Успение на Пресвета Богородица во Бигорски

Како гулабица, ранета од љубовта Христова,
сега го облетуваш Престолот Божји,
откако го напушти земното живеалиште.

(Од Статиите на Успението Богородично)

Денес Црквата слави не смрт, туку посрамување на смртта, не заминување туку уште помоќно и подлабоко присуство. Овој празник не значи крај, иако за нас, Христијаните, Успението на Богородица е она за кое се молиме ние самите на секоја служба: „христијански крај на нашиот живот, безболен, непосрамен и мирен и добар одговор пред страшниот Суд Христов“. Сепак, ова заспивање не е крај туку почеток, тоа е наш патоказ кон вечноста. Затоа денешното торжество не е изблик на тага, туку голема духовна радост и продолжение на Христовата Пасха – нашата и Божја Мајка се вознесува во небесата, носена на рацете од Својот Син и во рајските живеалишта во голема слава се воведува. Во него со надеж гледаме знак и залог за нашето идно воскресение и преселување во друг вечен живот. Оти туѓинци сме овде на земјата, во страдања и маки го врвиме ова дадено ни време, но нашата небесна Посредничка помина пред нас и како најмилостива Мајка усрдно ни го покажува патот, мајчински утешувајќи и успокојувајќи нè, дека секој од нас може да дојде при Неа и да се наслади од Нејзината слава, доколку се потруди барем малку да го следи тој богоугоден пат.

И додека со молитвена будност ние, присутните во бигорскиот храм, стоевме пред светата Богородична плаштаница, со разгорени срца го чувствувавме небото близу до нас, соединети едни со други во духот, бидејќи сите заедно го дишевме истото присуство на Бога и Богородица меѓу нас. А нашата молитва беше една – Милосрдната Мајка на верните, но и на сите оние што сè уште не се во Христовото стадо, да се застапи пред Нејзиниот и наш Бог за Он да ги соедини, како некогаш Своите ученици на денот на Богородичното  Успение, сите за кои умрел, сите народи на земјата, во вечна љубов.

А оној кој нè допре со љубовта Христова и љубовта кон Богородица, нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, со своето љубовно и длабоко созерцателно синовско слово, ни ги отвори срцата и ни покажа како да ја примиме во нив оваа љубов со која денес нè посети Господ, преку Својата Мајка:

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Вечерва, мили мои, сме собрани во овој свет Манастир, за со молитви и со благодарност да го прославиме чудесниот празник на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.

Ова сечесно празненство е особено големо и радосно за сето човештво, зашто она што се случило со Пречистата Богомајка во однос на нејзиното упокојување, се однесува и на нас лично. Впрочем, нејзината телесна смрт ја нарекуваме Успение, што значи ‘заспивање’, ‘сон’, бидејќи со Воскресението на нејзиниот Син, смртта веќе нема власт над човекот. Гледаме дека сето она што се случило со воплотеното Слово Божјо, со нашиот Спасител Христос, сега се повторува со Неговата препрославена Мајка. Затоа нејзиното преминување кон небесните обители го нарекуваме не само Успение, ами и воскресение и вознесение на Пресвета Богородица. Таа е, всушност, првото човечко битие, после Богочовекот Христос, кое било вознесено на Небесата и со своето тело. Знаеме од нејзиното Житие дека, кога на третиот ден по погребението, на барање на апостолот Тома, којшто задоцнил за погребот и сакал барем за последен пат да го целива пренепорочното и сесвето тело на Родителката на неговиот Учител, гробот бил отворен, но нејзиното тело не било внатре, а само посмртните покривки. Ѝ доликуваше на Онаа Којашто Му даде тело на Синот Божји, со тело да биде вознесена и со него да седне оддесно на величието на Светата Троица. Денешното торжество ни покажува, значи, дека и нашата смрт нема да биде суштинска смрт, небитие, туку едно успение, заспивање за овој минлив свет и разбудување за вечноста. Се разбира, нашите тела привремено ќе бидат во гробовите, разложени во земјата, но со Второто доаѓање на Спасителот наш Господ Исус Христос, истите ќе воскреснат, ќе бидат пресоздадени и преобразени во духовни тела, за вечен живот во Царството Божјо, во Новиот Ерусалим.


Пред малку го чувме извадокот од Светото Евангелие што секогаш се чита на Богородичните празници. Тоа е евангелскиот расказ за двете сестри Марта и Марија, коишто биле возљубени на Господа Исуса Христа. Сигурно сте го чуле ова зачало повеќепати. Според толкувањето на светите отци овие две жени на симболичен начин ги претставуваат практичниот и созерцателниот живот на Христијаните. Има многу што да се зборува за аскетскиот живот што секој Христијанин треба да го води. Практичниот дел се состои од сите наши дела во поглед на служењето, на работата за полза на ближните, но и оние наши надворешни, телесни трудови заради Христа: постот, воздржанието, метаниите и секој друг подвиг за слава Божја. Созерцанието, пак, подразбира нешто подлабоко, повнатрешно, коешто извира од длабините на нашето битие. Во него спаѓаат: молитвата, смирението, размислувањето за големите Божји вистини и откровенија и сиот вложен духовен труд за приближување кон Божествените предели. Овие две нешта, практичниот и созерцателниот подвиг, секогаш треба да бидат усогласени, за нашиот живот да биде целосен и плодотворен, со нагласок дека духовното, сепак, треба да преовладува над телесното и материјалното. Затоа Господ го истакнал делото на Марија како повозвишено од тоа на Марта, меѓутоа да не беше служењето на Марта, ќе го немаше ни созерцанието на Марија. Така што, овие две нешта се взаемно тесно поврзани и неопходни едно за друго.

Исто така, подвизите на Марија и на Марта би можеле да се сообразат и со двете најголеми христијански заповеди што Господ ги искажал од Своите Божествени усни и се однесуваат на љубовта кон Бога и кон ближниот: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“; тоа е прва и најголема заповед, а втората е слична на неа: „возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22,37-39) Слушнавме од Евангелието, Марта се беше зафатила со многу работи: се грижела за гостопримството на скапоцениот Гостин и на Неговите придружници, ја подготвувала трпезата, правела сè што било потребно за гостите да бидат достојно пречекани. Марија, пак, ништо физички не правела, а само жедно ги слушала зборовите Господови, без да се помести од своето место. Тоа ја натерало Марта да негодува против неа, сметајќи дека додека таа цело време работи, сестра ѝ ништо не прави. Затоа и помислила дека Господ ќе ја разбере и обраќајќи Му се, рекла: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи и да ми помогне“. А Исус ѝ одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10,40-42). Со ова Господ како да сака да ни каже дека добро и спасително е да го љубиме ближниот, да се трудиме за потребите и за доброто на нашите со-луѓе, но, пред сè, тоа треба да го правиме преку призмата на Божјата љубов и исправното богословие. Најнапред, значи, треба безрезервно да Го возљубиме Бога, бидејќи Тој е изворот на вистинската и трајна љубов, на онаа што ќе може дејствително да им помогне на нашите ближни. Во спротивно, оставена само на човечките сили, љубовта ќе биде човекоугодничка, со примеси на егоизам, потрошлива и минлива. И човечката љубов е само едно чувство, едно внатрешно душевно сетило, а имаме безброј примери дека човечките чувства и сетила можат да нè прелажат. Единствено кога е сфатена како христијанска добродетел, како дар од Светиот Дух, љубовта може да биде дејствителна, преобразувачка, душеполезна, и стекнува својство на трајност, како што вели апостолот Павле – љубовта никогаш не престанува (1. Кор. 13,8).

Пораката, значи, од денешното Евангелие е секогаш да Го ставаме Бога на прво место во нашиот живот, да Го возљубиме на цврст, здрав, синовски начин, а потем, преку љубовта кон Него, ќе имаме правилна љубов и кон нашите ближни. Впрочем, тие две нешта, љубовта кон Бога и кон ближните, видовме, се тесно и нераскинливо сврзани. Свети Јован Богослов вели: „Ако некој рече: ‘Го љубам Бога’ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?“ (1. Јован. 4,20) Денес во светот преовладува реториката за алтруизам, за хуманост, за толеранција, но гледани од исклучиво човечки аспект, без Бога, Кој е извор на автентичната човечност. Меѓутоа, и покрај сите човечки настојувања, гледаме колку човештвото е „хумано“: насекаде неправда, социјална нерамноправност, војни, отуѓување, нетрпеливост, злоупотреба дури и во име на хуманоста. Се потврдува тоа што Господ ѝ го рече денес на Марта, дека Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе. Тоа дека, пред сè и над сè, нашиот ум, нашето срце и воопшто целото наше битие, треба да бидат предадени на љубовта кон Бога. Само тогаш ќе можеме на ближните да им даруваме љубов што ќе има преобразувачка и утешителна сила и ќе бидеме способни да ја сведочиме Божјата љубов пред другите и да ги влечеме сите кон Небесата.

Мислам дека со денешното евангелско зачало ни се открива тајната како да се стигне до обожението и до преминот од смрт кон живот. Успението на Пресвета Богородица, т.е. преминувањето од овој во идниот, незалезен живот, се повторило со сите светии, кои Го возљубиле Бога со сето свое битие, а следствено – и ближните како себеси. Овој рецепт што ни го остави Пренепорочната Мајка Божја до ден денес ја има истата сила за спасение и обожение. Знаете, во Христијанството има еден правец наречен исихазам, којшто особено го практикувале и го практикуваат монасите, но, се разбира, тој е подеднакво важен за сите. Главната суштина на исихазмот се состои во тоа човекот постојано, во секое време и на секое место, да се предава на Бога преку молитвата, особено преку Исусовата молитва. Тие што напреднале во ова духовно искуство, во тоа возвишено духовно дејствување, дури и кога телесно спијат, нивното срце и нивниот ум се будни за Бога. Ете тоа е она на кое Христос сака да ја потсети Марта и сите нас: Бог и општењето со Него да ни бидат на првото место во нашиот живот.

Денешното Евангелие заврши со зборовите што Господ Христос ѝ ги упати на една жена, како одговор на нејзиниот благослов со кој таа ја ублажи Мајката Господова, восхитувајќи се на Божествената наука на Нејзиниот Син: „Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел!“ А Тој рече: „Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат“ (Лука 11,27-28). Навистина, богоблажена е Пресвета Богородица, на Која ѝ прилега да се нарекува Царица на небото и на земјата, Мајка на сето човештво, Првенка на Црквата, Застапница на родот Христијански. Таа стана дом Божји и скала за луѓето кон Небото. Ја нарекуваме „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Но, ете, гледајте, Христос сега, со овие зборови, сака да укаже дека честа што ја има Неговата Мајка може да ѝ припадне и на секоја човечка душа што со љубов и смирение се труди да ги запази зборовите Негови. Затоа никој не треба да се обесхрабрува од немоќта на човечката природа, бидејќи Божјата љубов покрива сè. Ние единствено треба да се грижиме и да се трудиме најнапред да Го возљубиме Бога со сè наше, а потем и ближниот како себеси. Царицата Мајка нè повикува токму на тоа призвание: да се облечеме во Христа, како што и Таа целосно се облекла во Него и од смрт преминала во живот; од смртна станала бесмртна, за вечно да пребива во радоста и убавината на својот Син. На чинот на светото крштение секогаш пееме: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Од нас се бара труд, за да ја сочуваме облеката од крштението, т.е. да останеме во љубовта Христова, та и ние да наследиме бесмртност и блаженство со сите Светии, среде кои најголемата слава ја има премилостивата Мајка наша Богородица.

Призивот да се биде мајка е нешто највозвишено и затоа Црквата ја нарекува Дева Марија – Мајка. Преку Неа дарот на мајчинството, на родителската љубов се пренесува и на сите луѓе. Притоа, призивот мајка не се однесува само на биолошките родители, ами и на оние кои духовно раѓаат, како на пример, монахињите. Всушност, секоја жена, без разлика дали телесно родила деца или не, е повикана да биде ваква христоносна мајка, облечена во Христа, за да може да Го сведочи Него пред луѓето. Мајките имаат навистина најголем дар на љубов, но со тоа и многу голема одговорност. Мајчинството како дар од Богородица треба да се поттикнува и развива особено денес, во ова време кога децата се изложени на многу големи опасности за нивните души од електронските уреди и од интернетот. Јас постојано повикувам на будност и внимателност во однос на воспитувањето на децата во денешната епоха, бидејќи многу родители сè уште не се доволно свесни за опасноста од дигиталниот свет по душевното здравје на нивните деца. Лесната достапност до секоја информација и привлечноста на светот од екраните можат да нанесат сериозни нарушувања на психосоматското здравје на детето и да го одвлечат од реалноста на животот.

Нашата Мајка небесна, Која сака да нè направи деца Христови и жители на Царството Небесно, нека биде со сите нас и особено со мајките од нашево време. Таа нè поучува и повикува на духовна будност и трезвеност, на обединетост, на практикување христијански добродетели и созерцание на Божјите вистини, бидејќи само заедништвото на Марта и Марија нè прави целосни во нашата љубов и служба. Ние во нашиот живот честопати ги спротивставуваме принципите на двете сестри, што е, се разбира, погрешно. Знаеме да се преокупираме со грижи за овој свет и така забораваме на Господа. Велиме: тешко ми е да одам в црква, немам време, имам многу обврски, фамилија, работа, пријатели; нема кога да прочитам нешто од Светото Писмо, не ми останува време да се осамам и да се помолам, мора да се работи, да се спечалат доволно средства за егзистенција… Меѓутоа, да знаете дека прекумерниот нагласок на животните грижи доаѓа од лукавиот. Не вели ли Бог да го бараме најнапред Царството небесно и дека сè друго ќе ни се придодаде? (сп. Матеј 6,33) Христос е поседник и распоредител и на материјалните блага, па затоа ние треба над сè Него да Го бараме, бидејќи во Него се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето (Колос. 2,3) и тогаш ќе бидеме вистински радосни и среќни – и во овој живот, а секако и во небесната Татковина.

Пресвета Богородица да нè чува и благослови сите и да нè удостои на оваа Света Литургија неосудено да се причестиме со светите, животворни дарови на Нејзиниот Син и Бог наш Исус Христос, Кому Му прилега секоја слава, чест и поклонение, заедно со беспочетниот Отец и пресветиот и животорен Дух. Амин!