Апостолски благослов за љубовта во Христа

Апостолската проповед која ја улови вселената со мрежите на благочестието и богопознанието, ни дарува и нам денес можност да се насладиме од ревноста и богољубието апостолско, преку празнувањето на споменот на Светите Првоврховни Апостоли Христови Петар и Павле. Словејќи и пеејќи во нивна чест, се восхитуваме на натчовечките напори и трудови што ги претрпувале за распространување на најрадосната вест за Воскресението Христово и вечниот живот, за спасението на сите луѓе. Тие се темелните камења на верата и на Црквата кои се надградија на аголниот Камен, нашиот Господ Исус Христос. Тие се славата на вселената, радост и пофалба на ангелите и на луѓето. Од плодовите на нивните трудови се насладуваме дури до денес, а пофалбата нивна ќе пребива довека!

Нивниот подвиг на љубов не ни е далечен ниту нам денес, бидејќи сме сведоци и очевидци на рамноапостолниот подвиг на љубов и подражавање на нивната силна вера од страна на нашиот возљубен старец и игумен, Епископ г. Партениј, но и на многубројните искушенија и страданија кои секојдневно паѓаат врз неговите плеќи заради Црквата Христова. Како добар пастир и пастироначалник, тој ни е пример за тоа што значи пожртвувано, рамноапостолски да се љуби Христос и Црквата Негова.

На овој празник, нашиот Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј претстоеше на сеноќното бдение и чиноначалствуваше на Светата и Божествена Литургија преку која сатанавме причесници на славата Апостолска и на љубовта Божја, за која сме неизмерно благодарни. По Божествената Евхаристија во големиот манастирски синодикон нашиот Старец нè собра на монашки синаксис, на кој ни зборуваше за монашкиот рамноапостолен призив и подвиг, а како примери на постојан подвиг, жртва, послушание и молитва ни ги истакна Светите првоврховни Апостоли Петар и Павле, на кои не им беше ништо поважно, ни на овој ни на другиот свет, од љубовта Божја. Укрепувајќи нè за подвиг во послушание и молитва, љубов и трпение, ни го пренесе својот татковски и архиерејски благослов, вдахнувајќи ни сили од својот богат духовен капитал.