Соборниот митрополитски храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Каламбака и средба со Н. В. Митрополитот г. Теоклит
Вториот ден од нашето патување, во петокот на 5 јуни, го започнавме во подножјето на Метеорите, во древниот, византиски соборен храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Каламбака. Таму мошне срдечно нѐ пречека Високопреосвештениот митрополит Стагиски и Метеорски г. Теоклит, којшто со голема љубов и чест го дочека нашиот Старец, подарувајќи му архиерејска патерица и панагија – благороден чин на братска љубов во Христа.

Монахољубивиот митрополит, и самиот монах од својата 15 година, лично ни ја раскажа историјата на овој свештенолепен храм: подигнат врз темелите на постаро незнабожечко светилиште, тој станал христијански уште во првите векови, и до денес ги чува своите древни мозаици, како и единствениот мермерен амвон поставен во самата средина на храмот – реткост во православниот свет, и камениот балдахин над чесната Трпеза од истото античко време. Да стоиш во таков храм значи да стоиш на самиот зглоб на историјата: таму каде што некогаш се принесувале жртви на идолите, со векови се принесува бескрвната Жртва на вистинскиот Бог во Троица.
Не е ли тоа сликата на самото спасение? Бог не го разурна човекот за да го создаде одново, туку врз урнатините на старото, паднато идолиште го воздигна новиот, жив храм Божји. Така постапува Он и со секоја душа.
Манастирот Света Троица
Од соборниот храм се упативме кон последниот метеорски манастир, оној посветен на Светата Троица, каде што со голема чест нѐ придружуваше самиот владика г. Теоклит. Обителта на Бог Света Троица е позната по својата зашеметувачка положба на врв на отсечена карпа. Таму нѐ пречека отец Дометиј, којшто, подвизувајќи се сам на тој карпест врв, со љубов и жртва ја чува и ја обновува светињата. Стариот храм, граден во неколку етапи, сѐ уште чува скапоцени фрагменти од фрески од 14 и 15 век, како тивки сведоци на вековите молитва. Старецот Дометиј во моментов гради нов, голем и прекрасен храм, којшто ќе биде посветен на Воведението на Пресвета Богородица. Со особено внимание се задржавме и во малиот параклис на свети Јован Крстител, издлабен во самата карпа како пештера, во форма на ротонда – место во кое како самата природа да направила молитвен дом.

Нѐ трогна тоа што еден единствен монах, во името на Светата Троица, го носи товарот на целата обнова и доградба на манастирот. Оти Бог Троица е совршеното општење на Љубовта; и кој живее во Неа, никогаш не е сам, макар и да е единствен на својот камен.































