествениот празник Цветници, да поитаме, верни, кон божествениот празник – кон чесната спасителна тајна на Христовите страдања, и да Го видиме Него, Кој заради нас трпи доброволно страдање, и благодарејќи Му, да Му принесеме песна достојна, умилно викајќи: Господи, Извору на милосрдие, спасоносно Пристаниште, слава Ти

(Стиховна стихира на Вечерната)

Не постои период во годината толку украсен со богослуженија, молитви и созерцанија како што е тоа Великата и Страдална Седмица. Седмица која толку многу го привлекува срцето и ги собира сите наши сили – душевни и телесни – за да нѐ поттикне на длабоки доживувања. И секој нејзин ден прави спомен на разни собитија кои влегуваат во непосреден однос со нас, го опфаќаат нашиот живот, водејќи нѐ кон спасение. Добриот Господ сега оди на доброволно страдање! Душата се трогнува пред овие несфатливи дела што Он ги изврши заради нас. Никогаш толку силно не чувствувала, дека сѐ што Бог направи во дните на Неговиот земен живот, беше за да нѐ соедини со Себе. И гонењето, и презирот, и страдањата и смртта. Умот патува низ времето: како на огромно живо платно ги гледа сите настани, го преживува трогателниот амбиент во кој тогаш живееше Ерусалим. Сега сѐ се открива, утробите се испитуваат, делата се објавуваат. Зашто ова не се само мртви спомени од минатото, туку собитија кои и сега се допираат до нашите срца и ги преиспитуваат. Ја доживуваат длабоката тага и чувството на вина кое се вгнездило во нив заради тоа што Он беше тука, а ние не Го баравме; Он беше со нас, а ние со Него не. Ама ете, во овој единаесетти час, нашиот милостив Господ штедро ни испраќа сили благодатни, кои повторно ни ги разгоруваат срцата со копнеж по Него. Зашто, завршувајќи го Својот земен пат, што го изоде за да го прими јаремот за нашето спасение, Он ја посетува секоја човечка душа, соочувајќи ја со најтаинствени божествени доживувања.

И ете, во овој Свет и Велик Понеделник, кога си спомнуваме за параболата со неплодната смоква, монаштвото на Бигорската и Рајчичката Свештена Обител собрано околу својот Старец, Архимандрит Партениј, молитвено потонато во божествениот примрак на светите храмови, постави почеток на подвигот во дните што следуваат. Ова се мигови кога сиот свет си спомнува за Страдањата Христови, кога човек духовно ги преживува овие настани и умот негов посакува да е со Него – во страдањата и смртта, но и во Воскресението.

Христе Боже, Кој си примил неискажливи страдања, посети ја и мојата неплодна душа и како штедар лекар исцели ја, та спаси ме, Благи, зашто си Човекољубец. Амин.