Поклонение на Светите Метеори (трет дел)

Манастирот Голем Метеор (Преображение Господово)

Највисоко од сите врвови, речиси „среде небото“, нѐ очекуваше Големиот Метеор, најстарата и најголема обител на Метеорите, посветена на Преображението Господово. Тука сѐ започнало: на овој Широк Камен преподобниот Атанасиј Метеорски во средината на 14. век ја основал првата општежителна обител и ѝ го дал на карпата името со коешто сега се нарекува целиот крај – „Метеорон“, возвишениот. Најпрвин подигнал храм во чест на Пресвета Богородица Метеоритиса, а потоа и соборниот храм на Преображението. Делото го продолжил неговиот наследник, светиот Јоасаф – порано Јован Урош Палеолог, крал на Тесалија, којшто, „како добриот трговец“ од Евангелието, ја заменил кралската багреница за бедна монашка риза и Го избрал Христа наместо престолот. Двајцата ктитори, светите Атанасиј и Јоасаф, се празнуваат заедно на 20 април како ктитори на Метеорите.

Great Meteoron Monastery
Манастирот Голем Метеор (Преображение Господово), Метеори

Игуменот на Големиот Метеор, старецот архимандрит г. Нифонт, нѐ пречека со голема љубов, а на нашиот старец, во знак на добредојде, му подари архиерејски жезол. Се поклонивме на моштите на светите ктитори, како и на бесценетите светињи на обителта: моштите на светите Василиј Велики и Јован Златоуст, чесната глава на великиот монашки учител – преподобниот Јован Лествичник, моштите на светиот Пантелејмон и на раката на света Параскева. Пред нас засветли и главната, чудотворна икона на Пресвета Богородица Метеоритиса. Старецот Нифонт нѐ почести и со предавање за историјата на обителта, по што нѐ поведе низ прекрасниот музеј, со древни ракописи, свештени садови, икони и одежди – сведоштва на шест века непрекинато монашко присуство.

Денот го заокруживме со братска трпеза во величествената трпезарија со високи сводови и камени столбови, една од најубавите манастирски трпезарии. Беше тоа вистинско Авраамово гостољубие: на трпезата, заедно со храната, се споделуваше и љубовта на едно благословено братство.

Стоејќи на тој врв, во храмот на Преображението, нѐ обзеде истото чувство на апостол Петар на Тавор: „Господи, добро ни е да бидеме тука“ (Матеј 17, 4). И навистина, кога човекот ќе се возвиши, макар и за миг, над полето на своето секојдневие, открива дека местото на Бога е секогаш добро за живеење.

Манастирот Света Варвара – Русану

Последна тој ден нѐ прими Русану – можеби највпечатливо сместената обител во сите Метеори, израсната како од самиот врв на една тесна камена игла, така што целата го покрива гребенот на карпата. Денес е женска обител, посветена на света Варвара, иако нејзиниот соборен храм му е посветен на Преображението Господово. Подигната е во 1545 година од двајцата браќа од Јанина, светите Јоасаф и Максим, на местото на постар храм, а нејзиниот прекрасен живопис е завршен во 1560 година, во времето на игуменот Арсениј.

Rousanou Monastery
Манастирот Света Варвара – Русану, Метеори

Пригодно е тоа што токму света Варвара – Великомаченицата којашто затворена во кула од својот татко-незнабожец, токму таму ја спознала Светлината на Света Троица – е покровителка на оваа света обител, и самата вознесена како кула меѓу небото и земјата. Тука, среде таа убавина што го одзема здивот, нашиот Старец, во разговорот со љубезната монахиња што нѐ пречека, со топлина се присети на своето прво доаѓање во Метеорите, пред триесетина години, и на гостопримството на блажено почината старица Филотеја, којашто се упокои во деновите на пандемијата. Беше тоа трогателен миг, сведоштво дека поклонението не е само сретнување со камен и со фреска, туку и со живи лица, со охристовени старци и старици чиишто души остануваат врежани во срцето засекогаш. Така, секое поклонение е и навраќање кон лицата коишто еднаш нѐ примиле со љубов и коишто, дури и кога ќе се упокојат, продолжуваат да нѐ пречекуваат од другата страна на животот.