Благословено Новото лето Господово

Господ на сите обрезание трпи и човечките прегрешенија како благ ги отсекува…

Денес нашиот смирен и кроток Господ прими на себе уште едно понижување, исполнувајќи го Самиот Законот што му го даде на Авраамa. Оној Кој се роди како немоќно младенче и ја зеде нашата плот, за во ништо да не се разликува од созданието Свое освен во гревот, сега се обрежува како човек нам подобен и доброволно ја поднесува болката поради гревот. Уште од пелени страда за она што не беше виновен. Го прима телесното обрезание, за нам да ни предаде едно посовршено духовно обрезание. Откако му стави крај на старото, законското, ги постави темелите на новото, духовното. Оти, како што старозаветниот човек требаше да го обреже своето тело, така ние, кои се нарекуваме со Христовото име мора да стапиме во борба, за да ги отсечеме своите страсти. Беше обрежан во осмиот ден од Своето раѓање, за со Својата крв да ни го предвести идниот невечерен ден, вечната и неминлива радост.

Но, во тоа вечно Христово Царство влегуваат само оние кои подобно Нему го обрежале срцето, ја пролеале својата крв духовна, борејќи се и страдајќи за Вистината, онака како што светиот Василиј Велики ревнуваше за Него до крај и не се уплаши од затворот, ни прогонствата, ни мачењата со кои му се закануваа моќниците од овој свет. Затоа, денес спомнувајќи си за Обрезанието Господово, Црквата торжествено го слави неговиот свет спомен. Но, како достојно да го прославиме овој духовен великан, кој со крвта на срцето ја запечати својата верност кон Христа? Зарем со пир и житејски наслади? Ајде и ние да се наоружаме со истата бестрашност и ревност и да станеме и самите маченици, ако не по крв, тогаш барем по дух и совест и да го сочуваме името Христијанин неизвалкано од душепогубните страсти, да Му останеме до смрт верни на Оној, Кој уште во осмиот ден пролеа крв за нас, а потоа на Крстот со Својата крв го потпиша документот за нашето ослободување.

Празнувајќи го почетокот на новото благословено лето Господово, Бигорски повторно ги собра во своите прегратки притекнатите верни, кои заедно со браќата и сестрите се собраа под закрилата на нашиот возљубен старец, Епископ г. Партениј, за од него да го примат благословот за годината што е пред нас и да земат удел во прекршувањето на Василопитата. Прекрасната Василиева Литургија беше збогатена со уште една радосна изведба на каланди од нам познатиот и драг хор при храмот на Светите Петар и Павле во Кичево. Од името на сите нив, се обрати хорархот Димитар Угриноски:

Ваше Преосвештенство, возљубен игумене и старец на оваа славна и света Обител, г. Партение,

Сепреподобни и преподобни браќа монаси и сестри монахињи,

Почитувани браќа и сестри,

Пред да започнеме со пеење на Божикните и новогодишни каланди, би сакал од сето свое срце, како и од името на сите членови на нашиот хор, да му се заблагодарам на човекот кој е најмногу виновен за нашата голема радост; човекот кој го иницираше, го помогна и сè уште го помага овој хор составен од прекрасни млади души – духовниот наш татко, Старецот Епископ г. Партениј. Бигорскиот Старец, воден од својата неизмерна грижа за Црквата Христова и имајќи Божјо просветление, како и префинето чувство за доброто и убавото, со години и децении наназад неуморно се труди да го збогати нашето севкупно живеење со убавините и скапоценостите на неисцрпното православно предание. Досега тој со неговото братство, со Божја помош, успеа во нашето општество да внесе значаен културолошки и духообразувачки белег. Во неговата севкупна дејност спаѓа меѓу другото и обновата на византиското пеење кај нас, како и обновата на древни бадникарски и новогодишни народни православни песни.

Благодарни за сето ова, на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, му ја честитаме Новата година и му посакуваме здравје и сили, за уште долго да го продолжи своето благородно свештено-апостолско дело, кое е водено дело и за нашата Црква и за нашата Татковина. Нему со радост му го посветуваме денешниот концерт.

На многаја лета, Владико свети!

Она, пак, што најмногу ги нахрани нашите души беше татковското слово на нашиот старец и владика, кој на еден љубовен и грижлив начин ни ги разгоре срцата со нова ревност за борба со стариот човек, за подостојно следење на Оној Кој е Патот, Вистината и Животот, оти само со Него можеме да станеме победници над самите себе и на злото во светот:

Мили мои, наоѓајќи се на почетокот од  Новото лето Господово, да Му заблагодариме на Бога што нè удостои да ја завршиме претходната и да ја започнеме новата година, како дар од Него, за наше покајание и воздигнување во љубовта Божествена. Зашто, имено во Христа се содржи смислата на нашиот живот. Денес Апостолот Павле, преку неговото четиво што го слушнавме на Литургијата, нè потсети дека во Христа телесно живее сета полнота на Божеството (Колос. 2,9). Со други зборови, тоа значи дека преку Христа, преку Неговото тело, нам ни е дадено да учествуваме во Божествениот и вечен живот, во Рајот, во Царството Небесно.

Следствено, да Му благодариме на милиот наш Христос што првиот ден од новата година го започнавме токму во храмот, на Светата Евхаристија, каде што Самиот Он повторно ни се раздаде, телесно и Божествено, за наше спасение, како залог за идниот, вечен живот. Он сака да биде со нас и на многу начини нè повикува да бидеме и ние со Него. Да не го забораваме ова, мили мои, бидејќи тоа е суштината и смислата на животот на секој човек на Земјата.

Понекогаш се чини дека нашиот живот е бесцелен, празен, без суштина и смисла. Тоа е така затоа што тој е исполнет само со овоземски нешта, со цели и идеали што се насочени само кон овој живот. Забораваме дека Христос е Оној Кој го осмисли животот на човекот; дека Христос е Оној Кој ја исполнува секоја наша празнина. Сите ние понекогаш чувствуваме интелектуална, емотивна, есенцијална празнина. Но, во Него телесно живее сета полнота на Божеството. Он стана човек заради нас. Еве, денес го славиме и Неговото обрезание по тело. Он прими да биде обрезан по тело, за да покаже дека Неговото тело не беше привидно, туку беше вистинско човечко тело. Он, значи, станувајќи човек, стана и смислата и полнотата на нашиот живот. Затоа, да ги избегнеме сите бесцелни трагања по овој свет, како што нè почува и Апостолот Павле: Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос (Колос. 2,8).

Единствено Христос го дава вистинскиот одговор на сите наши животни прашања. Он во Своето Евангелие вели: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6) и нè поканува сите да бидеме едно во Него. Чудесна покана! Никогаш не била упатена ваква покана кон сето човештво, а и нема да биде. Впрочем, тоа е мотото и пораката на Господ Христос кон нас за следнава година: „да бидеме едно во Него“. Тоа е нашиот животен призив, бидејќи тоа е нашето првобитно предназначение; создадени сме да бидеме едно со Него. Затоа Он стана едно со нас, во сè еднаков со човекот, освен во гревот.

Па така, возљубени мои, да Му ја посветиме Нему годинава што ни претстои, почнувајќи од денес, та да му дадеме смисла на овој живот, а да го придобиеме и вечниот, кој е, всушност, смислата и целта на нашето суштествување тука. Со тоа, нашиот живот ќе биде исполнет со внатрешна радост и светлина, а ќе дадеме и придонес за светот да биде поубав. Само охристовениот човек може да се нарече вистински човек, кој знае да му даде смисла на живеењето, жртвувајќи се за другите. Животот во Христа и за Христа претставува љубов. Вистинската љубов, пак, секогаш подразбира жртвување за другиот.

Нека ни е честито и благословено Новото лето Господово, исполнето со вистинската смисла – Христос! Нему да Му ги посветиме сите дни од нашиот живот, та да можеме на правилен начин едни на други да си служиме, едни на други да се предаваме.

За многу години!