По единаесетти пат во Бигорски „Патот на Црешовото топче“

Свештената Бигорска Обител по единаесетти пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“


Подготвеноста да се жртвува дури и сопствениот живот во името на нашата света вера, за ближните и за Татковината, била една од главните одлики на нашите богољубиви и слободољубиви предци. Евангелскиот дух на себеодрекување во полза на општото добро и на слободата, моќно ги вхадновувал нивните борби и подвизи, до таа мера што тие, согласно зборовите Христови, ја полагале душата своја за своите ближни. Блескавата илинденска историја, која е историја на херојски страданија, натчовечки подвиг, но и на нескршлива вера, љубов и духовна победа, е најјасен показател за тоа применето Евангелие во свештеното минато на нашиот народ. Затоа, секој современ Македонец треба со чувство на долг и благодарност, благоговејно да ја приклони својата глава пред бесмртното дело на оние кои и тогаш, но и во поново време, со својата крв го напоија преслаткиот плод на слободата, од кој денес ние се насладуваме.

Благодарствено сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, Свештената Бигорска Обител по единаесетти пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“. Со благослов на нашиот Старец и игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, групата млади родољубиви комити, предводени од војвотката Рашела Мизрахи, пристигна вчера во Манастирот, а денес зеде молитвено учество во светата богослужба. После завршетокот на молебниот канон кон Свети Јован Крстител, комитите-коњаници: Христијан Мојсовски, Гоце Сековски, Јован Мазароски, Петар Мазароски, Роберт Милески, Стефан Ѓурчиновски, Владо Богдановски, Иван Цветковски, Адам Бекаши и Александар Крстески, од страна на нашето монашко братство примија молитвен благослов за нивниот претстоен коњанички марш до Крушево, каде на 2 август ќе се одржи централната Илинденска прослава.

На овој свечен чин претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, се обрати до присутните со пригодно слово и упати посебна благодарност кон нашиот старец и братството за неуморната родољубива дејност и несебичната поддршка за остварување на манифестацијата „Патот на Црешовото топче“.