(Видео) Бигорски соборно го слави својот моќен Застапник, Свети Јован Претеча и Крстител

Откако по Божја промисла засветли од неплодна жена, и го одврза јазикот на својот татко, го покажа Сонцето Кое ја озарува Деницата, и на луѓето во пустината им Го проповедаше Создателот, Јагнето кое гревовите на светот ги зема. Затоа со ревност го изобличи царот, поради што беше отсечена твојата глава, приснопаметен и сефален Јоване. Моли се на Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот свет спомен. (Седален на празникот)

Како достојно да го пофалиме оној кого самата уста Господова го прослави? Како животот што денес се крунисува со славна смрт да добие достојна чест? Житието Претечево се издигнува високо над нашите обични човечки очи во пределите ангелски, бидејќи пред нас стои земен ангел, најголем помеѓу родените од жена, чиешто раѓање беше најавено од Архангелот, чијашто рака се удостои да се спушти на главата на Спасителот. Оној кој проповедаше уште од мајчината утроба и кој громогласно ја продолжи својата проповед во пустината, таинствено подготвувајќи во душите пат за Божјата спасителна проповед. Громко и со огнени зборови ја изложуваше тој Божјата вистина пред цареви и робови, пред војници и книжници, пред оние кои го почитуваа законот и пред оној кој бесрамно го прекрши законот. Не потклекна пред суетата на светот и претрпе затвор, окови и маченичка смрт, страдајќи до крај за вистината. А, што беше тоа ако не сведоштво за самиот наш Спасител кој за себе рече: Јас сум Патот, Вистината и Животот. Така, пролевајќи ја својата крв за вистината, тој всушност пострада за Христа и со своето страдање го предвести Христовото страдање на крстот.  

Големо беше торжеството на Свештената Бигорска Обител, која славејќи го својот небесен покровител, со голема љубов и песнено славословие на двата источно-православни хорови, едниот Бигорскиот, а другиот на Високопреподобниот Архимандрит г. Херувим, умилно ги вознесуваше своите пофалби кон неприкосновениот сведок на Вистината и славен Претеча Господов, Јован. Неговиот моќен повик за покајание достигна до срцата на илјадници верници од земјата и надвор што како непрестајна река течеше кон неговото светилиште покрај Радика и ги слеваа своите молитви со монашките, плетејќи небесен венец од химни за достојно да го украси споменот на Праведникот. Соборното празненство во чест на Свети Јован посебно го украсија нашите возљубени гости: Архимандритот Панарет – Големиот свештенопроповедник на Великата Христова Црква, Вселенската Патријаршија и Архимандритите Матеј и Херувим од православната Црква на Грција, кои сослужуваа во нашата радост.

А Крстителот Господов го круниса литургиското велелепие, принесувајќи го како кротко јагне пред Престолот Господов своето чедо, нашиот собрат отец Григориј, монашка рожба на нашиот Старец, кое го повика на свештеничка служба и го положи над неговата глава архиерејскиот благослов преку раката на нашиот почитуван владика, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј и молитвениот благослов на нашиот сакан гостин и некогашен собрат, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој допатува за да ја збогати нашата радост. Извршувајќи го над него чинот на ракополагање, Митрополит Тимотеј предизвика неискажлива радост и солзи во очите на сите присутни кои со восхит и со громогласен восклик „достоен“ го поздравија тој возвишен чин. Така, Бигорската Обител се украси со уште еден свештенослужител пред Престолот Христов, кој со скрушено срце и смирена молитва секојдневно ќе принесува жртва за прошка на нашите гревови. Нека милостивиот Бог и Неговиот славен Претеча го водат неговото срце низ овој свет и богоугоден подвиг преку мудрите совети и поуки на нашиот свет Старец и игумен, епископ Партениј, за да може достојно да го носи крстот на свештенството што денес доброволно го прими на своите плеќи за слава Божја и за полза на нашата Света Црква.

Нагласувајќи ја во своето пригодно слово важноста на покајанието за духовниот раст на секој Христијанин, нашиот сакан владика Тимотеј го поздрави новиот јеромонах и му посака ревносно да ја прегрне својата нова служба, служејќи му на братството и на својот Старец, како неугасливо кандило пред Бога:


Во името на Отецот и Синот  и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Денеска го прославуваме светиот пророк и претеча Господов свети Јован Крстител кој проповедал покајание на луѓето и ги учел да веруваат во Оној Кој доаѓа по него. Мисијата на Претечата била поврзана со проповедта на покајанието, зашто без покајание, без сознание за сопствените гревови, човекот е неспособен да го открие своето срце пред Бога. Покајанието е неопходен и прв чекор кон спасение. Покајанието не е само едновремен чекор, туку е должност на човекот во целиот негов живот, од најраната младост, па сѐ до староста. Идеалот на покајанието треба да го води секој наш ден.

Ние секој ден треба да се обраќаме кон Бога со молитва за прошка на гревовите, да не се молиме само механички, според научениот тек, туку од срце да стоиме пред Бога и да ги изнесуваме своите гревови и сето она што сме го направиле во животот. Треба да се подвргнуваме на Божјиот суд за сето она што се случува во длабочината на нашата душа и од Бога да бараме прошка. Само ова е показател дека ние живееме вистински духовен живот. На почеток, покајната молитва може да се покаже како втемелување на вистинската вера. Тоа може да ни одземе само неколку мигови, но постепено може да стане навика и постојано да го следи човекот во текот на целиот живот. Човекот функционира на тој начин насекаде – на улица, на работа и во домот.

Свети Јован Крстител и Претеча проповедал покајание и ги подготвувал срцата на луѓето за да го примат Евангелието. Така, и ние преку покајание ги подготвуваме своите срца за примање на Божјата благодат. Верата постојано е подвргната на различни искушенија. Но, ако ние одвнатре ја храниме и ѝ даваме сила со покајанието, таа станува опитна. Но, што се случува со свети Јован Крстител? Него го почитувал народот. Тој водел аскетски живот – отишол во Јорданската пустина и јадел од тоа што го давала пустината. Во Евангелието се вели дека се хранел со скакулци и див мед (Мт. 3, 4). Тој никогаш не пиел вино. Ги поразувал луѓето со својот аскетски живот, со својата вера и со пророчкиот дар. Многумина доаѓале на реката Јордан за заедно со него да влезат во водите на реката и да испросат од Бога прошка преку искрено покајание.

Но, колку непријатен и страшен бил неговиот крај! Иако свет човек и несомнен авторитет за сиот народ, тој станал жртва на пијаниот управител. Кога би се случило нешто слично во нашите денови, многумина би го користеле тоа за да донесат непријатни заклучоци и да постават прашања: Каде е тука Бог? Каде е правдата? Но, примерот на свети Јован зборува за тоа дека за Бога нема важност овој, туку вечниот живот. За Него сѐ е еден живот. Тоа што се случува во овој живот не е конечно. Инаку целата наша историја би се претворила во бесмисленост. Додека правиме силни човечки дела, борејќи се за подобар живот на земјата, треба да знаеме дека сите наши усилби завршуваат во идниот живот. Сѐ што работиме во овој живот има своја перспектива во вечниот живот.

Свети Јован Крстител и Претеча направил големи дела. Воопшто не мислел за тоа што сѐ тоа може да предизвика. Тој доживеал страшна смрт како плод на веселбата на пијаниот управител. Тоа не бил бесмислен крај на праведниот живот туку голем маченички подвиг. Крај во името на Божјата правда. Крајот на свети Јован сведочи дека нашиот живот овде на земјата, каков и да е, ќе добие вистинска смисла и награда во вечноста. Таму, во вечноста ќе си најде своја конечна смисла за секое дело.

И ние да се обратиме со молитви кон свети Јован Крстител, за тој да ја засили нашата вера. Тој да нè поведе по патот на покајанието. Да отфрлиме сѐ што нѐ оддалечува од правдата и вистината и така да се соединиме со Бога.

Амин!