Именденско торжество во Цариград

Големо достоинство, чест и радост беше да се присуствува и учествува во свештеното торжество на Светата и Божествена Литургија во сечесниот патријаршиски храм на Светиот Великомаченик Георгиј во Фанар, по повод чествувањето на именденот на Таткото на Православните, на Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски Патријарх, Неговата Божествена Сесветост, г. г. Вартоломеј.

Неговата Сесветост важи за еден голем рамноапостолен Патријарх, по ревност слична на онаа на Апостолот Вартоломеј, чие име достојно го носи. Преку неговиот свет благослов заблеска светлината на Божјата милост врз нашата древна Охридска Архиепископија, откако ја прегрна и прими во литургиско и канонско единство со Мајката Црква во Константинопол, а преку неа и со сета полнота на Православната Црква.

Возрадувани и збогатени со ова непропадливо богатство, нашата Света Црква на чело со нашиот Архиепископ г. Стефан, Митрополитите г. Петар и г. Тимотеј, Епископите г. Климент и г. Партениј – нашиот старец и игумен со своето монашко братство и сестринствата, свештенство и многуброен верен народ од Охридската Црква, со синовска љубов и почит, во голема радост и свештен трепет, со неизмерна благодарност и пофалби му го честитаа именденот на домаќинот на Константинополската Мајка Црква, кој широко ги отвори вратите на своето срце и на Мајката Црква за православните верниците во нашата Татковина. Блаженејшиот Архиепископ на Сесветиот Патријарх му подари архиерејска филигранска патерица. Преосвештениот и Богољубив наш Старец и Епископ со своите монаси му подари архиерејска панагија, а пак верниот народ, во знак на благодарност и љубов, му го честитаа именденот на Сесветиот Патријарх, секој еден поклонувајќи му цвеќе во знак на благодарност за љубовта со која нѐ прими во рајската градина на православната полнота.

На сечесното торжеството присуствуваше и големо мноштво на архиереи и претставници од Црквите на Ерусалим, Кипар и Грција, високи црковни и општествени чиновници и помагачи на делото на Црквата.

Во својата пригодна беседа по повод именденот на Вселенскиот Патријарх, Архиепископот Охридски г. г. Стефан, меѓу другото, со восторг истакна:

Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на Свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на  Православната Црква.

Сега е јасно колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните. А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква.

На многаја лета – долгоденствујте  Првоапостоле на Православието! Благодатта Божја да Ве укрепува, па да го чувате светиот поредок на Православието, да нѐ милувате со Вашата татковска нежност и да го прегрнувате сиот свет со Вашата љубов!

Радоста на дедо Патријарх беше изобилна и ги допре сите, бидејќи беше опсипан со огромна благодарност и љубов поради неговата свештена личност, која во пракса го извршува она што го проповеда, секојдневно носејќи го тешкиот патријаршиски крст, живеејќи во мачеништво за Црквата Христова и во светлината на Воскресението. Богомудро управувајќи со кормилото на бродот на Црквата во овие тешки времиња на непослушност и радзори, тој е едно вистинско и светло сведоштво на верата со апостолска ревност, во искрена служба на Црквата Божја, кому со просветлени срца и усни, во духот на љубовта и единството, му извикуваме:

На многаја лета, Ваша Сесветост!