(Видео) Света и Велика Сабота

Сите денови со коишто е украсена Светата Четириесетница му даваат неопислива длабочина на Великиот Пост. Но, ниеден од нив не зрачи со тој таинствен спокој како Великата и Свештена Сабота. Ова е ден на покој. Исто како што Бог, при првобитното создавање на светот и човекот, во седмиот ден одмори од сите Свои дела, така и сега, во ова пресоздавање на целото човештво, а откако го заврши делото на искупувањето принесувајќи се Себеси на Крст и смрт, во седмиот ден отпочинува, заспива со животодавен и спасителен сон. Со смртта, во рацете на Неговиот Отец Го предава Своето живоносно тело и крвта Негова, излеана за наше избавување. Денес, Словото Божјо со телото во гроб слегува, слегува и во адот со Својата душа Божествена. Но, о големо чудо! Во исто време Он е и со разбојникот во Рајот, на престолот Небесен. Зашто Он е Бог неопислив и неограничен.

Ама зад гробот, таму каде што човечкото око не може да продре, каде што мнозина, според својата слабост, мислат дека завршува сѐ, всушност продолжува животот – зашто Он дејствува во сила и слава. Сега адот се збунува, се разорува, ја чувствува надмоќната сила на Победителот Господ, и поразен, сфаќа дека ќе мора да ги ослободи сите кои уште од века ги беше проголтал. Да, Христос без милост адот го разорува.

Еве сме на прагот за да го доживееме најголемото собитие во сесветската историја – славното Воскресение на нашиот Спасител Христос. Бигорската Свештена Обител духовно заблескува со зраците на Воскресението. Од цветниот епитаф – гробот на нашиот Спасител – започнува да сјае живот, да мириса на победата над злото и смртта кои го расцепуваат целото човештво. Во предверието на најрадосното собитие, нашиот Старец, архимандрит Партениј, делејќи Пасхални ламбади на монаштвото и штитениците на манастирот, ја предвести најголемата победа, победата над смртта. Сега чувствуваме дека доаѓа крајот на земните грижи, на сите страдања во кои човештвото западното беше. Доаѓа крајот на сите страдања кои Богочовекот Христос за нас, луѓето, ги поднесе. Сега разбираме дека тоа што се случи на Голгота и после неа, е израз на најголемата љубов што ни ја отвори вратата кон победната слава, во која ќе сме заедно со Оној, Кој умирајќи ја победи смртта. Не, ние не можеме да дојдеме до потполно познание и да ги разбереме овие големи чудеса, но скрушено празнувајќи и смирувајќи се пред нашиот Господ, ја стекнуваме можноста да ни се открие највозвишеното богословие: дека Бог е Љубов!



Днес Ад
Велика Сабота – Утрена, Оплакување на Христа и литија со Плаштаницата (Пренос во живо)
Велика Сабота – Вечерна со Василиева Литургија (Пренос во живо)