Празникот на светлото Преображение

Добро ни е да бидеме овде, Господи (Матеј 17,4)

Таинствената сила на Преображението Христово, денес одново нѐ собира и ни го испраќа Божествениот благослов што ги просветлува душите наши. Љубовта Божја нѐ повикува и богато се излева во нашите срца, просветлувајќи ги и нашите мисли со Божествената и несоздадена светлина. Со неа, пак, смирено се упатуваме кон духовниот Тавор и таму, во прегратките на Христа, се радуваме со празнична радост, истовремено спомнувајќи си за искуството што го имале тројцата апостоли Петар, Јаков и Јован, кои озарени од Неговото блескање, извикале: Добро ни е да бидеме овде, Господи (Матеј 17,4). Денес човечката природа е повикана кон обожение, Бог го прославува човекот и со блескав лик ја обновува неговата убавина.

Оваа сепразнична благодатна светлина ги исполни душите на присутните во Пречистанската Свештена Обител, каде со благослов на Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, празнична Вечерна богослужба и архиерејска Литургија отслужи нашиот возљубен Старец, владиката Партениј, игумен на Бигорската Обител. Прославувајќи го заедно со него овој чудесен по својата смисла празник, верните се радуваа со неискажлива радост, а тој, пак, татковски, преку своите умилни слова ги стопли нивните срца со љубов, длабоко проникнувајќи во тајната на Преображението Христово. Најнапред, Старецот беседеше на Вечерната богослужба за убавината да се биде во Божјата близина, а денес тој ги растрепери нашите срца со словото за причестувањето со несоздадени Божји енергии:

Денешниот празник, мили мои, кој се случил на Таворската Гора го нарекуваме Преображение, затоа што нашиот Спасител, Господ Исус Христос, за прв пат во Својот земен живот, физички се преобразил пред тројца од Своите ученици и им ја покажал славата што како Бог ја има од искони. Всушност, Тој не направил нешто што за Него не е природно, ниту зел некаков друг облик. Само покажал еден мал дел, една искра од Божествената несоздадена светлина на Троединиот Бог, Кој и по суштина и по енергија е Светлина (сп. 1. Јован. 1,5). Затоа во Евангелието што го чувме сега, се вели: лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина (Матеј 17,2). А им се јавил на учениците во таков светол, неискажлив лик, откривајќи им дел од Божјата светлина – онолку колку што можеле да поднесат – за да ги зацврсти во верата, токму пред да започнат Неговите страдања и пред да се предаде на распетие.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Христос, значи, на Тавор не се преобразил во нешто непознато за Него, туку таму на Апостолите им се случило нешто ново. Во тој чудесен и несфатлив за човечкиот ум момент, тие излегле надвор од времето и посакале уште тогаш да пребиваат во вечноста. Оттаму и чудните зборови на Апостолот Петар кој, надвор од себеси, извикал: Господи, добро ни е да бидеме овде! (Матеј 17,4) Учениците ја почувствувале таа неискажлива светлина, таа прекрасна благодат којашто ги извадила надвор од времето, така што посакале да останат вечно со Христа.

Мили мои, православната теологија е токму тоа – теологија на нестворената вечна светлина. Ние не веруваме и не се поклонуваме на некаква створена светлина, како на пример, сончевата, туку на вечната светлина од Троичниот Бог, која сите нѐ озарува. Тоа што се случило на овој празник пред тројцата апостоли, Христос го претскажал претходно, велејќи: Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое (Матеј 16,28). Петар, Јаков и Јован се удостоиле уште пред Воскресението да ја видат и осетат на себе таа неискажлива убавина и слава на Царството Небесно и на вечноста, за кога ќе го видат Крстот на Голгота, да не се расколебаат во верата во Синот Божји. Црквата наша премудро го поместила овој празник да се слави во Богородичниот пост, бидејќи не прилега ваков торжествен настан да се празнува во Великиот Пост, кога сме во атмосфера на скрушеност и покајание. Од друга страна, пак, четириесет дена по Преображение го славиме празникот на Чесниот Крст – Крстовден, така што празнувањето на Таворското собитие останува литургиски поврзано со Крстот.

Да се вратиме повторно на Божествените несоздадените енергии, преку кои ние, Христијаните, се обожуваме. Во една од молитвите на Литургијата на Свети Јован Златоуст се вели: „…Ти, Кој си неискажлив, неспознатлив, невидлив, недостижен…“ Меѓутоа, Бог за нас, сепак, станува спознатлив, видлив, достижен. Како? Токму преку Неговите нестворени енергии, коишто ги нарекуваме уште и благодат. Бидејќи, доколку би биле овие Божји својства создадени, на пример, Таворската светлина, тогаш за луѓето би било невозможно да се соединат со Бог, да станат светлина и да се обожат. Тогаш би испаднале лажни и зборовите на Христос, Кој во Евангелието вели: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14). Така значи, овие енергии, оваа Божја благодат се несоздадени и се дел од Светата Троица, Која истовремено е и суштина и енергија.

Во 14 век избувнала една силна теолошка расправа токму за овие нешта. Имено, на Запад се појавила една ерес, поддржана од монахот Варлаам, кој почнал да проповеда дека енергиите што дејствуваат во Црквата се создадени. Нему и на неговите истомисленици храбро им се спротивставил Свети Григориј Палама, кој бил предводник на оние што автентично го живееле апостолското предание во Црквата. Овој голем Светител и поборник за вистинската теологија извесно време живеел меѓу монасите на Света Гора, каде поучуван од опитните во молитвата старци, а и самиот целосно предаден на молитвата и на трудовите, станал светлина, сад на Божјата благодат, причесник на несоздадените Божји енергии. Заедно со неговите учители и соподвижници непрестајно се молеле со Исусовата молитва, силно ја чувствувале Божјата благодат и го оприсутнувале Царството Небесно уште на земјата. Така духовно усовршен, тој излегол како силен лав да го брани вистинското христијанско богословие. Следувале многу расправии и перипетии, за најпосле, во Цариград да биде свикан собор, на кој било потврдено и утврдено неговото учење за Божествените несоздадени енергии.

Од сето досега кажано, би можеле денешниот празник да го наречеме празник на секој еден од нас. Несомнено тој е и наше лично преображение. Ако историски Преображението се случило само пред апостолите Петар, Јаков и Јован, после слегувањето на Светиот Дух во Црквата, тоа се повторува на секоја Литургија, се случува постојано во животот на Црквата. Бројните Светии, монасите, современите Христијани кои се трудат да живеат светотаински живот во Црквата – сите тие ја чувствуваат Божествената благодат и енергија и затоа овој празник е торжество за сите нас. Секој може да се приопшти кон несоздадените Божји енергии и да стане бог по благодат. Но, да не забораваме дека потребна е и аскеза, подвиг; потребно е да Го ставиме Бог над сѐ, секогаш да ги сосредоточуваме нашиот ум и срце на Него, за сите нешта во нашиот живот да го најдат своето право место. Вчера еден од монасите ми прочита извадок од Свети Василиј во кој вели: „Доколку човек сака да заврши некоја работа, тој го сосредоточува умот на таа работа, за успешно да ја заврши и не мисли на ништо друго. Така и човек кој ќе го сосредоточи својот ум само на Бога, тој ќе почне да заборава на страстите“. Таквиот ќе се возвиши на високо духовно рамниште, симболично – како што Христос ги искачил апостолите на високата гора Тавор. Неопходно е, значи, да се издигнеме високо, над страстите што нѐ прават егоисти; што наместо луѓе според подобието Божјо, нѐ претвораат, би рекол, во чудовишта. Приопштувајќи се, пак, кон Божјата благодат, ние безмерно ќе се радуваме и овде и во вечноста. Нашата душа ќе чувствува умиление и ќе ни доаѓаат солзи на радост. И нема поголема радост за човекот од тоа соединување со Бога. Затоа потрудете се, мили мои, барајте Го усрдно, сосредоточете го умот и срцето само на Него и тогаш ќе ја почувствувате најубавата наслада. А човек кој не се израдувал за Бога и во Бога, тој не ќе знае за ништо вистински да се зарадува; не ќе може во полнота да се израдува ни за радостите во овој свет.

Да Го помолиме милостивиот Бог да направи чудо, та што повеќе луѓе, по својата слободна волја, да ги отворат срцата и да ја почувствуваат оваа неизмерна радост и светлина на Троединиот наш Бог, која денес е пристапна за сите нас!

Амин!