(ВИДЕО) Уште еден спортски подвиг во чест на големиот Јубилеј 1000 год., Бигорски манастир

Искачување со велосипеди на највисоките врвови на планините Дешат (Веливар 2373 мнв) и Крчин (Голем Крчин 2341 мнв)

Спортските подвизи во чест на големиот Јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир не запираат. Овој пат, двајцата искусни планинари и велосипедисти Јовица Апостоловски и Александар Цветковски, поминаа 44 км., со велосипед во еден ден и направија одличен подвиг, за што многу им благодариме и ги благословуваме.

Во чест на 1000 годишното постоење на Бигорски манастир Свети Јован Крстител, реализиравме искачување со велосипеди на највисоките врвови на планините Дешат (Веливар 2373 мнв) и Крчин (Голем Крчин 2341 мнв). Им се заблагодаруваме на Бигорската и Рајчичката Обител кои топло не пречекаа.

Старт на акцијата ни беше Бигорскиот Манастир. Потоа се упативме кон с. Жировница од каде по земјен пат излеговме до бачилото. Продолживме во правец на запад и излеговме на сртот, од каде се упативме јужно, движејќи се по целата должина на сртот што ги спојува планините Дешат и Крчин, искачувајќи ги највисоки врвови Веливар и Голем Крчин.

GPS патека

Од Голем Крчин се упативме источно кон с. Битуше, поминувајќи низ с. Ростуше во правец кон нашата финална точка – Бигорски Манастир Свети Јован Крстител.

Поминавме растојание од 44 км., и совладавме висинска разлика од 2300 м.н.в., за време од 10 часа и 15 минути.

Висински профил

Искачувањето го реализираа Јовица Апостоловски и Александар Цветковски членови при Планинарскиот клуб Х2О.

Спортски подвиг во чест на големиот Јубилеј 1000 год., Бигорски манастир